Откако на социјалните мрежи се појавија фотографии и видеа на кои се гледаат лица како позираат со мало лавче, од Министерството за внатрешни работи потврдуваат дека нивните инспектори се на терен и го истражуваат случајот.
Портпаролката на Зоолошката градина Скопје, Тина Мицковска, потврдила дека деновиве забележале неколку објави на социјалните медиуми, дека имало неколку видеа и фотографии каде непознати лица позираат со лавче, кое според неа не е постаро од три месеци.
Според информациите кои се појавија во македонските медиуми, се вели дека сопственик на извесен профил на Тик Ток се пофалил дека лавчето кое тој го објавува било именувано како Симба. Но, и дека фотографии од лавче на социјалните мрежи објавила и жена од Куманово, која на својот профил на Фејсбук се изјаснила како вработена во Министерството за култура.
За да се увезе диво животно во Македонија, прво треба да се поседува дозвола за извоз од државата од која излегува животното. Потоа, Министерството за животна средина и просторно планирање е надлежно за издавање дозвола за увоз на животни. Дополнително, потребна е дозвола за одгледување и хумано третирање на животните, а кај нас таква дозвола ниту е побарана, ниту е издадена, тврдат од министерството за „Независен весник“.
И од Здружението за заштита на животни „Анима Мунди“, бараат одговорност од институциите, како и истрага од Министерството за внатрешни работи.
Надлежните институции, инспектори од Државниот инспекторат за животна средина само што завршиле со инспекција во објектот на „Парк Хотел“ покрај кејот на Вардар, пренесува Мета, но од лавчето засега нема трага.