Дома Најнови Надица Божиновска Димова: Нестручните диети се опасни за нашето здравје

Надица Божиновска Димова: Нестручните диети се опасни за нашето здравје

Јојо диетите може да донесат комплексни последици по здравјето, пред сè во метаболистичките заболувања од типот на дијабет, кардиоваскуларни заболувања, но можат да бидат ризик и за коските и зглобовите. Овие диети кои најчесто се прават на своја рака, подразбираат максимално исцрпување на организмот. Многу често со внес на сериозна рестрикција на калории, се внесуваат некаде околу 700-800 килокалории на ден, што е премалку наспроти оние 1200-1300 кои се минимумот за нашето тело да функционира како што треба. Тоа е исто како вашиот телефон да има 5-7% батерија, а вие да го терате паралелно да ги работи сите апликации. Тоа е невозможно. Ако го забележиме телефонот со таква батерија, веднаш бараме полнач во најблиско време. Но, нашето тело го игнорираме. Ги игнорираме оние симптоми кои се случуваат, сè со цел да ја добиеме онаа килажа која сме ја зацртале, вели за Приказна, специјалистот по еднокринологија, Надица Божиновска Димова од Аџибадем Систина.

Какви проблеми може да предизвикаат нестручни диети или диети кои ги практикуваме на своја рака?

Надица Божиновска Димова Диетите на своја рака најчесто се штетни за самите индивидуи. Ова е последица најверојатно на модерното општество, коешто во голема мерка изискува однапред приготвени оброци. Ние за нив може да немаме контрола, во смисла колку калории има оброкот, ниту како е подготвен.

Дополнителен проблем е секако физичката неактивност. Со цел да се справат со тој вишок на килограми, луѓето најчесто прибегнуваат кон некои лесни диети со коишто за брзо време се губи значаен дел од телесната тежина.

Овие т.н. јојо диети, може да донесат комплексни последици по здравјето, пред сè во метаболистичките заболувања од типот на дијабет, кардиоваскуларни заболувања, но можат да бидат ризик и за коските и зглобовите. Овие диети кои најчесто се прават на своја рака, подразбираат максимално исцрпување на организмот. Многу често со внес на сериозна рестрикција на калории, се внесуваат некаде околу 700-800 килокалории на ден, што е премалку наспроти оние 1200-1300 кои се минимумот за нашето тело да функционира како што треба. Тоа е исто како вашиот телефон да има 5-7% батерија, а вие да го терате паралелно да ги работи сите апликации. Тоа е невозможно. Ако го забележиме телефонот со таква батерија, веднаш бараме полнач во најблиско време. Но, нашето тело го игнорираме. Ги игнорираме оние симптоми кои се случуваат, сè со цел да ја добиеме онаа килажа која сме ја зацртале.

Седум килограми за седум дена. Често може да се види ваква реклама на социјалните мрежи. Колку луѓето се свесни за здравствените последици, притоа верувајќи на вакви реклами?

Надица Божиновска Димова За една работа се свесни, но, од друга страна како да игнорираат. Во тие 7 килограми за 7 дена може да најдеме барем 7 компликации.

Едната од нив секако е губење на мускулна маса. При овие брзи диети со таа рестрикција на калории, ги губиме мускулите. Не се губат оние масни наслаги кои се вистински загуба на килограмите, туку правиме загуба на мускулите. Втор несакан ефект е губење на водата. Правиме деплеција на волуменот на течности во организмот и дополнително го истоштуваме нашето тело.

Третата компликација е нарушување на метаболизмот. Метаболизмот е одговорен за давање наредби колку калории во текот на денот ние трошиме. Со овие диети, ние внесуваме многу помалку калории, па, метаболизмот е ставен на ниво на ниска батерија и се успорува до 23%. Тоа значи откако ќе ја завршите диетата, бидејќи имате успорен метаболизам, кога ќе се вратите на храната којашто сте ја јаделе претходно, вие ќе се дебелеете. Четврта компликација е недостиг на внес на нутритивни материи, најчесто тоа се: железо, Б12 и фолна киселина, што може да резултира со нарушување на коските, опаѓање на косата, сушење на косата.

Нашето тело е навистина комплексно, со недоволен внес на сите потребни материи, ни страдаат многу ткива и срцевиот мускул. Доколку тој настрада, страдаат и другите органи. Дополнителна компликација може да се камчиња во жолчното ќесе. Кога не јадеме, дигестивните сокови во жолчното ќесе практично стојат неупотребени и се претвораат во камчиња. Како ризик фактор, ќе го споменам и заморот. Тоа подразбира функционирање на ниска батерија.

Сето ова значи дека ние имаме нарушен метаболизам, нарушен имунитет и нашето цело тело страда без да сме свесни, со цел да се постигне некоја естетска компонента.

Во последно време, сè поактуелен тренд за слабеење е употребата на лекот Оземпик, кој е лек за дијабетичари. Дали ова може да биде опасно по здравјето на луѓето?

Надица Божиновска Димова Ретко кој, а најмалку ние лекарите, очекувавме дека лек за дијабет ќе стане трендсетерка насока. Точно е дека многу личности го рекламираат, меѓутоа треба да знаеме дека тој лек е правен за луѓе со дијабетес. Една негова карактеристика односно загубата на телесна тежина, го направи толку популарен. Овој лек е многу го смени третманот на дијабетесот. Дефинитивно е ефикасен затоа што централно го запира апетитот и дополнително успорува празнење на црева. Со тоа луѓето многу побрзо стануваат сити и на подолги патеки, губат килограми.

Неговиот брат Семаглутит, во поголема количина од 2,4 мг, за разлика од оземпикот кој е 1 мг, е предвиден за обезни луѓе кои немаат дијабетес. Овој тренд којшто се шири низ светот, не ги подразбира оние медицински критериуми кои ние ги употребуваме, за да ги дадеме соодветните лекови.

Во денешно време, оземпикот се злоупотребува кај млади луѓе, но и кај другите, кои сакаат да ги симнат оние манекенски килограми, да намалат брзо тежина за 15, до 20 килограми. Но, мора да се разбере дека лековите не се правени за луѓе со ваква телесна маса. Ние не знаеме кои се потенцијалните опасности и не знаеме како тоа ќе влијае долгорочно на нивното здравје. Овие лекови се хронични лекови. Заради овој тренд, луѓето со дијабетес се соочуваат со сериозен дефицит на лекови на глобално ниво.

Ване Маркоски

Exit mobile version