Дома Став Интервју Леонтиќ: Одлуката да родам сама е најхрабра одлука во мојот живот

Леонтиќ: Одлуката да родам сама е најхрабра одлука во мојот живот

Денес во светот, сè поголем е бројот на родители кои сами се грижат за своите деца, а кои сочинуваат 19% од семејствата со деца во земјите-членки на Европската Унија. Во најголем дел овие семејства ги сочинуваат самохрани мајки, а само 15% се самохрани татковци чија социоекономска состојба е мошне подобра, во споредба со таа на самохраните мајки. Еднородителските семејства се изложени на голем стрес и притисок од општеството и средината во која живеат. Голем дел од јавноста не секаат да ги прифатат.

За одлуката за еднородителско семејство, но и сите предизвикици со кои се соочила разговаравме со Васка Леонтиќ.

Приказна Кога ја донесовте одлуката, дали бевте инфорирани за се’ она што ќе биде карактеристика на еднородните семејства? Дали ги знаевте искуствата коишто сега ги знаете и од лична перспектива? Дали знаевте што се ве очекува?

Васка Леонтиќ Искрено да кажам, не. Желбата да бидам мајка беше голема, но, не сакав по секоја цена да бидам со некој партнер, за да биде татко на моето дете или да биде тоа во семејство, само да се каже по некоја традиција или култура, поради општеството во кое живееме, дека така треба така и тоа е правилното. Едноставно сакав тоа што јас го посакувам, да го посакува и партнерот. Тоа  да е со љубов или заемно разбирање, не мора да сме во брак. Но, за жал не сретнав таква личност. Од таа гледна точка, одлучив и долго време истражував,  се консултирав со мои пријатели од медицинската фела, но, последниот клучен збор го даде татко ми, кога ми кажа да се погледнам во огледало и да одлучам кој сакам да ми биде партнер. Ако нема таква одлука, ако немаш соодветен, тогаш оди во банка, купи сперма и одлучи се така да си имаш дете, беше неговиот совет. Желбата да бидам мајка и да имам дете, беше преголема, меѓутоа не знаев како моето семејство ќе ја поднесе, како ќе изреагира на мојата одлука. Факт е дека имав прекрасен татко, кој ме поддржуваше во се’, во сите мои одлуки. Се консултирав со него за се’, тој 36 години живееше во Германија, неговите размислувања и сфаќања беа неадекватни за нашата средина.  Бидејќи тој ги следел сите работи кои се одвиваат меѓу младите во таа земја, многу добро ме поддржа. Само ми кажа „ Васка мора да знаеш, нема да биде лесно“. Јас не ја сфатив пораката што сакаше да ми ја каже. „Ти си сама во оваа работа, ние со едната нога сме во гроб, додека сме живи, може да ти помогнеме, колку можеме, но, не можеме да ти го чуваме детето, ти организирај се пред да се роди, најди жена, најди помош, организирај се тимски, бидејќи ние тоа физички нема да можеме да го издржиме. Материјално да, но физички не“ – тоа беа неговите зборови. Таа поракам јас не ја сфатив толку сериозно на самиот почеток, да бидам искрена …

Видео: Емисија “Приказна“ Верба во семејството, гостин Васка Леонтиќ

Приказна Се каете ли за својата одлука?

Васка Леонтиќ  Не се покајав за чинот што го направив, но се каев за тоа што не се подготвив претходно, бидејќи мислев дека е многу лесно да најдете жена да ви помогне, да ви го чува детето… Мислев дека тоа е многу едноставно, иако сите ме подготвуваа. Тука беа моите клиенти, кои веќе имале деца или се баби. Сите викаа „Васка, требаше ова да го направиш претходно“, бидејќи мојата бременост беше многу тешка сите 9 месеци. Јас требаше да имам жена покрај мене цело време. Јас се онесвестував, се губев …

Приказна За ова не Ве информираше некој, додека течеше процесот на донесување одлука?

Васка Леонтиќ  Не. Тоа е да речеме еден мал пропуст и од самите болници. Јас повеќе дознав од жените со кои лежевме заедно. Среќа што овојпат не бев хировита и не бев во ВИП просторија. Среќа што одлучив да не бидам сама. На тој начин, ми го пренесоа нивното искуство.

Научив како сама да ги аплицирам хормоните, бидејќи лекарите немаат толку време да ви посветат внимание. Јас редовно им се јавував. Беа многу љубезни, не можам да кажам не, меѓутоа имате одредена минута кога треба да аплицирате. Не смеете да задоцните. Така ве фаќа паника. Дали таксито ќе ви стигне, не смеете да возите… Дали лекарите ќе бидат дежурни? … Има такви инјекции кои се аплицираат во бут, јас не можам тоа сама да го направам. Се’ што е на површината немам проблем сама да ги примам и вакцините и клексанот, но имаше терапии кои не можеше сама да ги аплицирам на телото. Ова беа додатни стресови. Нормално ,ова се случуваше на почетокот, н,о потоа успеав поубаво да се организирам. Доаѓа и приватни сестри дома да ме боцкаат.

Првиот пат мислите толку е, во смисла, одма после аплицирањето заминав на работа. Јас не знаев дека треба да лежам пет дена, дека некој треба здрава храна да ви приготвува. Јас немав никој тоа да ми го прави. Не бев подготвена. Лекарите мислат дека вие се’ тоа го читате на интернет и дека сте подготвени, а јас чекав токму тие да ме упатат, затоа што одам кај нив и  најдобро би било да постапувам по нивните насоки. Не бев подготвена и дека ќе имам толку лоша бременост. Првите 3-4 месеци се чувствував фантастично. Само мислев што ќе облечам, како изгледам, како ќе се фотографирам кога ќе ми порасне стомакот, а најмалку размислував кое тешко сценарио ме чека. Колабирав, се онесвестував, не можев да си дојдам при себе, повраќав од капка вода, дехидрирав, завршував во болница, нозете ми отекоа, не можев да стапнам, да одам, не можев да се облечам, буквално не можев да функционирам сама, а кога веќе имате потреба од помош, тоа веќе станува проблем, за кој јас не бев подготвена. Мене сето ова почна да ми се случува уште од петтиот месец, односно многу рано почнаа тие проблеми. Јас одев и цело време на работа. Не сакав да прифатам да лежам дома и да седам. Од една страна тоа беше добро, но од друга лошо, бидејќи баш одморот можеби ќе беше подобар за мене, но, јас сметав дека сите работи треба да ги завршам пред да се породам и започнав со огромно темпо на работа, што мислам дека беше голема грешка и сето тоа беа дополнителни стресови. Како што се наближуваа месеците за породување, така  растеше притисокот што повеќе работи да средам и да ги завршам проектите, што секако се одрази во процесот на бременост.

“Нема поубав чин од мајчинството. Не се споредува со ниедно друго искуство. Да носите дете во себе, тоа да се развива во вас….“ со многу емоции раскажува Васка.

Приказна Дали по раѓањето на вашето дете се соочивте со одредени проблеми во поглед на изготвувањето на документите?

Васка Леонтиќ   Јас го имав тој проблем уште при самиот процес кога се одлучив да го направам ин витро оплодување. Минав низ многу институции. Некои знаат, некои не знаат и немаат искуство со подготовка на документација. Поминуваа часови некаде каде јас требаше да објаснам зошто тоа го правам, па зошто сум се одлучила на ваков чекор, па сум требала да имам партнер, убава жена сум била, па не сум заслужувала да бидам сама. Толку работи се изнаслушав… Но, јас сметам дека не треба да бидам со партнер само затоа што треба да бидам со некого. Јас само едно реков, а тоа е дека немам време да родам дете. Можев да најдам и сурогат мајка, меѓутоа сакав да го направам тој чин и сама. Не е едноставно. Можеби сега со овој памет и искуство, тоа би го направила со сурогат мајка, но кога не сте го поминале тој чекор, секој чезнее и сонува за тоа како е да го носите детето во себе. Не е тоа тренд, не е мода за да се фотографираме, а тоа е друга приказна, бидејќи кога дојде време за фотографирање, не можев ни фотосесијата да ја направам. Знате како, постои тренд на социјалните мрежи, а вие сакате да го поминете целиот тој процес. Но, навистина можам да кажам дека мајчинството не се споредува со ниедно искуство. Да носите дете во себе, да се развива тоа дете во вас и покрај сите тие тешкотии што јас ги имав, да можев сега пак да родам, истиот чекор би го направила и не би жалела. Но, не можев да ги поднесам коментарите со осуда во стил  зашто одам по тој пат, па што ми требало да бидам мајка, па јас сум била менаџерка, сум требала да шетам…. Знаете како, нема секој право да ви го каже тоа.

Приказна Како ќе се обидете да и’ ја објасните едновремено улогата на мајка и на татко на вашата ќерка, во поглед на иднината и општеството кое е полно со стереотипи? Како ќе го објасните примерот, кога другарчињата ќе ја прашаат кој е таткото?

Васка Леонтиќ  Јас сум јавна личност и нема да кријам. Затоа и самата ќе биде свесна. Во јавноста никогаш не сум зборувала за својот приватен живот, но за ова,  одлучив и изглегов да зборувам во јавност. За ова бев должна да зборувам, бидејќи честопати знаат да кажат дека некој ме забременил, па сега измислувам приказни за купени сперми, меѓутоа, тие знаат кој пат сум го поминала и баш од таа причина излегов да говорам. Говорам, не толку за мене, колку за моето дете и за сите мајки кои се одлучиле да го направат овој чекор, да живеат во еднородни семејства и да не се срамат.

За Приказна,

Вики Чадиковска

Exit mobile version