2.8 C
Skopje
Thursday, December 19, 2024
spot_img

Медијан Веселовиќ до непознатиот родител: Мораше ли да ме оставите вака да живеам?

Медијан е младо момче кое никогаш не ги запознал своите биолошки родители. Како неколкумесечно бебе донесен е во стан во населбата Хиподром во згрижувачко семејство, кое ќе го засака како свое сопствено. Толку ќе ја засака својата мајка, па за неа се грижи и ја чува повеќе од нејзините биолошки деца. Последните пари ги дава само за да и обезбеди воздух и да и го продолжи животот. Таа знае тоа да го цени, па еден ден ќе напише тестамент во кој го остава станот на ова момче. Но, проблемите на Мето започнуваат после нејзината смрт. Тој вели дека добива закани од роднините на мајка му доколку не го напушти станот.

„Јас ги платив трошоците за погребот. Ми ја исклучија струјата и три години од смртта на мајка ми јас живеам во мрак. Се бањам со ладна вода, готвам на плин, кога имам пари се греам на плин. Во спротивно се виткам во ќебиња, за да не измрзнам. Имам храна само уште за денес, бидејќи и работата ја изгубив, зашто фирмата ми отиде во стечај. Неизвесни ми се моментите кои доаѓаат. Имам само 26 години, не знам како ќе продолжам понатаму со животот. Прогонет сум од станот во кој пораснав, од местото каде буквално ми падна папокот. Сакам само да ме остават на мир да можам нормално да живеам – вели Медијан за емисијата „Срце на дланка“.

Медијан како бебе во 1997 година бил згрижен во семејство од мајката Драгица, која ќе го сака како свое родено дете. Многу емоции и убави моменти имале овие мајка и син.

– Убаво детство паметам од моето раѓање сè додека мајка ми не се разболе. Ме запиша во училиште, учев, се дружев со другарчињата, иако, не ме прифаќаа сите подеднакво, затоа што имав и поразличен живот и поразлична боја на кожата од останатите. Ја сакав мајка ми, баба ми, сестра ми (биолошката ќерка на Драгица) и никогаш не помислував дека ќе дојде време да одам по судови и да се докажувам со неа-вели Медијан.

Драгица го напушта овој свет на 25 март 2019 година, а последните зборови и биле: „Жал ми е само за ова дете. Тогаш, Мето сè уште млад, не бил ниту свесен за проблемите кои подоцна ќе ги преживува. Тој стои како поддршка на својата мајка и ја чува до нејзината смрт.

– Мајка ми се бореше за својот живот и секое офкање за мене беше стресно. Но, јас последните пари ги давав за да и купам лекови, пумпици за да и обезбедам воздух. Нема потежок ден за мене од тој 25 март 2019 година, кога таа си замина и ме остави сам да се борам со проблемите. Јас за друга мајка не знам. Таа е единствена мајка во мојот живот. Ако некогаш успеам да ја најдам мојата биолошка мајка ќе ја прашам само едно: „Мораше ли да ме оставиш. Зошто вака ми го загорчи животот, низ со солзи раскажува Медијан.

Три години откако е сам, Мето живее многу тешко. Толку години живее и без струја, во зима вели тој, едвај преживува. Нема каде да го наполни телефонот, нема како да одржува хигиена, нема начин како да живее. Она што е најлошо, биолошката ќерка и роднините го бркаат од станот кој со тестамент вели тој, е доделен на негово име.

– Биолошката ќерка на мајка ми, веднаш по нејзината смрт ме даде на суд и ми ја исклучи струјата. Три години живеам без струја. Се топлам во зима, само ако имам пари да ги наполнам плинските боци. Готвам на плин. Веќе се задушувам од тој плин. Не ме оставаат да живеам. Постојано добивам закани по мојот живот, дека ако не се отселам од станот ќе ме убијат. Пријавувам во полиција, но, не можам никако да се спасам. Минатиот месец и фирмата во која работев отиде под стечај, па и таа гранка ми се скрши. Немам приход од никаде. Последните три кришки леб ќе ги јадам денес, и од утре веќе немам храна и начин како да преживеам-раскажува Мето.

Ова скромно момче нема големи желби и побарувања. Бара само да живее мирно, работа за скромна плата колку да преживее и да се прехрани, но, и да му припадне она што го пишува во тестаментот-станот да биде на негово име и никој да не го протерува од местото каде ги поминал најубавите моменти со неговата единствена мајка која ја сака најмногу од се на светот.

Доколку сакате да му помогнете на Медијан Веселовиќ, тоа можете да го направите на телефонскиот број 076 266 013 или на оваа жиро-сметка 200002573222685.

Автор Оливера Петрушевска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,755FansLike
3,387FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ