Спортот сè уште се смета за област која е резервирана за мажите. Ако некоја девојка или жена сака да успее треба многупати да се докажува и нејзиниот труд и нејзините успеси не се доволно вреднувани и наградувани, па не се ни доволно видливи за јавноста, вели во интревјуто за Приказна, Силвија Митевска – советник на претседателот на Владата за спорт
Приказна: Дали имаме родов јаз во спортот?
Митевска За Жал имаме, како и во повеќето сфери, така и во спортот имаме полова дискриминација и родов јаз. Можеби еден од најизразените е во спортскиот сектор. Тоа започнува уште од најрана возраст, може да видиме дека многу помал број на девојчиња се занимаваат со спорт, за разлика од момчињата. Тоа исто така е изразено и во пубертетот, ако спортуваат момчиња и девојчиња – бројот на девојчиња што ќе се откажат е поголем за разлика од момчињата, тие ќе продолжат да тренираат.
Во професионалните клубови исто така имаме различен третман кон женските категории во спонзорствата што ги имаат тие клубови во екипни и во индивидуални спортови. Пред неколку години беше направено едно истражување во кое се покажа дека над 90 проценти од раководството во националните спортски федерации е составено од мажи. Тоа значи дека таму каде што треба да се креираат политиките, да се одреди буџетот и да се направат програмите за следните години – недоволно учествуваат жени, а тоа негативно се рефлектира во целиот спортски сектор кој треба да биде еднаков и за мажите и за жените.
Приказна: Истражувајќи, добивме впечаток дека жените во спортот треба многу повеќе да се докажуваат од мажите?!
Митевска Веројатно е така, затоа што спортот сè уште се смета за област која е резервирана за мажите. Ако некоја девојка или жена сака да успее треба многупати да се докажува и нејзиниот труд и нејзините успеси не се доволно вреднувани и наградувани, па не се ни доволно видливи за јавноста.
Знаеме дека во медиумите многу помалку гледаме спорт во женска категорија и спортистки кои забележале значајни спортски резултати, многу повеќе ни е достапен спортот во машка категорија. Во таква ситуација, нормално е тоа да ја креира перцепцијата, па од аспект на женско ќе размислувате дека спортот е област резервиран само за мажите.
Ние со системски решенија пробуваме тоа да го смениме и да докажеме дека родовите стереотипи се многу штетни, дека спортот треба да биде еднаков и за мажи и за жени.
Приказна Иако се штетни, стереотипите сепак ги има, па кога треба да се претстави жена спортист се користат епитети како: секси, убаво облечена спортистка, наместо резултатот што зборува за неа. Дали недостига соодветна едукација кога станува збор за претставување на жените во спортот?
Митевска Секако дека е потребна родова десензибилизација во новинарството. Пред неколку години кога организиравме конференција за жени во спортот, мислам дека најшокантно беше кога презентирав пред публиката дека ако на Google напишете спортистки што ќе ви излезе, каков тип на информации, каков тип на фотографии, а што ќе се случи ако напишете спортисти во Македонија. Секогаш кога станува збор за спорт во машка категорија она што излегува во јавност се нивните успеси и спортски обележја и награди. За разлика од тоа, спортистките се најмногу видливи во јавноста по нивните атрибути, според физичкиот изглед, а спортските резултати се секундарни, ние тоа мора да го промениме.
Приказна Дали мажите и жените имаат еднакви услови за тренирање?
Митевска За жал немаат, односно немаат еднаков пристап до ресурси, без оглед за каков тип на ресурски станува збор – дали е тоа сала, паим се нудат термини кои не се погодни за нив, дали станува збор воопшто да се добие сала каде ќе се реализира тренингот, пристап до финансиски ресурси, пристап до спонзорства, награди и признанија. Секаде се гледа дека има двоен стандард, односно дека жените немаат еднаков пристап и ние токму за тоа и се залагаме. Има суштински промени, но треба многу да се работи за да кажеме дека сме до посакуваното ниво и родова еднаквост. Ова е многу комплексен домен и еднаквост во спортот значи еднаква достапност на сите можни ресурси, а тоа значи уште од најрана возраст, па сè до постари категории, кога спортистката ќе стави крај на кариерата, да има каде да направи транзиција и да може да се види себе си како тренер, како раководител или претседател на спортски клуб, како претседател на некоја национална федерација.
Приказна Колку се жените безбедни, дали се соочуваат со нешто што ја загрозува нивната безбедност?
Митевска За оваа тема многу ретко се зборува, како во јавноста, така и во самиот спортски сектор. Мислам дека родово базирано насилство и сексуално вознемирување е тема на која треба да бидеме гласни, затоа што тоа што се случува во сите области, се случува и во спортот. Во спортот имаме контактни и бесконтактни спортови, меѓутоа на едно место се случуваат сите тренинзи, патувања итн. Имаме директен однос меѓу тренер, помошник, менаџер, машки тим, женски тим, па наша заедничка обврска е да креираме безбедна средина за сите, пред сè за девојчињата, но и за жените кои се во спортот. Тие мора да се сигурни кога учествуваат во самиот спорт. Ако не се сигурни, само прашање на време е кога ќе се откажат од спортувањето. Важно е и прашањето, дали се чувствуваат сигурни жените кои спортуваат на јавен простор?! Во разговор со мои колешки, кои спортуваме рекреативно, слушам дека сите имаме некој вид на страв или фобија каде ќе спортуваме, па бираме време да биде во текот на денот бидејќи навечер нема осветлување и не сакаме таму да поминеме да трчаме или да се искачуваме на планина. Некои не сакаат да носат слушалки за музика затоа што сакаат да бидат свесни ако некој им се приближи од страна. Чувствувам дека имаме голем притисок и кога се разговара на оваа тема ќе излезат уште повеќе предизвици со кои ние се соочуваме. Треба да се најде решение како овие проблеми да се намалат, затоа што нашата главна цел е како да привлечеме што повеќе девојки во спортот – било да е тоа рекреативно или професионално. За да го постигнеме тоа мора да обезбедиме безбедна средина за сите нив.
Приказна Формирана е комисија за родова еднаквост во спортот, кои ќе бидат суштински цели кон кои ќе се насочи на почетокот?
Митевска Ја возобновивме оваа комисија во рамки на Олимпискиот комитет, сега сме многу поактивни во нашето работење. Постои комисија за родова еднаквост која има мандат во рамки на Олимпискиот комитет, односно ќе имаме соработка со сите оние федерации кои се членки на ОК. Многу сум им благодарна на сите членки на оваа група, тоа се еминентни спортистки, спортски новинарки, спортски работнички кои се многу гласни во заложбата за родова еднаквост а во следниот период планираме да ја презентираме и нашата програма. Нашата крајна цел е да допреме до секоја девојка во спортот, да ја мобилизираме и да знае дека има комисија која може да одговори на нејзините предизвици со кои се соочува во текот на спортувањето. Една од целите ни е да имаме што повеќе олимпијки, што повеќе девојчиња кои партиципираат во олимписки и неолимписки спортови, да обезбедиме безбедна средина за сите и да обезбедиме што поголема застапеност во раководните структури на спортски субјекти. Програмата е за една година и иако е амбициозна, сметаме дека е реална и дека ќе ја исполниме. Комисијата ќе работи многу транспарентно и отчетно, односно сите наши состаноци, средби и записници ќе бидат од јавен карактер. Сакаме да покажеме дека секоја една спортистка е важна.
За Приказна,
Бранка Чочкова
Вики Чадиковска