Дома Став Интервју Проф. д-р Андон Чибишев: Паѓа старосната граница на злоупотреба на алкохолот

Проф. д-р Андон Чибишев: Паѓа старосната граница на злоупотреба на алкохолот

Паѓа старосната граница на злоупотреба на алкохолот. Денешните млади луѓе малку време посветуваат на слободни активности. Повеќе ги интересираат телефоните, се собираат по кафулиња… Таму неминовно ќе испијат по некоја чаша алкохол. Сакам да напоменам дека алкохолот е исклучително опасен на таа возраст од 12 до 18 години. Тој организам е во развој, тој централен нервен систем исто така е во развој. Внесувањето алкохол многу неповолно делува на менталното здравје на младите луѓе и може да доведе до неповратни иревирзибилни оштетувања на мозокот коишто понатаму можат да влечат многу последици. Земањето голема количина алкохол со кое младите може да се доведат до ситуација да изгубат свест  или да станат неконтактибилни, што пак, исто така е многу опасно, вели во интервју за Приказна, проф. д-р Андон Чибишев –  специјалист во Клиника за токсикологија и редовен професор на Медицинскиот факултет

Што може да ни се случи ако конзумираме или злоупотребуваме алкохол? 

Чибишев– Тоа е едно широко прашање. Прво зависи кој тип алкохол земаме, дали жесток алкохол или пијалак со помал процент алкохол во содржината. Многу зависи и тоа на која возраст е индивидуата која го конзумира, кој пол е… Многу зависи исто така од временските прилики и настанот или местото каде што се конзумира алкохолот. 

Сите овие фактори можат да влијаат врз тоа дали алкохолот за кратко време ќе ја постигне својата цел т.е. ќе го изрази своето дејство или  тоа ќе биде побавно. Многу зависи и тоа дали алкохолот се конзумира на гладно или на полн желудник или со или без мезе.

Кога е во прашање македонската традиција, некои луѓе денот го започнуваат со чаша ракија. Дали сметате дека оваа навика е нормална, природна, здрава или ќе ја забраните? 

Чибишев– Македонската традиција содржи многу специфичности, поднебјето е такво, се произведуваат разни видови алкохол. Слободно ќе кажам дека во Македонија се произведуваат најубавите вина во светот. Тоа го кажувам јавно и го кажувам пред претставници од други држави. Покрај тоа се произведуваат и други типови алкохол: ракија, вињак, мастика… 

На конкретното прашање ќе Ви одговорам дека не е пожелно денот да го започнуваме со чашка ракија. Иако во некои делови на Македонија има таква навика, сепак не е баш пожелно затоа што алкохолот на гладно срце многу  брзо се ресорбира, практично уште додека е во устата и по цела должина на  дигестивниот тракт и може токму наутро да направи непотребен проблем. 

Им советувам на граѓаните подобро денот да го започнат со цеден сок или смути од разно овошје, така многу подобро ќе се чувствуваат, а чашката ракија нека ја остават за малку подоцна.

Кога сме кај традицијата, ние сакаме по различни поводи да кренеме чаша, да наздравиме. Дали на тој начин му штетиме на организмот или сепак, алкохолот ни прави да се опуштиме и да се расположиме? 

Чибишев– Сите настани си носат и свои специфики. Обично кога имаме убави случувања сите сакаме да испиеме по една чашка алкохол, убаво македонско вино, пиво или ракија. Мислам дека ако се задржиме на таа доза нема ништо да ни се случи. Јас не познавам и не сум сретнал во мојата долгогодишна професионална кариера некој да настрадал од една чашка, дури и да е тоа жесток алкохол. Меѓутоа, проблем може да настане ако после таа чашка посакаме уште една. После третата чаша, дозите не се бројат затоа што паѓа критичноста, се опуштаме, расте расположението и веќе не водиме контрола колку ќе испиеме. Можеме да се доведеме во ситуација да оставиме лош впечаток во околината или да стигнеме до токсикологија каде што ќе мора да бидеме третирани за да се вратиме во нормална состојба.

Како да препознаеме алкохолно труење? 

Чибишев– Алкохолот индивидуално делува на сите луѓе. Има луѓе коишто можат да поднесат поголема количина алкохол. Има такви коишто не можат да поднесат ни минимална количина. Важни фактори се и дали се конзумира со храна, дали на полн желудник, дали на студено, или на топло време, дали е жена или маж, која возраст е, моменталната здравствена состојба на индивидуата… 

Човек којшто земал недозволена количина алкохол се препознава по тоа што сака да остави голем впечаток во околината, зборува многу,  нападен е, агресивен, сака да се расправа, сака да влијае на мислењето на другите во друштвото… 

Лесно се препознава почетната алкохолизирана состојба.  Сите кои земале голема количина алкохол обично имаат мирис на алкохол,  а честопати се случува луѓе кои зеле голема количина алкохол да се со загрозена свест т.е. или се во кома или во преткоматозна состојба. На почетокот, веднаш не може да се препознаат дека се под дејство на алкохол. Освен ако добиеме податоци од околината. Некој што бил со него, па го видел дека конзумира многу алкохол или некој што го нашол негде, а покрај него имало празна амбалажа од алкохол. 

Ние сме премногу искусни и тоа веднаш го препознаваме. На родителите коишто се сомневаат дека нивните деца зеле поголема количина алкохол им препорачувам веднаш да го донесат на Универзитетската клиника за токсикологија, каде што има обучени тимови да ги препознаат и да ги третираат овие пациенти.

После примање инфузија, веднаш ќе му стане добро на младиот пациент, или треба повеќе време да се стабилизира? 

Чибишев– Се’ уште не е познато средство коешто може да го забрза разградувањето на алкохолот во организмот.  Единствен фактор кој може да го забрза разградувањето е здрав црн дроб. Црниот дроб е првата бариера низ кој поминува алкохолот. Тука се разградува на нетоксични компоненти. Потребно е време црниот дроб да си ја заврши својата работа. Ако црниот дроб не е здрав, тогаш алкохолизираната состојба ќе трае подолго. 

Има некое непишано правило кое сесрдно го користиме и во пракса, дека големите концентрации на Ц витамин можат да го поттикнат и црниот дроб и да го забрзаат разградувањето на алкохолот. Сепак,тоа не е докажано со релевантни статистички клинички студии. И ние во третманот им даваме Ц витамин. Старите знаеле дека ако некој се напие му давале да пие расолница која содржи Ц витамин и на тој начин му помагале да се врати во стварноста.

Што предизвикува алкохолот кај тинејџерите? Кои се последиците по нивното здравје? 

Чибишев– Паѓа старосната граница на злоупотреба на алкохолот. Денешните млади луѓе малку време посветуваат на слободни активности. Повеќе ги интересираат телефоните, се собираат по кафулиња… Таму неминовно ќе испијат по некоја чаша алкохол. 

Сакам да напоменам дека алкохолот е исклучително опасен на таа возраст од 12 до 18 години. Тој организам е во развој, тој централен нервен систем исто така е во развој. Внесувањето алкохол многу неповолно делува на менталното здравје на младите луѓе и може да доведе до неповратни иревирзибилни оштетувања на мозокот коишто понатаму можат да влечат многу последици. Земањето голема количина алкохол со кое младите може да се доведат до ситуација да изгубат свест  или да станат неконтактибилни, што пак, исто така е многу опасно. Може да се случи таму кадешто го испиле алкохолот да легнат и да чекаат да се отрезнат и не ги носат дома за да ги видат родителите. При тоа може да направат нагон за повраќање, да повратат и да повлечат од храната во дишните органи односно да аспирираат и да се задушат т.е. да не можат да дишат. Во мојата клиничка пракса имам видено неколку такви трагедии затоа и ова го потенцирам.

Кога е статистиката, но и Вашата лична пракса, каков е соодносот кои се Ваши почести пациенти жените или мажите, сеедно дали е акутна или хронична состојба? 

Чибишев– До пред десетина години мажите доминираа во злоупотреба на алкохолот. Меѓутоа како поминува времето жените многу сериозно ни се приближуваат во бројката и во процентите. Жените и мажите во нашето општество се рамноправни во секој поглед. Кога ќе седнат на маса или кога ќе прославуваат нешто сакаат да бидат рамноправни и во пиењето алкохолни пијалаци. 

Најодговорно можам да кажам дека и жените сериозно злоупотребуваат алкохол. Многу пати се соочуваме со случаи каде што  и жената и мажот се под дејство на алкохол, или мажот е со помала количина, а жената во потешка состојба. Двајцата треба да добијат третман, но карактеристика е тоа што жената е во потешка состојба. Тоа е така и заради полот, нели жените помалку поднесуваат алкохол.

Често се случува луѓето да ги заменат психолозите со чаша алкохол, како тоа влијае врз нивниот мозок? 

Чибишев– Тоа е многу лоша навика. Консултацијата со стручни лица лошо е да се заменува со алкохол. Денес има два феномена кои можат да бидат многу сериозни и да доведат до  зависност или тешки нарушувања кај луѓето. 

Нашиов народ кога сака нешто значајно да направи ќе испие една чаша алкохол да добие храброст. Или, вториот феномен, ќе испијат дијазепам од 5 мг за да бидат посталожени , постабилни, во дејството што сакаат да го направат. Тоа е голема заблуда, грешка која често доведува до развивање зависност или од алкохол или од медикаменти.

Наташа Јанкулоска Торевска

Exit mobile version