Дома Инспирација Приказната за Виолета: Со дете со попреченост и ниски примања ги одбиле...

Приказната за Виолета: Со дете со попреченост и ниски примања ги одбиле на конкурс за социјален стан!

– Конкуриравме за социјален стан. Како социјално загрозено семејство. Семејство со болно дете. Но, станови добија тие што имаат, а ние? Сме живееле со три илјади, па, ни намалија на илјада и седумстотини. Денес, земаме четири илјади денари. Како се прехрануваме, само ние знаеме. Каде се обврските за сметки и кирија. Затоа не бркаат од станот, а каде ќе одиме, еден Господ знае – додава таа.

Виолета Цветкоска од Гостивар има педесет и две години. Страдањата ја остареле предвреме. Цел живот живее под кирија. Се преселувале често. Поради финансиски причини секогаш бирала дом кој е поевтин, но, со полоши услови за живот. Подоцна, тоа ќе се одрази врз здравјето на децата, ама и на возрасните. Таа е мајка на три деца, од кои третото, најмалото, само по шест месеци од раѓање, добива епилептични напади и статус – дете со попреченост, а семејството е оневозможено да функционира нормално.

– Давор се роди како нормално здраво бебе. Во шестиот месец почна со главчето да оди нанапред и да губи рамнотежа. Постојано го носевме на доктор, на испитувања, но докторите велеа дека имаме здраво дете. За жал, цели дваесет и пет години, и тој и ние, се мачиме. Тој на свој, ние на наш начин-започнува со солзи да ја раскажува својата приказна Виолета од Гостивар.

Виолета поради ваквата состојба на синот Давор, принудена е никогаш да не се вработи. Таа постојано, дваесет и пет години се грижи за него. Не излегува од дома. Можеби се ќе беше различно, ако таткото Часлав не беше избркан од работа пред неколку години … Покрај секојдневен оброк, тој можеби ќе имал и средства за лекување на синот. Вака, Давор цели осумнаесет години не бил на лекарско испитување.

– Кога работеше сопругот, често го носевме синот на доктор. Кога престана да работи, немавме пари ниту да се прехраниме. Имавме уште две деца кои одеа во школо. Еве, до сега осумнаесет години не сме го однеле Давор на некакво испитување. Да имавме пари, можеби ќе имаше некакво подобрување. Јас не можам да работам, не можам да го оставам него, а сопругот од добиениот отказ повеќе не се снајде со работа. Подработува приватно ако го викнат, колку да не останеме без лекови и леб-вели Виолета.

Ова семејство живее мизерен живот. Како да не е доволна болката што раснат болно дете. Едвај врзуваат крај со крај, ден со ден. Со едвај минималните четири илјади денари приход месечно, тие не можат да раздолжат ништо. Ниту да купат храна, ни лекови, а не и да платат кирија. Затоа сега до пролет се принудени да го напуштат станот и да спијат под отворено небо, зашто и покрај ваквата состојба, тие сепак се одбиени во конкурсот за социјален стан.

– Конкуриравме за социјален стан. Како социјално загрозено семејство. Семејство со болно дете. Но, станови добија тие што имаат, а ние? Сме живееле со три илјади, па, ни намалија на илјада и седумстотини. Денес, земаме четири илјади денари. Како се прехрануваме, само ние знаеме. Каде се обврските за сметки и кирија. Затоа не бркаат од станот, а каде ќе одиме, еден Господ знае – додава таа.

Дваесет и петте години стрес од ваквиот живот за Виолета значи инсулинска кома, редовна парализа на телото и немање желба да продолжи да живее.

– Не сум излегла од дома. Ниту за добро, ниту за лошо не можам да излезам. Бел ден немам видено. Секој ден сум напната. Не ми се живее. Шеќерот од стрес ми се качи на дваесет и три, бев во инсулинска кома, но, морав да дојдам дома да ги откажам испитувањата, зашто нема кој да ми го чува детето. Не смеам да бидам болна. Понекогаш си мислам, само Господ да не ми пише грев, него прво да го земе, па, после мене, зашто кој ќе го чува после мене, кој?! Најтешко од се“ ми е, што, никогаш не го чув од него зборот „мамо“-плачејќи раскажува Виолета.

Болниот Давор, покрај лошата здравствената состојба има големи проблеми и со забите.

– Не може да јаде. Кога имам му правам само чорбички … Немам пари да го однесам на стоматолог. Се мава по глава, сиротиот не знае да каже дека го боли … А со кој пари да го однесам. Со што да платам за да не се мачи детето-вели Виолета.

Затоа, да ја вратиме вербата на оваа мајка во светлиот ден, вербата во подобриот живот. Јавно ги повикувам сите надлежни да го разгледаат нејзиниот предмет за доделување социјален стан, а, граѓаните сплотено, да помогнат. Зашто ова е семејство на кое очајно му е потребна наша помош.

Сите што сакаат да помогнат на ова семејство, тоа можат да го направат на телефонскиот број 077/710 124 или на следната жиро-сметка 240347112292309 Уни банка.

Автор Оливера Петрушевска

Exit mobile version