Дома Вести И локалните избори покажуваат дека функциите во земјава се резервирани за мажите

И локалните избори покажуваат дека функциите во земјава се резервирани за мажите

92% од кандидатите се мажи и само 8% жени, вака изгледа соодносот на пријавените кандидати за градоначалници на претстојните локални избори кои треба да се одржат на 17-ти октомври. Од 301 кандидат за градоначалници на локалните избори, само 25 се жени.

Според официјалните податоци на Државната изборна комисија (ДИК), на изборите за локалната власт ќе се тркаат 299 кандидати за градоначалник во 81-та општина во Северна Македонија. Од нив 274 се мажи и само 25 жени.

Воопшто нема напредок од последните избори во 2017, изјави Александра Цветковска од НДИ на телевизиското гостување во емисијата Отворено на ТВ 24. За жал во 2017 имавме 5,7% жени кандидатки, наспроти 26 кандидати вкупно. Оваа година има 8,72% кандидатки. Но, кога реално ќе ги споредиме бројот на кандидатките со кандидатките од политичките партии и групите избирачи, ситуацијата покажува дека нема реално зголемување на процентот на кандидатки кај политичките партии, смета Цветковска.

На минатите избори беа избрани само шест жени градоначалници од вкупно 81 општина во земјата. Од 20-те позиции во Владата само 4 ги извршуваат жени. Од независноста, во изминативе 3- години, никогаш немало жена на некои од највисоките политички функции, како претседателската, премиерската или онаа на претседател на собрание.

13 од 24 партии и коалиции кои ќе учествуваат на изборите, кандидирале само мажи. За жал, ни кај поголемите политички партии не може да се забележи дека постои голема разлика. ВМРО-ДПМНЕ имаат 5%, односно во апсолутни бројки, само три кандидатки од вкупно 62 претенденти за градоначалничка функција. Кај СДСМ има 7% жени кандидати за градоначалници, односно 5 од вкупно 68 кандидати. Кај албанскиот политички блок, од вкупно 59 кандидатури кај ДУИ, Алијанса за Албанците и Алтернатива, ДПА и БЕСА, има само 2 жени. Поголема родова избалансираност се насетува кај движењето „Одлучно за промени“ на ДОМ и ЛДП, каде од вкупно 17 кандидати за градоначалници, пет се жени. Во градоначалничката трка влегуваат и 27 независни кандидати, од кои само две или 7,41 проценти се жени.

Ситуацијата е поразлична таму каде што постојат квоти, како на советничките листи. Од 1 131 кандидат за советник во сите 81 единица на локалната самоуправа, 522 или 46,15 отсто се жени. Ова се должи на фактот што Изборниот законик предвидува соодветна родова застапеност на пропорционалните листи за советници на локални избори и за пратеници на парламентарни избори.

Фактите и бројките се тие. за жал се поразителни, кога се однесува за вклученоста на жените во политиката, особено кога станува збор за високи општествени функции. Тука особено алудирам на она што значи извршна функција, истакна Снежана Калеска Ванчевска од СДСМ во синоќешното гостување.

Најмногу жени пријавени за градоначалничката функција има во Кисела Вода, каде три кандидатки претендираат да бидат на чело на општината во мандат од четири години. По две жени се кандидирани во Град Скопје, Аеродром, Центар, Тетово, Ресен и Могила. Дополнително во уште десет општини на гласачкото ливче ќе има само по една жена кандидатка за градоначалник. Иако партиите постојано говорат дека преземаат конкретни чекори за поголема родова еднаквост, овие политички случувања укажуват дека заложбите за неа се само декларативни.

Во концептот на нашето општество и менталитет, секогаш се перципира дека жената треба да биде домаќинка, да биде мајка. Доколку сакаме промени, треба да почнеме уште во самото образование, односно уште во воспитувањето пред образованието, во рамките на семејството, смета пратеничката Жаклина Пешевска од ВМРО ДПМНЕ. Ние немаме поделба на машки и женски работи. Јас познавам жени возачи на автобус. Затоа, ако сакаме промени, тие мора да започнат прво во семејството, потоа треба да се направат промени во наставните содржини, смета Пешевска.

Оваа слика е поразителна, особено ако се направи паралела со регионот. Во новата влада на Албанија, има 12 жени и 4 мажи. Србија има премиерка, Ана Брнабиќ, а Грција и Косово имаат претеседателки, Катерина Сакелапопулу и Вјоса Османи.

Exit mobile version