19.8 C
Skopje
Monday, September 16, 2024
spot_img

Петра Лукаровска: Никој не може да ја носи болеста место тебе, затоа грижата за здравјето, нека биде приоритет

Филип Лукаровски беше наш маратонец, кој успеа да истрча 5 маратони, но не успеа да го истрча најтешкиот – животниот маратон. Филип не успеа да го победи ракот на тестис. Доколку беше тука, ќе говореше за ракот на тестис, за негова заштита, превенција, симптоми и како да се прима хемотерапија. Затоа ние денес сме тука и говориме за тоа, раскажува за Приказна неговата мајка, Петра Лукароска – претседателка на Здружението за унапредување на здравјето „ФИЛИП ЛУКАРОСКИ“.

По неговата смрт, формирано е Здружението за унапредување на здравјето „ФИЛИП ЛУКАРОСКИ“.

Здружението за унапредување на здравјето „Филип Лукаровски“ е доброволно, непрофитно, невладино, непартиско здружение на граѓани со заеднички интереси и цели. Главни задачи и цели се зачувување на машкото здравје, подигнување на свеста за превенција и рано откривање на болестите кои го нарушуваат квалитетот на животот на граѓаните, поттикнување физичка активност, подобрување на менталното здравје преку едукација, превенција и разбивање на стигмата за машко здравје, личен раст и одржлив развој на граѓаните за секаква благосостојба, открива Петра.

Во месец ноември се приклучивме на меѓународното движење Мовембар со цел да ги рушиме стереотипите за машкото здравје и да делуваме во насока на превенција и зачувување на машкото здравје од повеќе аспекти. Во Прилеп ја организиравме трибината „Менталното здравје е важно како и физичкото“. Волонтерите на здружението со учество во трка од 5 километри, поттикнаа на една физичка активност.

Во тој контекст беше и трибината „И машкото здравје е важно“ која ја организиравме заедно со македонскиот полициски синдикат, со цел делување и рано откривање на малигните заболувања. Неодамна, во соработка со архитектонскиот факултет ја организиравме трибината „Влијанието на социјалната средина и култура врз машкото здравје“ каде што беше презентиран магистерскиот труд на Филип, на кој тој работеше додека ја примаше хемотерапијата. Дефиницијата на мажите како „посилни“ се должи на фактот што во просек тие се поголеми, помускулести, физички се посилни од жените, но кога станува збор за здравјето перцепцијата е поинаква, споделува Лукаровска.

Спротивставените ставови во растењето на оваа стереотипна машкост има и негативни страни. Измешани се пораките кои ги добива момчето кое прераснува во маж, посебно во семејство или заедница каде се учи дека треба да биде силен, моќен, да не плаче, сам да си ги решава проблемите и да се соочува со предизвиците, вели Петра.

Кога е здравјето во прашање, заглавен во размислувањето-„можам сам“ ја одложува грижата за сопственото здравје, и затоа тука мажите треба да се адаптираат. Да, мажот може да биде силен и паметен, но исто така му требаат силата и знаењето на другите особено кога е во прашање здравјето, неопходно е да се зборува за сите аспекти од здравјето. Одложувањето на времето, испуштената дијагноза или лекувањето, може да чини живот. Иако денес животниот век континуирано се зголемува кај двата пола, сепак жените живеат подолго од мажите. Само ако сте здрави ќе живеете подолго, ќе обезбедите подобри услови за живот, бидејќи им требате на вашите семејства. Втора најчеста причина за смртност кај мажите е карцином на простата кој доколку се детектира навреме, може да значи спасен живот посебно кај малигните заболувања, додава Лукаровска.

Истражувања врз мажи во Италија, Франција, Шпанија, Германија и Обединетото Кралство од страна на европското здружение за урологија, покажале алармантни податоци. 50% од анкетираните мажи не знаеле дека имаат простата, а некој мислеле дека е женски орган. 22% од анкетираните, знаеле дека имаат простата но не ја знаеле положбата во телото. 43% изјавиле дека не би побарале лекарска помош доколку забележат крв во урина, 23% би чекале повеќе од 1 месец пред да се консултираат со лекар поради честа потреба од мокрење, 28% од анкетираните поради чувство на печење и болка при мокрење би го споделиле овој проблем со лекар, но по една недела појава на симптомите. Загрижувачки процент од 42% е дека не би разговарале со својот лекар за рак на простата, а 50% од нив не знаеле ниту еден симптом за болеста. 75% од нив верувале дека болеста не е фатална, но за жал 10% од дијагностицираните пациенти со рак на простата ја губат животната битка. Мојата порака е: слушајте го вашето тело, правете самопреглед на тестиси затоа што во нашата држава најмладиот пациент има 15 години, одете на редовни медицински прегледи, правете скрининг тестови и пријавете ги вашите симптоми кај вашиот матичен лекар, вели Петра.

Документарен магазин Приказна

Таа порачува, да се биде здрав не значи да се има само здраво тело туку треба да имаме и здрава психа. Да се биде ментално здрав, значи да се биде во состојба на благосостојба во која секој човек го реализира својот потенцијал, се справува со секојдневните стресови, работи продуктивно и придонесува за својата заедница. Не постои личност која не сретнала друга личност која имала некои емоционални проблеми од сферата на менталното здравје. Тоа може да бидат и емоционални кризи и страдања предизвикани од некоја непријатна животна случка. Многу деца и адолесценти се борат во тишина поради стигмата или затоа што нема доволно иницијатива да се промовира и штити менталното здравје и грижата за оние на кои им е најпотребно. Цената на оваа тишина може да значи изгубен човечки капитал. Затоа е потребно да се знае како да се зачува и заштити менталното здравје, да се препознаваат нарушувањата и со навремена постапка да се спречи неговото понатамошно ширење и раст. Барајте радост, споделете ја со другите. Смеата е добар лек. Забавата и оптимизмот го подобруваат здравјето и среќата. Ако сето ова го правите полека и стабилно, ќе уживате во вашиот здрав начин на живот.

Позитивните мисли на Стив Џоб многу ми помогнаа во периодот кога бевме на онкологија. Тоа беа следните: Можеш да најдеш некој да вози автомобил место тебе, можеш да најдеш да работи и да прави пари наместо тебе, но не можеш да најдеш никој да ја носи болеста наместо тебе. Изгубените материјални работи можеш да ги најдеш, но една работа кога ќе ја изгубиш никогаш не можеш да ја најдеш-а тоа е животот, порачува Лукаровска

Ване Маркоски

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,656FansLike
3,312FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ