Дома Инспирација Лична приказна: сознанието дека имам дијабет тип 2, ме шокираше

Лична приказна: сознанието дека имам дијабет тип 2, ме шокираше

Катарина Георгиевска состојбата со дијабет тип 2, ја открива сосем случајно, пред 10-тина години. Вели дека во прв момент, кога дознава за тоа, за неа тоа е шокирачки.

По првичниот шок и матичниот лекар којшто ме упати на следните испитувања и кои се првичните чекори што треба да се прават, јас во тој момент се чувствував сè уште млада и си кажав – рано е за заболување од ваков тип, рано е да преминам во дијагноза дијабет тип 1 кој бара и користење на инсулин пред секој оброк. Следбеник сум на алтернативните начини на живеење, што значи на исцелување. Да се исцрпат сите можности, покрај сиот благодет што го нуди современата медицина, никогаш не е лошо да види човек како може и на некој друг начин да си помогне. Јас во тој момент направив и еден консултативен преглед и со хомеопат од Бугарија, искрено споделува Катарина Георгиевска за Приказна.

Емисијата Приказна посветена на дијабетес

Добив неделни насоки, дека во прв момент е потребно да го стабилизираме организмот. Ми беше објаснето дека дијабет тип 2, покрај тоа што има генетски предиспозиции, секако дека настанува и поради некакви стресови во животот. Многу е тешка дефиницијата за стрес, а тоа е особено важно за дијабетичарите – затоа што не постои една унифицирана дефиниција за тоа што е стрес. Тоа се секојдневни општествени појави или семејни односи и односи на работното место, но многу е важно и како ние ги менаџираме тие состојби, како се справуваме со нив, открива во интервјуто за Приказна, Катарина Георгиевска.

Во првите три недели, Катарина користела, т.н. жива храна, за да преку детоксикација ги елиминира токсините од организмот.

Под жива храна подразбираме сето она што се наоѓа во нашето поднебје, што расте како растение, особено зеленчук, открива Катерина. Мала доза на овошје, затоа што тоа содржи фруктоза – овошен шеќер кој понатаму во метаболистичкиот процес се разложува на гликоза, па за дијабетичарите не е добро да јадат премногу овошје. Некои овошја имаат т.н. понизок гликемиски индекс, нам на пример ни е забрането да јадеме грозје или лубеница бидејќи тие содржат премногу шеќер. Кај нас, дијабетичарите е многу важно да научиме умерено да живееме и да ги контролираме своите потреби и желба за храна.

Професорката ми кажа дека храната јас треба да ја набавам на пазар или да ја собирам од градина, а потоа дома да ја готвам или да ја јадам жива. Ми потенцираше секогаш да се прашувам: „дали оваа храна влегла во фабрика – ако влегла, тогаш таа храна не е веќе за мене.“ Што е тука суштината?! Сето тоа што е процесирано и да има етикета на него „био“ или „органско“, „без адитиви и конзерванси“ – тоа не е точно, вели Катарина.

Таа добива и уште една препорака, според која треба да вклучи што повеќе секојдневни прошетки и лесни вежби, а особено да преферира градинарски работи.

Во почвата живеат специфични почвени микроорганизми и кога работиме градинарска работа, кога се копа, се чепка плевел, тогаш ги размрдувате и допираме овие микроорганизми, а тие испуштаат одредени излачевини кога се допираат т.н екскрети во воздухот со специфичен мирис. Тој мирис, во лабораториски услови е издвоена хемиската состојка на тој мирис, и докажано е дека го има истото дејство како и одредени хормони којшто ги лачи мозокот на човекот за опуштање и релаксација и се нарекуваат ендорфини. По сево ова, јас во 2009 година купувам имот во едно мало село во централна Македонија, селото Оморани, за релативно евтина сума. Бидејќи нашите села се напуштени и никој не купува парцели, јас сум една од ретките која го направила тоа, со намера еден ден кога таму ќе се преселам, а треба да имам некакви приходи, па да работам „селски туризам“, споделува Катарина.

Фокусирајте се кон себе, препорачува Катарина. Не правете премногу за другите луѓе, за околината, за поширокото семејство – туку фокусирајте се на себе си. Во денот задолжително планирајте солидни оброци со кои ќе се прехраните. За дијабетичарите многу е важно да имаат пет помали оброци во текот на денот, исполнети со зеленчук, да бидат балансирани. Потребно е да се јаде и месо, секако во умерени количини и особено да се избегнуваат јаглехидрати, додава Катарина за Приказна.

За Приказна,

Ване Марковски

Бранка Чочкова

Exit mobile version