6.8 C
Skopje
Friday, March 29, 2024
spot_img

Ирена Христовска: Квалитетно поминато време е многу важно за детето

Квалитетно поминатото време е многу важно за детето. Нека се и дваесет минути, ама тие да се квалитетно поминато време. Тоа значи да бидеме активни слушатели, активни соговорници, да знаеме што сака да каже детето и што му се случува, но, да зборуваме и што нам ни се случува како родители, да идентификуваме емоции и да знаеме да се прегрнеме, да се бакнеме, вели во интервју за Приказна, Ирена Христовска – едукатор во Центар за едукација на деца и родители

Како изгледа социјално интелигентен човек, кои доблести ги има?

Тоа е стабилна личност, знае да се однесува во која било ситуација со кој било соговорник. Ги разбира зборовите, но и емоциите на соговорникот. Социјално интелигентната личност е љубезна во комуникацијата, знае да го усогласи својот став, активно слуша, ги користи зборовите кои се слични на соговорникот, така воспоставува добра конекција и наоѓа соодветен заеднички јазик. Така полесно ќе се разбере, а комуникацијата е ефективна и ефикасна.

Како ги советувате родителите и децата која е социјалниот момент во прашање?

Ирена Христовска Социјалната интелигенција е поврзана и со другарството. Детето е социјализирано доколку знае да се однесува во група. Знае да се дружи, да прифаќа, да е флексибилно, не вперува прст, туку го разбира соговорникот. Важно е како родителите им пренесуваат пораки на децата. Колку родителите се социјално интелигентни, колку знаат да се однесуваат со блиските, но и сите кои не опкружуваат.

Многу често знаеме за детето да кажеме дека не е дружељубиво. Но, која е причината? Таа е подлабока, затоа прво со родителите работиме, а потоа со децата. Тие живеат во иста средина и мора да се работи тимски за да има ефект. Важно е да се соработува и со родителот и со детето. Со тренинзите преку прашања тие доаѓаат до себеспознавање каде се и каде би можеле да бидат, но само со промена на своите постапки и однесувањето. Ги увидуваат сите работи кои им недостасуваат и треба да ги усовршат за да го постигнат резултатот што го посакуваат.

Дали стануваат самокритични?

Ирена Христовска Самокритични, да, но не и критизерски настроени кон себе. Да бидат конструктивни кон критиките кои ги даваат и ги примаат, внимавајќи од кого ги добиваат критиките. Дали се тоа компетентни личности со соодветно искуство во одредена област од која им е потребна помош.

Ирена Христовска – едукатор во Центар за едукација на деца и родители

Се случува ли родителите свесно или несвесно, да им ги бираат другарите на децата?

Ирена Христовска Родителот секогаш го сака најдоброто за своето дете. Поради тоа може да смета дека некои другари го искористуваат, ја злоупотребуваат неговата добрина, а ретко го прашуваат детето дали друштвото му одговара. Треба да има разговор. Основа на добра комуникација меѓу родителот и детето е блискост и разговор, посебно во адолесценцијата.

Дали родителот е модел на детето?

Ирена Христовска Пресликани сме ние во детето, но и детето во нас. Дури има и пораки кои децата им ги упатуваат на родителите, а тие не знаат да ги прочитаат. Некогаш сме толку критични кон нив, бараме да променат нешто, а можеби тоа го имаме и ние. Постојано родителите и децата, се во една спрега.

Секогаш кога воспитуваме дете, треба да бидеме онаков модел каков што сакаме да биде нашето дете. Обично нашите цели како родители ги поврзуваме со постигнувањата на нашите деца.

Има ли шанси детето да се однесува спротивно однесувањето на родителите?

Ирена Христовска Има, но ако ги поставиме вредностите на здраво ниво уште од најрана возраст, вредносниот систем секогаш реагира кај детето. Секогаш ќе знае што вреди, ќе има свои критериуми на вреднување, а ќе изгради и отпорност кон одредени ситуации. Социјалната интелигенција се учи.

Дали во тинејџерските години се е простено и дозволено?

Ирена Христовска Најдобро се функционира каде што имаме поставено граница. Сите најдобро се однесуваме во граници. Ако сè е дозволено, оди во друга крајност. Ако пак е строго контролирано, со казни и други мерки, тогаш е исто што и да се дозволи сè.

Која е важноста на квалитетно поминатото време наспроти квантитетот за социјален развој?

Ирена Христовска Квалитетно поминатото време е многу важно за детето. Нека се и дваесет минути, ама тие да се квалитетно поминато време. Тоа значи да бидеме активни слушатели, активни соговорници, да знаеме што сака да каже детето и што му се случува, но, да зборуваме и што нам ни се случува како родители, да идентификуваме емоции и да знаеме да се прегрнеме, да се бакнеме.

Колку и да е големо детето, сака да биде прегрнато. Децата се топат кога ќе бидат разбрани од родителот. Тогаш стекнува доверба и доаѓа секогаш да ви се обрати.

Квалитетно поминато време се и семејните средби, ручеци, состаноци во домот. Убаво е кога сите ќе се собереме и ќе си разговараме. Тоа го зближува семејството и го стоплува домот.

Дали децата ги прифаќаат и ги почитуваат општествените норми?

Ирена Христовска Прифаќаат, а адолесцентите сакаат да ги кршат. Можеби мораат, можеби им се наметнати, но ги прифаќаат, а не знам колку ги разбираат. Битно е да им објасниме зошто треба да се почитуваат некои норми.

Како се поттикнува социјалниот развој?

Ирена Христовска Со добар заемен однос, љубезност, разбирање, добра комуникација, со емоции, да бидеме одговорни кон себе, да немаме вперен прст дека сите се виновни, само ние сме во ред …

Кога секој од нас би ја прифатил одговорноста за своите постапки и би бил слободен истовремено, тогаш социјалниот развој ќе се одвива во еден нормален континуитет, надградувајќи се.

Најчесто доаѓа до конфликтна ситуација кога јас сум во право, а ти грешиш. Што направив јас и како да направам да биде нешто подобро?

На тој начин градиме социјална интелигенција.

Како дигитализацијата и социјалните мрежи влијаат на социјалниот развој?

Ирена Христовска Го забавуваат социјалниот развој. Затоа што децата се затворени во витруелен свет. При тоа се губи контактот и емоционалното доживување на личностите. Пишаната порака, секој ја доживува на свој начин. Може да дојде до недоразбирање. Со дигитализацијата си го кратиме задоволството на емпатија и емоционално доживување.

Како да се справиме со конфликти? Како да се поставиме кога имаме недоразбирање?

Ирена Христовска Тука е важно активното слушање. Многу е битно соговорникот со кои искуства настапува, какво му е расположението, со каков тоналитет зборува. Треба да имаме разбирање за соговорникот за да не влеземе во конфликт, а сепак да го кажеме своето мислење.

Докуменатрен магазин Приказна

Дали можеме сами да си ја поттикнеме социјалната интелигенција?

Ирена Христовска Апсолутно, секој ден ја поттикнуваме социјалната интелигенција. Активното слушање на соговорникот, но и себеси. Да се слушаме како се обраќаме, кои зборови ги користиме … И на пазарење кога одиме ја развиваме нашата социјална интелигенција: начинот на обраќање, односот со другите купувачи …

Наташа Јанкулоска Торевска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,097FansLike
2,009FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ