Весна Стефановска поголем дел од животот го минала во родното Куманово. Потекнува од многудетно семејство и главно за сите се грижела таа. Татко им умира млад, а мајка им не сакала обврска да ги исчува и изведе на пат. Весна принудена е да работи и да обезбеди храна за своите брат и сестри, за да им го олесни барем нивниот животот.
-Како дете бев среќна. Комшиските деца доаѓаа кај нас, да јадат и пијат. Но, почна нетрпеливоста меѓу моите родители. Почна да се караат и тепаат, а таа ситуација ја гледавме со моите браќа и сестри. Татко ми набрзо почина, а мајка ми не сакаше да не чува. Сакаше да биде слободна. Да се премажи, да си го живее животот. Јас бев повозрасна, па, колку можев, се грижев за помалите деца во семејството. Работев и заработував, па ме чекаа секој ден на прозорец, за да видат дали им носам нешто.-се потсетува на својот тежок период од животот Весна.
Весна на двапати се обидува да создаде семејство. Но, нема да има среќа. Првиот маж ја остава за друга, а вториот и умира. Поради тешката социјална состојба, таа е принудена да ги даде во дом. Тешко и е поради тој потег, но, свесна е дека така било најдобро за децата.
-Дојде време да создадам семејство. Првиот сопруг ме остави, а вториот почина. Но, бев малтретирана. Еден ден бев многу гладна, и сакав да каснам малку сирење. Свекор ми со бастунот ме удри од одзади по глава и јас се онесвестив. Сопругот не сакаше да ме спаси. Од тој ден не јадам сирење. Повторно се вратив во семејната куќа, која веќе се распаѓаше исто како и нашите животи-вели Весна.
Секој си го бара местото под сонцето, па пред неколку години надевајќи се на подобар живот од Куманово се селат во Скопје. Но, мајката се крие од нив зашто се срами од сопствените деца. Цели пет години, ова семејство ќе живее без денар приход. Биле принудени да питачат. Да молат за храна. Па, многу добро знаат како личи вкусот на сувиот и бајат леб со сол. Некогаш и само на лебот.
-Кога веќе немавме услови тука во распаднатиот дом да продолжиме да живееме, ни го укинаа социјалното, отидовме во Скопје. Мајка ни не сакаше ни да не погледне. Се срамеше од нас. Живеевме од ден за ден. Без денар приход. Се снаоѓавме. Молевме за денарче за да купиме лепче. Еден ден ме фатија болки, се молев за пари за да купам лекови. Една жена ми даде и нема никогаш да и го заборавам тоа. Ме спаси да не умрам-се присетува Весна.
Весна живее со 2.800 денари месечно. Од тешкиот живот и маки мора да пие многу апчиња, за да остане жива. Верува во подобар живот, иако никогаш нема искусено што е тоа добар живот. Мачното училиште на животот, ја научи дека никогаш не смее да се предава и секогаш мора да мисли позитивно.
-Откако се вративме во Куманово, се најде добар човек и ни приправи една соба. Благодарение на него, денес не спиеме надвор. Живееме со минимални средства. Јас земам само 2.800 денари. Дали да купам лекови или леб. Често јадеме само леб и сол. Или некоја пиперка и кромитче. Ама преживуваме. Сепак се би дала да може да се излечи сестра ми. Таа е врзана за кревет. И основните потреби ги врши во кревет. Па, ми требаат душек, чаршафи, ќебиња … Се е добредојдено во нашето семејство-додава Весна, која во моментов живее со нејзиниот помал брат Душко и помала болна сестра.
Доколку сакате да помогнете на ова семејство тоа може да го направите на овој телефонски број 077/912788 или на оваа жиро сметка 300097114487778 Комерцијална банка.
автор: Оливера Петрушевска