Дома Став Интервју Елизабета Петровиќ: Имаме „Алфа генерација“ ученици

Елизабета Петровиќ: Имаме „Алфа генерација“ ученици

Грижете се за себе. Пронајдете го она што сте го правеле секогаш, што ви носи внатрешен мир, што ви го намалува стресот. Најдете ја радоста во себе. Секој знае како може тоа да го направи. Понекогаш луѓето, особено во вакви околности, се наоѓаат затечени. Па како сега да го правам тоа, светот сопре?! Што сè се случува околу мене?! Да, сега уште повеќе, затоа што онаа мудрост „добар родител е оној родител кој е добро“ или онаа нашата стара поговорка „ако не сум за себе – за кого ќе бидам“ мислам дека сега треба уште повеќе да ја разбереме, затоа што кога вие сте добро, детето тоа го чувствува и тоа го пренесувате на целото семејство, особено на децата и сте одличен пример, вели семејниот и системски психотерапевт, Елизабета Петровиќ за Приказна.

Пандемијата влијае на секој од нас. Напнатоста од предизвиците пред кои не исправи пандемијата дома, силно се одразува во семејното гнездо. Да се биде родител во време на пандемија не е едноставно.

Онлајн наставата се одразила негативно врз менталното здравје на децата, покажаа резултатите од анкетата која ја направи Меѓаши, спроведена на 1 231 дете, од 10 до 18 години. Резултатите покажуваат дека високи 57, 6% од испитаниците забележуваат негативни промени кај своите деца, речиси една третина или 31, 4% не забележуваат никаква промена кај своите деца (ниту позитивна ниту негативна), а само 11% од испитаниците изразиле перцепција и став дека забележуваат позитивни промени кај своите деца

Менталното здравје е она што многу нè загрижува во овие околности, вели семејниот и системски психотерапевт, Елизабета Петровиќ за Приказна. Сите знаеме дека нема здравје без ментално здравје.

Ова што сега ни се случува, всушност нè стави во една заблуда. Ние гледаме, а не гледаме дека децата ги изгубија училниците. Го изгубија просторот и децата и оние најмладите, просторот во кој се социјализираа, бидејќи ова се генерации кои живеат пред екран. Таму ја имаат можноста да се социјализираат, да имаат меѓугенерациска поддршка. Ова особено е ранливо за децата со посебни потреби, за децата од дисфункционалните семејства и тоа мислам дека е моментот на загуба на стабилна средина што го немаме предвид.

Мислам дека полека треба нашиот страв да стане посилен и погласен, да зборуваме погласно од стравот, да викаме погласно од стравот за едноставно да успееме да се дефокусираме. Да се дефокусираме за да успееме да ја смениме перцепцијата, укажува Петровиќ.

Она што можеби е добро и треба да го видиме е тоа дека во училиштата веќе ги имаме т.н. „алфа генерација ученици“. Мислам дека тоа се оние луѓе кои ќе се борат со климатските промени, а нивните деца најверојатно ќе ја освојат вселената. И можеби е добро да ја смениме перцепцијата за да го видиме ова искуство, да не бидеме толку исплашени, додава Петровиќ.

Кај родителите покрај зголеменото чувство на стрес и вознемиреност од целата ситуација, се јавува и намалена толеранција на фрустрација, што значи дека конфликтите дома зачестуваат. Многу родителите лошо се снаоѓаат во оваа ситуација, бидејќи имаат поголема одговорност од вообичаената, што резултира во силна загриженост. Често не знаат кое решение е подобро, дали следењето настава со физичко присуство или онлајн. Во воздухот останува да лебди прашањето, како да бидеме добри родители во услови на пандемија. Стравот кај родителите, многу нормално во вакви услови, се пренесува и кај децата.

Според Петровиќ, како и секогаш, семејствата се соочуваат со многу предизвици без разлика на пандемијата, а начинот како се справуваат со тоа многу значи од семејниот контекст. Имаме различни семејни приказни секогаш, па и сега.

Она што треба да го знаеме и што треба да нè охрабри е дека семејствата се живи и жилави системи кои секогаш пронаоѓаат ресурси и резилиенци за да се справат со разни предизвици. Така е и сега и ние тоа го гледаме. Она што секогаш важи, важи и сега за родителите, а тоа е приказната со позитивното внимание. Ако вие му дадете на детето позитивно внимание, тоа нема да посегне по однесување кое бара негативно внимание. И тогаш е сè во ред. Јас дури би им кажала дека е многу добро да направат една семејна рутина, особено кај помалите деца, па потоа да премине во навика кога секојдневно ќе се обидат да бидат присутни барем по десетина минути, меѓутоа со фокусирано внимание, кога детето ќе ја води активноста, а тие само ќе слушаат, без да влегуваат во збор, без да критикуваат – затоа што ние родителите критикуваме, не дослушуваме секогаш, сè со некоја идеја дека треба да ги преправиме, да ги прекроиме нашите деца. Тоа не. Ако ова го правиме секојдневно, мислам дека не треба да бидеме премногу загрижени.

Петровиќ додава за да не им одмогнеме на децата, мора да ја надминеме состојбата која често се создаваше во периодот кога наставата течеше онлајн.

Многу родители кои беа претерано загрижени за онлајн наставата, влегуваат во улога на наставници, помагаат, бројат грешки, дошепнуваат како соученици. Ова е погубно за детската самодоверба. Замислете под таков стрес како може детето да биде мотивирано за работа, а оние што имаат самодоверба тие пак немаат потреба од споредба. Тие се споредуваат со самите себе си, со својот успех вчера, денес и си дозволуваат да грешат. Грешките се дел од животот, додава Петровиќ за Приказна.

Пандемијата ќе трае. Токму и затоа сите ние мора да научиме да живееме со неа. психотерапевтот Петровиќ во таа насока, упатува порака до родителите:

Грижете се за себе. Пронајдете го она што сте го правеле секогаш што ви носи внатрешен мир, што ви го намалува стресот. Најдете ја радоста во себе. Секој знае како може тоа да го направи. Понекогаш луѓето, особено во вакви околности, се наоѓаат затечени. Па како сега да го правам тоа, светот сопре?! Што сè се случува околу мене?! Да, сега уште повеќе, затоа што онаа мудрост „добар родител е оној родител кој е добро“ или онаа нашата стара поговорка „ако не сум за себе – за кого ќе бидам“ мислам дека сега треба уште повеќе да ја разбереме, затоа што кога вие сте добро детето тоа го чувствува и тоа го пренесувате на целото семејство, особено на децата и сте одличен пример. Дури верувам дека и вирусот на некој начин тоа ни го кажа – грижи се за себе за да можеш да се грижиш за другите, особено за оние кои најмногу ги сакаш. Многу едноставно, но во едноставноста се расте.

За Приказна,

Бранка Чочкова,

Ване Маркоски

Exit mobile version