Мултиплекс склероза или скратено МС е хронично воспалително заболување на централниот нервен систем кој вклучува мозок, ‘рбетен мозок и оптичките нерви. Настанува кога имуниот систем ја напаѓа обвивката на нервните клетки (миелин) во мозокот, ‘рбетниот мозок и оптичките нерви, предивикувајќи инфламација и последователна дегенерација, кое води до прекин на невротрансмисијата. За МС, разговаравме со д-р Милчо Дерменџиев, специјалист по неврологија.
Приказна Како настанува мултипла склероза и кои се причините?
Милчо Дерменџиев Мултипласклероза е воспаление на централниот нервен систем, а механизмите на настанување се сè уште до крај не се докажани. Суштината е дека е воспаление и спаѓа во групата на автоимуни болести каде што организмот почнува да си ги напаѓа обвивките на нервите. Еден нерв ако го замислиме како кабел за струја, бакарната жица е нервот, тоа е аксонот, а миелинската обвивка е пластиката врз кабелот. Во суштината на ова заболување, примарно, се напаѓаат обвивките на нервите. Со тек на време, како страдаат тие обвивки, ако болеста најчесто е повторлива, оди во налети, ако постојано е на исто место оштетувањето, почнува да пропаѓа и нервот.
Многу делови од нервниот систем може да бидат засегнати. Понекогаш тоа оди едно по едно, понекогаш одат 2-3 система оддеднаш. Во пракса, многу често прво настанува нарушување на видот, а потоа и промени на други места во мозокот. Ако е засегнат ’рбетниот мозок, се јавуваат трнење по раце и нозе, зависи од локацијата. Ако е малиот мозок, вртоглавици, загуба на координација, нестабилност, пад. Затоа името го носи мултипла склероза, затоа што склерозата односно инфламаторните места се на различни места во централниот систем.
Приказна Каква е состојбата кај нас во однос на бројот на пациенти со ова заболување?
Милчо Дерменџиев Ние не сме далеку од другите. Ова е болест на развиениот свет. Бројките на светско ниво се движат од 100-140 на 100.000 жители. Интересен е фактот што во Африка и Југоисточна Азија тие бројки се помали. 2-5 пациенти на 100.000 жители.
Кај нас квалитетен и валиден регистар немаме, но мислам дека се движиме околу 100 пациенти на 100.000 жители, би требало да имаме околу 2.000 пациенти.
Приказна На која возраст најчесто се појавува и дали мажите или жените се повеќе склони?
Милчо Дерменџиев Жално е што ова е болест на најпродуктивниот дел на популацијата. Болеста се јавува од 20-50 години. Иако се јавува кај помлади и постари, но кај постарите ако се гледа една анамнеза, ќе видите дека пред 15 – 20 години имал некој настан којшто бил превиден, замор ми е, лошо сум спиел, па ќе трае неколку дена, и ќе излезе дека болеста се појавила пред 20 години, правела пауза, па повторно се појавува по 20 години. Соодносот помеѓу мажи и жени е 1:4, што значи дека жените многу повеќе заболуваат.
Приказна Каков процес е дијагностицирањето?
Милчо Дерменџиев Дијагностиката е мултидисциплинарна. Примарно, треба добра анамнеза, да се распраша пациентот околу симптомите кои се појавуваат. Клиничкиот преглед е тој што ќе одлучи прво да бараме снимање на глава или ’рбетен мозок, односно добар невролошки статус е 99% од дијагнозата. Сега критериумите се променети за дијагноза на болеста. Порано беше со лумбална функција, сега откако е магнетната резонанца, критериумите се исклучиво на база на магнетна резонанца. Над одредена точка во мозокот се бараат да има неколку промени, под таа точка да има неколку промени, да има дистрибуција во време и простор, дали има свежи и стари промени, распоредени на различни места, тоа се критериумите. Ако не е до крај чисто дали е мултиплекс склероза, лумбаналната функција е исто така златен стандард каде што се докажува имунолошка активност на ниво на мозок, нарушена бариера меѓу крвта и мозочното ткиво кое е непропусно за ништо, а кај овие пациенти таа е нарушена и имаме засилена активност на ниво на мозокот, кое води во правец на дијагнозата.
Ване Маркоски