Дома Најнови Прим. д-р Павлина Васкова: Злоупотребата на алкохол е проблем на целото семејство

Прим. д-р Павлина Васкова: Злоупотребата на алкохол е проблем на целото семејство

Во процесот на лекување, задолжително треба целото семејство да учествува. И она што е исклучително важно е дека мора да се научи семејството како да живее без алкохол.

Самото лекување не е тој да престане да пие. Тој треба да научи да биде и на свадба, и на прослави, и проблеми во животот кои ќе му се јават, да ги решава трезвено, а и убави работи кога ќе му се случуваат, трезвено да ужива во нив, вели во интервју за Приказна, невропсихијатарот, прим.д-р Павлина Васкова

Во нашата земја, алкохолот е дел од бројни настани, и среќни и тажни. Кога алкохолот станува проблем?

Прим. д-р Павлина Васкова Почнуваме од раѓањето, кога родителите ги викаат на мекици роднините веќе се служи алкохол. Дури некаде наместо мајчино млеко, знаат со прст да му стават на бебето капка ракија. Се служи во сите прилики, нема куќа каде што нема алкохол.

Апсолутно алкохолот е влезен во нашиот животен стил и не значи дека самото пиење како пиење е проблем. Сè додека е во една социјално прифатлива рамка или граница не е проблем. Проблем е кога ќе се јави зависност. Сите можеме да се опијаниме. Тоа не е некој проблем.

Проблем е ако возиме, се тепаме итн. бидејќи алкохолот го менува нашето однесување. Злоупотребата на алкохолот станува проблемот тогаш кога тој ќе се вгради во работата на секоја човечка клетка. За нашите клетки нормално да работат им треба белковини, масти, шеќери, течности.

Алкохолот или етанолот ја има таа особина да се вградува во работата на секоја човечка клетка и веќе нашите клетки не успеваат да живеат без алкохол. Тогаш се јавуваат тие апстиненцијални кризи, промени во однесувањето, во помнењето, на целокупното живеење на личноста којашто пие, па и во работната организација, а највеќе во семејството.

Дали кога се лекува алкохолизмот се работи со целото семејство?

Прим. д-р Павлина Васкова За да некој стане зависник, не е тоа еднаш да се опијани или два пати. Треба редовна консумација или употреба на алкохол 3-5 години.

Не е важна количината на алкохол која се пие, не е битен видот кој се пие, бидејќи сите сме различни личности, но кога тој ќе се вгради во нашите клетки, целата фамилија почнува да страда, а бидејќи тој е напиен, знае да ги истепа, да ги измалтретира. Дури и да нема физичко насилство, психички цело време се напнати, анксиозни. Знаете како, кога се лекува злоупотребата на алкохол, без лекување на целото семејство нема да имаме успех.

Ако од 3 до 5 години треба некој да стане зависник, да се вгради алкохолот во нивните клетки, порано се мислеше дека една година е потребно лекување, потоа следуваа 3 години, а сега процесот на лекување вклучува 5 години, како временска рамка за потребно лекување на сите членови од семејството, вклучувајќи ги и децата, со цел да се излезе од тој проблем.

Кога зборувате за лицата кои злоупотребуваат алкохол, зборувате во машки род. Дали тоа значи дека жените не злоупотребуваат алкохол?

Прим. д-р Павлина Васкова Бројката кај жените е помала. Порано беше 1:8, сега е 1:5. Порано тие кои пиеја алкохол беа домаќинки од селските средини, сега веќе имаме интелектуалки.

Во моментов водам 6 жени почнувајќи од наши колешки, новинарки, професорки на високи функции.

Сега сме изедначени со мажите и по стил и начин на живеење, излегуваме на разни ручеци, а женскиот организам и метаболизам многу полесно создава зависност од машкиот. Сè повеќе имаме жени алкохоличари.

Дали постои разлика во однесувањето? Дали жените потешко се справуваат со злоупотребата на алкохол, дали полесно влегуваат во проблеми?

Прим. д-р Павлина Васкова Проблематиката кај жените кои злоупотребуваат алкохол е потешка. Жената е еден столб на семејството, особено кај децата. Во процесот на лекувањето, жените многу полесно се вклучуваат кога треба помош за нивните сопрузи. За разлика од нив, кога жените се справуваат со овој проблем, нивните партнери многу побрзо бегаат, ги оставаат, се разведуваат, им ги земаат децата … Тешко е.

Документарен магазин Приказна

Каков е односот кај децата, се чини дека кога влегуваат во пубертет, сакаат се да пробаат, вклучително и алкохол?

Прим. д-р Павлина Васкова Многу голем проблем е. Сите сакаме кога сме млади, по нешто да се истакнеме. Нашите родители или професорите во училиште треба да најдат за секое дете што е позитивно.

На пример едно може да биде талент за ликовно образование, па убаво е да се истакне тоа дете, друго може по пеење, трето по трчање …

Кај нас во последно време, се чини дека се губат тие вредности и сакајќи децата по нешто да се истакнат, сè повеќе одат во кафулиња или купуваат алкохол без разлика на тоа што законската регулатива ограничува да не се продава алкохол на лица под 18 години.

Младите знаат да се напијат и што е уште пострашно, кога се опиваат одат во други девијантни појави, од кавги, расправии, тепачки, почнуваат да се коцкаат, почнуваат да злоупотребуваат дрога – марихуана, кокаин, хероин, таблети … Почнуваат да пливаат во други води покрај алкохолот кој им ја намалува критичноста.

Дали генетиката игра дали некој ќе биде алкохоличар или не?

Прим. д-р Павлина Васкова Апсолутно да. Две главни работи се клучни. Едната е генетиката. Многу почесто имаме кај семејсва каде имало алкохоличар или лице кое злоупотребувало дрога, па се случува нивните деца да бидат зависници.

Знаете како, кај еврејската и муслиманската популација неслучајно е забранет алкохолот. Во нивната вера е забранет алкохолот.

Покрај тоа уште нешто што е важно, е и наученото однесување. Ние сме имале мајка која својата ќерката на 11 години и дава ракија. Девојчето почна да злоупотребува дрога.

Во семејствата каде родители често се со чашка на маса, како стил на живот, тоа им го пренесуваат како пример на своите деца.

Пред 3-4 години правев едно испитување на сопругите на зависниците. Скоро сите потекнуваат од семејство чиј член имал проблем со злоупотреба на алкохол или дрога. На сите на кои на пример, таткото, братот, дедото пиеле, не им пречи кога нивниот партнер, ќе се напие, па дури и да ја удри. Тоа не е страшно за нив. Исто така, се случувало да се разведат сопругот кој е зависник, но и следниот партнер има проблем со злоупотребата на алкохол.

Кога некој ќе се излекува, дали тоа значи дека повторно никогаш нема да падне во канџите на алкохолизмот како зависност?

Прим. д-р Павлина Васкова Еднаш ако се воспостави апстиненција, би требало доживотно таа да биде. Секаде во светот е така. Долготрајно е лекувањето.

Во процесот на лекување, задолжително треба целото семејство да учествува. И она што е исклучително важно е дека мора да се научи семејството како да живее без алкохол.

Самото лекување не е тој да престане да пие. Тој треба да научи да биде и на свадба, и на прослави, и проблеми во животот кои ќе му се јават, да ги решава трезвено, а и убави работи кога ќе му се случуваат, трезвено да ужива во нив.

Лекувањето не е само со престанување на пиење, туку со менување на стил на живеење. Апстиненцијата мора да е доживотна. Сме имале и 20 години апстиненција и повторно ако се напие, многу повеќе паѓа надолу.

Во светски рамки има еден тренд наместо апстиненција, контрола на пиењето. Колку тоа ќе помогне?

Прим. д-р Павлина Васкова До сега не се покажало како успешно. Имаше приватни установи на запад коишто лекуваа. Почнуваа со 4-5 лименки пиво, па им ја намалуваа дозата. Таму се создаваа редици за лекувањето, бидејќи добиваа бесплатно пиво.

Нема успешни програми каде се оди за пиење по малку. Секое помалку, повлекува за некој ден да биде повеќе.

Колку превенцијата и едукацијата на младите ќе може да ја смени таа улога на семејното стебло во поглед на алкохолизмот?

Прим. д-р Павлина Васкова Нашите установи се викаа воспитно образовни установи. Сега е тоа обратно. Порано имавме многу превентивни програми, немаше училиште каде преку Црвениот крст немаше наши советувалишта и работевме. Многу е важно како врсниците делуваат. Едно е семејството, едно е училиштето како делува на младите, уште побитна е врсничката популација. За жал, сето ова пропадна. Не гледам дека има такви превентивни програми каде што младите се тераат повеќе на спортување.

Се чини дека кон луѓето кои имаат проблеми, се тргаме на страна. Како да го смениме тој однос на стигматизирање?

Прим. д-р Павлина Васкова Сега веќе психолозите се активирани во сите овие програми, но сè уште постои табу за психолог. Те праќаат на психолог? Па не си ти луд. Обично бабите го кажуваат тоа или таткото го каже ако мајката сака да оди на психолог со детето. Мора тоа жигосување да се смени. Да се промовира дека сите имаме проблеми во животот и мора да се научиме како да ги разрешиме тие проблеми.

Вики Чадиковска

Exit mobile version