9.8 C
Skopje
Wednesday, December 18, 2024
spot_img

Катерина Николоска: децата со дислексија заслужуваат еднакви можности

Дислексијата во македонскиот образовен систем се смета за пречка во учењето, особено ако не е препознаена од страна на училиштето и родителите. Иако овие деца немаат никакви когнитивни пречки, туку само еден невролошки проблем поради кој мозокот им функционира поразлично од на останатите, тие се нарекувани „глупави, мрзеливи и ученици кои не се трудат доволно“. Не треба да биде проблем да се учи со дислексија, но во состојба кога наставниците не ја препознаваат или не слушнале за неа, ученикот не може да напредува, едногласни се од здружението на дислексичари „Ајнштајн“.

Катерина Николоска, академски терапевт за јазик или терапевт за дислексија која работи во приватно училиште, вели дека ова е една многу деликатна и комплексна тема за која со години се дебатира и дискутира, за која сè уште го немаме најдено вистинскиот начин како да ја спроведеме инклузијата во училница и ова е генерално проблем не само кај нас, туку и на глобално ниво.

Пред околу 6 години запознав едно детенце кое беше запишано во приватното интернационално училиште во кое работам „QSI“. Тоа дете имаше дислексија и за него беше потребен некој образовен терапевт, професионалец којшто ќе го води низ образовниот процес, така што кога го запознав имаше моментално поврзување помеѓу мене и него, иако јас тогаш бев наставник по англиски јазик, односно не бев сè уште определена да работам со дислексија или со образовна терапија. Тоа дете ми беше главната инспирација да тргнам во оваа насока, затоа што откако се запознавме, јас се запишав веднаш на сите тие обуки и доквалификации и така некако се пренасочив од генерална, во специјална едукација на дечиња, вели Николоска за „Приказна“.

Катерина додава дека едукацијата е најважна алатка за да можат и наставникот и ученикот успешно да напредуваат, наставникот во можностите за работа со тие деца, а децата во својот образовен процес.

Едукацијата за мене како специјалист во тоа, за да бидам оспособена да работам со деца коишто имаат дислексија подразбираше долгогодишни обуки. Првата едукација којашто ја започнав траеше три години со еден универзитет во Канзас, САД и тоа подразбира директно и вертикално насочување токму на проблематиката со која се соочуваат овие дечиња, односно дислексијата или тешкотии со читање и пишување. Тоа за мене значеше обработка или деконструкција на англискиот јазик во овој случај и на сите негови шаблони за пишување и читање за да можам тоа да го пренесам кај овие дечиња коишто се соочуваат со таа тешкотија, додека пак за дечињата и за сите оние коишто имаат дислексија, тоа значи неможност да ги поврзат буквите со гласовите коишто тие букви ги продуцираат. Во англискиот јазик тоа е малку потешко, бидејќи не е ортографски транспарентен како македонскиот и иако има 26 букви, има 44 гласови коишто во различни комбинации буквите прават различни гласови, па ним им треба едно недвосмислено поучување на сите овие различни шаблони на читање, пишување и спелување, вели Николоска

Официјална статистика во Република Македонија за застапеност на дислексијата сè уште не постои. „Ајнштајн“ се раководат според бројката 10% од вкупната популација, според соседните земји каде што има направено истражувања, а спаѓаат во истото говорно подрачје како нашата држава.

Здружението работи најмногу на едукација на наставниот кадар, пристапот кон учениците со дислексија и како да им се пружи поддршка на овие ученици.

За Приказна,

Ване Маркоски

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,753FansLike
3,387FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ