Дома Инспирација Николова: дијабет не добиваат луѓето кои јадат многу баклави

Николова: дијабет не добиваат луѓето кои јадат многу баклави

Животот со дијабет не значи крај, смета Сашка Николова, лице со дијабет. Дијабет не добиваат луѓето коишто јадат многу баклави. Тоа не е болест од којашто треба да легнеме и да боледуваме, тоа е состојба на оние коишто им е дијагностицирана, да научат да живеат со неа, да ја регулираат и да ја контролираат, сподели Николова во нејзината лична приказна за живот со дијабет

Приказна Каков е животот на луѓето со дијабет?

Николова Дијабетичарите имаат многу квалитетен живот, од аспект на тоа дека ако ја примат информацијата дека имаат дијабет и доколку се соочат навремено со сето тоа, односно пред да настанат некакви компликации, квалитетот на живот на луѓето како мене многу се подобрува. Пред сè, се менуваат навиките за исхрана, јадеме почесто, но по помалку количински, не јадеме јаглехидрати во количини коишто ги јадат останатите луѓе, доминантно се храниме здраво.

Го мериме шеќерот за разлика од останатите коишто не го мерат, а го консумираат, едноставно не посветуваат внимание на тоа. Се движиме континуирано, имаме некакви активности, едноставно – луѓето со дијабет, мораат да научат да живеат со дијабет.

Не е проста математика, но не е ни нешто најстрашно на свет.

Документарниот магазин Приказна, на тема дијабет

Приказна Кои се симтомите кои ги чувствувате?

Николова Чувствувам кога ми е сува устата, ми се лепи устата, тогаш значи дека шеќерот оди нагоре. За во надолна граница, за среќа, досега не сум имала некој поголем инцидент, да завршам со Брза помош или да паднам во бессознание, затоа што го чувствувам моето тело и можам сама да си помогнам, да каснам малку мед или нешто друго со што ќе се крене шеќерот во крвта. Меѓутоа, за хипогликемија мене најголемите знаци ми се ладна пот, ми отежнува јазикот и почнува да ми се плетка и вилицата да ми трне.

Приказна Живееме во дигитално време. Често се случува, луѓе кои имаат проблем со покачен шеќер да бараат информации на интернет. Колку тоа може да биде опасно?

Николова Интернетот колку што е добар – толку е и лош. Конкретно, за самолекување, како за сите болести, па и за дијабетот е многу лоша алатка ако се тргне таму да се бара спас и решение. Како прво, дијабет не добиваат луѓето коишто јадат многу баклави.

Начинот на живот којшто го живееме ние денес, иако луѓето и во минатото имале дијабет, меѓутоа сите фактори, целиот сплет на околности прави да ние сме подложни на ризик од дијабет. Самиот организам, неговиот имунитет, генетиката и семејната историја на таа болест, без оглед дали станува збор за дијабет тип 1 или тип 2. Многу влијаат и начинот на исхрана и зголемената телесна тежина.

Јас за мене можам да кажам дека толку не ми беше проблем тежината и јадењето благо, туку начинот на исхрана. Од малечка немав навика да појадувам, сметав дека тоа не е ништо страшно. Имав еден оброк околу 18 часот попладне којшто беше преобемен и доминантно беа јаглехидрати, најчесто тестенини, а претходно бев прегладнета. И да не го заборавиме стресот, сите сме под некаков стрес, а тој е една од причините за добивање дијабет.

Приказна Како пандемијата влијаеше врз вас, како лице со дијабет?

Николова Притисокот врз мене, односно доминантно врз лицата со дијабет беше огромен во овој период на пандемија и сè уште е присутен. Јас ќе го споделам моето искуство, мојата приказна. Верувам дека лицата заболени од дијабет би го направиле истото она што јас го правев, ако би можеле да си го дозволат тоа.

Прво, притисокот беше голем затоа што лицата со дијабет беа меѓу лицата коишто беа најзасегнати од Ковид-19 и цело време бевме топ-вест кога се набројуваа лицата коишто настрадале од Корона. Дијабетот беше споменуван како една од причините за смртност. Меѓутоа, дијабетот не е причина за некој да умре. Јас никогаш не сум чувствувала некаква закана по мојот живот. Во овој период сериозно се чувствував така, се чувствував немоќно и мојата стратегија беше максимално да се изолирам за во тие периоди кога имаше најмногу заболени да немам контакти.

За Приказна,

Вики Чадиковска

Exit mobile version