Доктор Даниела Настеска е научничка која работи на Институтот за метаболизам и системски истражувања при Универзитетот во Бирмингем, Англија, на изнаоѓање нови современи методи за третирање на дијабетесот. Дипломирала во Белгија и Британија, каде моментално и живее.
Приказна Како ја почнавте својата кариера како научник?
Настеска Јас својата кариера веќе 12 години ја градам во областа на шеќерната болест, односно дијабетот. Моите почетоци се во примарното здравство, бидејќи дипломирав како доктор на медицина, на Медицинскиот факултет во Скопје. Сепак, мојата научна кариера ја започнав и ја продолжив во странство бидејќи лично не сметав дека Македонија секогаш успева да го препознае и да го развие потенцијалот на секој поединец. На мое огромно задоволство пак, Владата на Јапонија и нивното министерство за наука и образование го поддржаа целосно моето образование и со нивна финансиска поддршка докторските студии ги завршив на еден од најдобрите универзитети во светот, Универзитетот Кјото во Јапонија. Оттаму заминав на слободниот Универзитет во Брисел каде што продолжив да работам на дијабет. Моментално сум во Велика Британија, во Бирмингем, каде што веќе неколку години работам како научник на Универзитетот во Бирмингем.
Приказна Работите на истражување на процесите за регулирање на шеќерот во крвта. Ги истражувавте генетските предиспозиции кои комбинирани со животните избори кои ги правиме, придонесуваат за дијабет. Што велат податоците од вашите истражувања?
Настеска Мојот научен труд за различностите во клетките во лангерхансовите островца на панкреасот, го објавив во јануари оваа година, во престижното списание „Природа-комуникации“. Истражувањето е надополнето во јули годинава. Трудот се фокусира на важноста меѓу различностите во клетките во лангерхансовите островца на панкреасот кои се задолжени за лачење на инсулин и одржувањето на нивото на шеќер во крвта.
Досегашните научни сознанија укажуваат на тоа дека за да се одржи нормалното ниво на шеќер во крвта, неопходно е сите клетки во овие островца да се исти и да функционираат на ист начин. Мојот труд пак, докажува дека присуството на поединечни, малку различни, помалку зрели и помалку функционални клетки во овие островца е неопходно за нормално лачење на инсулин.
Ќе направам паралела со општеството во кое живееме. За едно здраво и функционално општество е неопходно сите негови индивидуи за бидат подеднакво вклучени – без разлика на нивните различности. Тоа всушност е и тренд во науката – инклузивност и простор за сите во секој поглед, па и во поглед на родовата припадност.
Даниела Настеска во Универзитетот на Бирмингем работи како пост-докторски истражувач на Институтот за метаболизам и системски истражувања (IMSR). Досега има бројни публикации на научно истражувачка работа во реномирани светски научни списанија. Податоците од нејзините истражувања се цитирани 449 пати во 370 документи. Нејзиниот прв труд како автор се појави во списанието Дијабетес, а е дел од нејзиното докторантско истражување во Јапонија.
Приказна Како се мотивираат жените кои работат во научните кругови на светско ниво?
Настеска Неодамна излезе студија којашто покажува дека жените во Македонија имаат еднаков научен придонес како и мажите, но ситуацијата на светско ниво е за жал различна.
Во Јапонија, на пример, која сè уште важи за многу патријархално општество, само околу 10 проценти од жените се дел од науката. Велика Британија има околу 35 проценти жени-научници, но тука се вложуваат многу средства и многу труд за да се зголеми тој број. На пример, законите и универзитетските одлуки тука нè обврзуваат на постојана едукација во поглед на еднаквоста по секоја основа. Постојат сериозни санкции кога ќе се утврди родова дискриминација и постојат многу регулаторни и финансиски тела коишто даваат поддршка на жените – научници по завршување на породилното отсуство или во случај кога жената има други старателски обврски.
Како активни научници ние сме во постојан контакт со децата на школска возраст и со пошироката јавност во облик на работилници, семинари, изложби, па дури и вечери – сè со цел да се доближи науката кон сите и да се обезбеди поддршка од пошироката јавност. Се разбира, постои уште многу работа во оваа област, но јас би сакала да завршам со порака до секое девојче или секоја жена којашто се гледа себе си во науката – кога постои желба, постои и начин.
За Приказна,
Вики Чадиковска