Мартина Ристовска Никодиновска потекнува од Богомила, Велес. Детството го минува сиромашно, со двајца живи родители. Но, кога ќе дојде да живее кај баба и, за да учи средно училиште во Скопје, 11 октомври од убав празничен, ќе се претвори во кобен ден за нејзиното семејство. Таа добива абер дека, нејзиниот татко само за да обезбеди средства за живот, тој ден паднал од орев и го изгубил животот. Од тој момент завршува нејзиното безгрижно детство.
– Штом завршив средно училиште, се преселив од Богомила во Скопје. Живеев кај баба ми. Учев ветерина. Моите работеа земјоделие, береа печурки, ореви, грозје, копаа ниви. Еден ден, токму на празникот 11 октомври се подготвував со дедо ми да одиме во Богомила, но од мајка ми добив информација дека тато паднал од орев и дека е во критична состојба во Државна болница. Следеше погребот. Останав без татко, од тој ден мојот живот веќе се претвори во пекол. Останував без пари, се трудев сама да заработам. Многу набрзо во училиште, дознав дека сум болна од епилепсија и слабо срце, наследни болести од мојата мајка. Одев на работа во некои маркети, но нападите толку беа чести што знаеше да ми се слоши и на работа, и на автобуска станица-започнува да го раскажува својот несреќен живот Мартина.
Животот на Мартина продолжува во Скопје. Но, несреќи и смрт го следат нејзиното семејство. Умираат најважните ликови во нејзиниот живот. Светла точка во тунелот. Еден ден ќе стане нејзиниот иден животен избран Бобан. За жал, тој ќе има уште потажна судбина од нејзината.
– Се запознав со Бобан, човекот кој ми е сè во животот. Многу се сакаме, имаме убав живот, но, тој имал полошо детство и од моето. Родителите го напуштаат уште кога имал четири години, па до дванаесеттата година од животот го чувале баба му и дедо му. После нивната смрт Бобан живеел сам. Како тринаесет годишно момче, морал сам да заработува за живот. Собирал шишиња, се мачел, преживувал. Можеби неслучајно Господ ги спои нашите патишта. Се запознавме, заљубивме и веќе четири години сме во брак. Имаме едно синче. Убав ни е животот, со слога и разбирање, ама сиромаштијата не уништи. Јас не можам да работам зашто сум болна, а Бобан работи во перална кога има работа го викаат, зема дневница 700 денари. Кога нема работа, оди кај луѓе сече дрва, собира шишиња, се снаоѓа за да донесе леб за мене и за малото-со солзи продолжува да раскажува Мартина.
Долговите од дедото и бабата на Бобан ќе се отсликаат и во сегашноста. Ова младо семејство со години живее без струја. Иако сопругот работи и се бори за дневница, за жал деновите им се често исполнети и без храна. Не гладуваат благодарение на хуманите соседи, кои знаат да им донесат чинија супа барем за детето. Но, најголема болка е хендикепот Мартина да се вработи поради слабото срце и наследната епилепсија, но, и обврската да ја плаќа месечната градинка на тригодишниот Михаил. Затоа прва желба на ова мајка е да светне струјата во домот, а потоа да се средат останатите домашни проблеми.
– Од старите останат е долг за струја, кој ние не успеавме да го намириме зашто се бориме за леб и веќе три години живееме без струја. Животот ни минува на свеќа. Не ми е жал за мене. Жал ми е за син ми Михаил, кој како секое дете сака да си гледа цртани, да се социјализира, да се дружи со другарчиња, а јас немам пари ниту да го запишам во градинка. Често немаме ниту за храна, само благодарение на соседите не сме останале гладни, а најчесто за ручек сите тројца мачкаме леб и паштета. Тоа ни е семејниот ручек.
Се надевам дека хуманите луѓе ќе ми помогнат и ќе овозможат и моето дете да живее како сите останати дечиња на негова возраст, среќно и безгрижно-завршува Мартина.
Доколку сакате да помогнете на ова семејство, тоа можете да го направите на следниот телефонски број 076/933959 или на следната жиро-сметка 300007114556022
Автор Оливера Петрушевска