5.8 C
Skopje
Thursday, November 21, 2024
spot_img

По повод Светскиот ден на детето, промоција на едицијата „Нови бајки од Македонија”

По повод Светскиот ден на детето, денес се одржа промоција на едицијата „Нови бајки од Македонија“ што ја сочинуваат четирите бајки – „Бакнежот на пролетта“, „Перуника“, „Сончевото момче Ил“ и „Осаменото дрво“. Едицијата e во издание на Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“ и издавачката куќа „Арс Ламина“.

Бајките што се дел од оваа едиција се напишани од автори кои имаа можност да ги пријават своите дела на отворениот конкурс што го распишаа Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“ и издавачката куќа „Арс Ламина“. По изборот на бајките, беше распишан и отворен повик за дизајнери-илустратори кои ги работеа визуелните прикази на бајките, давајќи им целосно свеж и оригинален печат.

Членот на Управниот одбор на Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“, Ангелка Пеева Лауренчиќ на денешната промоција на изданието информираше дека на конкурсот за „Нови бајки од Македонија“ објавен минатата година се пријавиле вкупно 360 автори со над 400 дела.

„За нас како носители на проектот беше навистина освежување за капацитетот на овој простор да се пишуваат токму бајки. Денес осми пат промовираме нешто што ни го прави животот поубав, ни го прави животот да личи повеќе на бајка. Пред девет години, еден мал тим од Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ под мотото „Браво Сине“ го почна патот на креирање на една нова вредност, односно постоечка вредност којашто сакавме да ја направиме видлива и да ја приближиме до новите генерации под наслов ’Бајки од Македонија‘“, рече Пеева Лауренчиќ.

Таа додаде дека во првата фаза заедно со Арс Ламина со обиделе да ги соберат традиционалните бајки од овој простор и да ги адаптираат на еден современ македонски јазик близок до новите генерации и да им дадат форма која ќе ги заинтригира токму децата, преку конкурси за млади илустратори.

„До минатата година во тој циклус „Бајка од Македонија“ издадовме 52 бајки, за секоја недела по една со што го исцрпевме интересниот дел за младата популација и дојдовме до заокружување на една целина. Ние денес правиме историја за следните генерации и формиравме комисија од стручни лица кои одбраа четири бајки, со сета резерва дека можеби и не сме ги одбрале најдобрите, но секако сме одбрале одлични бајки“, посочи Пеева Лауренчиќ.

Раководителката на издаваштво во Арс Ламина, Бранка Бугариска на промоцијата денес информираше дека „Бајките од Македонија“ се преведени на девет јазици, преведени на браово писмо, а откупени се од Индонезија, Германија и Јапонија.

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,724FansLike
3,383FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ