2.8 C
Skopje
Thursday, November 21, 2024
spot_img

Проф. д-р Виолета Цветкоска: Податоците се гориво на вештачката интелигенција

Проф. д-р Виолета Цветкоска од Економскиот факултет при УКИМ, го пренесува своето знаење и вештини на студентите и менаџерите, овозможувајќи им да станат професионалци водени од податоци, помагајќи им на компаниите да добијат конкурентна предност преку оперативни истражувања, бизнис аналитика и вештачка интелигенција (ВИ). Таа е сертифициран тренер за MonsoonSIM – прва платформа за бизнис симулација и гемификација која е водена од вештачка интелигенција и која се фокусира на искуствено учење. Оваа платформа за прв пат е користена во нашата држава на Економскиот факултет – Скопје при УКИМ на предметот Основи на бизнис аналитика. За искуството и продобивките од платформата, поразговаравме за Приказна.

Што претставува платформата, може да ни ја дефинирате MONSOONSIM?

Д-р Виолета Цветкоска-Сите ние денес живееме во дигитална ера која многу побрзо од очекуваното ни ја отвора вратата на вештачката интелигенција, а буквално горивото на вештачката интелигенција се податоците.

Неодамнешно истражување од областа на аналитиката покажа дека најбараната вештина во иднина на работните места ќе биде податочната писменост. Значи да се знае како да се читаат податоците, како да се анализираат, да се комуницираат. 85% од анкетираните менаџери укажаа дека оваа вештина ќе биде толку значајна како и денес работата на компјутерите. 89% од испитаните менаџери укажаа дека ќе бараат од секој член на тимот да им објасни како податоците помогнале во донесување на одлуките и 40% од менаџерите истакнале дека за три години од сега ќе бараат да има позиција директор на автоматизација. За разлика од нив, вработените на истите анкетни прашања 58% одговориле дека ова е вештина што ќе им помогне да останат релевантни на пазарот на трудот зашто рапиден е растот на вештачката интелигенција.

Пред сè ние сме една мала држава во развој и доколку сакаме да бидеме конкурентни на пазарот и добар партнер за соработка со развиените држави, ние мора да започнеме со имплементација на вештачката интелигенција како во јавен, така и во приватен сектор. Некаде во 70 – те години развиен е модел 70/20/10 за тоа како ние учиме. Се смета дека најмногу учиме преку искуствено учење или 70%, потоа 20% дека учиме преку интеракција со другите луѓе, а 10% со посета на формални образовни настани. Водејќи се од тоа развиена е платформата MONSOONSIM која се базира на бизнис симулација. Се симулира бизнис опкружувањето онака како што и реално е и гејмификација. Значи се вклучуваат елементи на игра во насока да се премости тој јаз што постои помеѓу теоријата и праксата. Платформата е развиена 2012 година, а за првпат во образование се применува од 2013 година.

На што се фокусира MONSOONSIM?

Д-р Виолета Цветкоска – Главно постојат четири столба на коишто се фокусира оваа платформа. Првично тоа е гемифицирано учење. Вклучува елементи на игра. Имаме сертифициран обучувач којшто може да биде од академската средина, меѓутоа може да биде од компаниите, корпорациите … Тој го има добиено сертификатот за да може да работи со оваа платформа. Потребно е сите учесници да бидат поделени во тимови. Или основаат компанија или работат во компанија. Во таа насока имаме еден тип натпревар. Секој тим е конкуренција за другиот. На пример тие нудат ист производ или услуга на пазарот. Од друга страна имаме покажување резултати. Модераторот е тој којшто определува како ќе го мери успехот на тимовите. Буквално се гледа кој тим какви резултати постигнува. Тоа го прави процесот да биде забавен за учесниците.

Втора работа, овозможува инклузивност, затоа што сите се дел од таа виртуелна училница. Дополнително имаме можност да го следиме прогресот. Едукаторот гледа како постапува секој тим и какво е учеството на секоја индивидуа. Тоа овозможува студентите кои заостануваат од другите да им се даде фидбек во реално време за да ги подобрат резултатите. Се применува во низа бизнис концепти: маркетинг, финансии, претприемништво. Овозможува да се симулираат реални сценарија.

За што сè може да се користи платформата?

Д-р Виолета Цветкоска-Основната идеја е учесниците да можат да ги разберат секторите во бизнисот, во компаниите, во корпорациите … И да ги разберат бизнис концептите во одделни сектори. Овде се гледа синергијата, ефектот што се постигнува, да може тоа да го разбере во една целина. Пример, ако се земат елементи од финансии, може да се посветиме на финансиска анализа, буџетирање, маркетинг, како да позиционираме производ, како да направиме ценовна стратегија, вклучуваме и човечки ресурси со цел да имаме регрутација на вработени, нивна обука, следење перформанси, така што има мноштво бизнис концепти кои оваа платформа ги обединува.

Во кои држави се применува платформата?

Д-р Виолета Цветкоска-Ја користат околу 290 универзитети и корпорации ширум светот. Има повеќе од 2000 сертифицирани обучувачи и преку 120 000 учесници кои минале низ процесот на платформата. Бележи примена во Австралија, САД, во Сингапур, а во Европа се применува во Германија, Украина и трета на картата е Северна Македонија. Оваа платформа за прв пат беше применета на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, на Економскиот факултет, на предметот „Основи на бизнис аналитика“.

Која е корисноста, придобивките од користењето на платформата?

Д-р Виолета Цветкоска – Најпрво платформата е доста едноставна за користење. Самиот интерфејс овозможува секој од учесниците лесно да се снајде. Дополнително овозможува стекнување знаење од низа бизнис концепти како една целина. Овозможува влечење сознанија од податоците. Учесниците работат на анализа на податоци кои ќе помогнат за донесување подобри одлуки и креирање одредена конкурентска предност за компаниите. Тоа е клучно.

Прогресот на една држава зависи од образованието на нацијата. Од суштинско значење е студиските програми да нудат стекнување вештини и знаење кои ги бара бизнисот. Ако постои тој јаз, мора да се намалува. Со ваков иновативен тип учење и настава, учениците буквално ќе бидат подготвени за своите први работни места и да ги изучуваат напредните концепти.

Платформата е присутна кај нас од 2020 година, какво е Вашето искуство, колку сте задоволна од студентите и нивното знаење?

Д-р Виолета Цветкоска-Секогаш кога сакаме нешто да промениме, многу ни е важен резултатот што ќе го добиеме и колку се задоволни студентите. Ја применивме на предметот „Основи на бизнис аналитика“. Креирав бизнис окружување за студентите. Сите да работат во компанија од иста дејност и нудат производ на пазарот. Тимовите се беа конкуренција. Имаа можност да видат какво е влијанието на конкуренцијата, да ја воспостават ценовната стратегија, конкретно кога треба да намалуваат и да зголемуваат цени, согласно низа влијанија што се случуваат, потоа да направат стратегија и за човечки ресурси, да анализираат продажба, како да управуваат со готовина, ако добро оди бизнисот каде да се прошират.

Од суштинско значење е локацијата и на кој следен пазар би можеле да настапат. Конкретно овде направивме едно поврзување. Во едниот дел на изучување на предметот ние учевме методи и техники на аналитиката која има четири дела: описна аналитика која секогаш ни дава одговор на прашањето: што се случило? Какви ни се резултатите? Студентите тука ги визуелизираа постигнатите резултати. Потоа се поставува значајно прашање: зошто резултатите се такви? Зошто приходот во некои денови е повисок? Зошто пораснале трошоците? Тука ги дијагностицираа причините на добиените резултати.

Понатаму се движевме во тој столб на предиктивно моделирање кој ни дава одговор на прашањето: што ќе биде во иднина? Користеа методи и техники да предвидат каква ќе биде идната продажба. Значи, дали клиентите ќе продолжат да го купуваат производот или услугата или можеби нема веќе да бидат лојални на нивната компанија. И на крајот користеа методи на симулација, на оптимизација да ни дадат одговор на прашањето: што да се прави понатаму за да ги постигнат поставените таргети? Правеа сумарен извештај во кој ги презентираа сите овие наоди и секој член на одреден тим мораше да учествува во презентацијата.

Покрај стекнување вештини како решавање проблем, одлучување, аналитичко, критичко размислување што се круцијални за бизнис секторот, тие се стекнаа и со меки вештини. Комуникациски вештини, зошто е важно да се работи во тимот, зошто е важна анализата на податоци. Секогаш кога ќе се постави оној дел за стекнување ново знаење и вештини се надоврзувам на мислата којашто ја има кажано најголемиот гуру за менаџмент Питер Дракер кој вели дека најважната вештина на 21. век е вештината да се учат нови вештини. Само така можеме да бидеме компетентни и да одговориме на сите предизвици во бизнис секторот.

Документарен магазин Приказна

Како во иднина ќе се развива платформата? Што би им порачале на студентите, на следните генерации?

Д-р Виолета Цветкоска-Неминовна ќе биде соработката на академската средина, на креаторите на политиката и на сите засегнати страни да работиме заедно за да може да воспоставиме вакви иновативни пристапи на настава и на учење, не само на нашата високообразовна институција зашто сметам дека тоа е од суштинско значење да имаме квалификуван кадар кој е значаен за развојот на државата. Ние планираме да продолжиме со овој тип на искуствено учење. Моментално и нашата институција е во процес на апликација за најпрестижната акредитација во светот, тоа е АЦСБА акредитацијата која во фокусот го има и делот на вклучување на технологии во програмите, меѓутоа и колку е значајно искуственото учење што го добиваме со оваа платформа.

Наташа Јанкулоска Торевска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,724FansLike
3,383FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ