Ристо и Анка Илиеви од Радовишкото село Подареш се луѓе чии животи како да запреле векови наназад.
Ристо е напатен човек кој од својата дванаесет година се мачел за да преживее под сонцето. Работел тешка физичка работа. Се жени еднаш. Имал неуспешен брак. Со 10 прсти камен по камен гради скромна куќарка која ќе биде дом за неговите три деца и втората сопруга Анка, со која е заедно веќе 30 години. Нивниот живот не бил како во бајка. Скромно, со сув леб, кромид, брашно и маст, минуваат заедно неколку децении.
– Многу мал останав сам без родители и морав да се снаоѓам како знам и умеам. Бев овчар долги години, измеќар, градежен работник. Сè што можеше од работа да се замисли, јас сум работел. Се оженив со првата жена и таа не беше здравствено добра. Сам ја направив оваа куќа. Цигла по цигла. Првата жена ми умре, со неа немав деца. Подоцна се преженив со Анка и таа ми роди три деца. Имам еден син и две ќерки. Денес во староста помош немам од никого – започнува со ранлив глас да раскажува дедо Ристо за емисијата „Срце на дланка“.
– Една година ве чекав за да дојдете. Ова е најзагрозено семејство во селото. Сите знаат за нивниот случај. Жената сирота психофизички не е здрава, а дедо Ристо го знам уште од дете. Многу е измачен. Сега не гледа и не може ни да излезе да работи, може да го згази некоја кола. Има три деца, едното му е во Негорци, а ќерките не доаѓаат со години. Препуштени се сами на себе. Одат во црква ако се собере некој денар, им даваат колку да купат леб. Некои соседи ќе направат нешто храна и им носат. Еве гледате како живеат. Зарем ова е живот?! – запрашува сосетката Данка Васева која го пријави ова семејство во „Срце на дланка“.
Најболна точка во животот на ова семејство е здравствената состојба на нивниот 30 годишен син. Тој можеби не бил свесен, но, неколку пати велат тие биле нападнати од него, па затоа денес тој наместо да се грижи за нив, сместен е во Негорци.
– Син ми порано беше болен од епилепсија. Подоцна стана агресивен. Често знаел да не нападне. Еден ден ни побара да јаде. Му кажав дека ќе му спржам јајца и салама, имаше и салата. Тој стана ја истури салатата, го зема тавчето и ја удри мајка му по глава. Жена ми почна да плаче, да писка. Се собраа и соседите. Морав да го пријавам во полиција и оттогаш е под надзор во посебна институција во Негорци. Жал ми е, дете ми е, ама сам си го направи ова. За жал немам пари, ниту еднаш да отидам да го посетам-додава дедо Ристо.
Не бил лесен животот на Ристо и Анка ниту во минатото. Но, тогаш Ристо барем можел да заработува работејќи физичка работа. Денес има осумдесет години, речиси воопшто не гледа и живее со едвај 6.000 денари месечно. Пред неколку години живееле и без никаков приход. И тогаш и сега, преживуваат само со помош на хуманоста од црквата во селото и соседите.
– Земаме само 6.000 денари пари од социјалното. Но, тоа е премалку за да може да се прехраниме. Ќе купам едно шише зејтин, ќе го помешам со малку маст и така го поминуваме месецот. Еден ден ќе спржам јајца. Некогаш правам грав, макарони, супа, пиперки … Месо не сме јаделе со децении. Немаме пари за да си дозволиме такво нешто. Пред извесно време немавме никаков приход. Тогаш ни беше најтешко-вели дедо Ристо.
– На ова семејство му треба сè. Храна, мебел, дрва … Немаат ништо. Анка од кај ќе најде влече гранки, за да ја замлачат собата во зима. Девојчињата не ги посетуваат. Живеат во страв. Знаете ли колку им значи дека денес сте тука. Дека имаат поткрепа од некој-со солзи завршува сосетката Данка.
Доколку сакате да помогнете на семејството на дедо Ристо тоа можете да го направите на следниот телефон 077/670171 или на следната жиро-сметка 5355823107626041
Автор Оливера Петрушевска