Дома Став Интервју Интервју Јорданова Цацаноска: интернетот создава пасивност кај децата

Интервју Јорданова Цацаноска: интернетот создава пасивност кај децата

Секогаш кон детето треба да се однесуваме со почит како да е возрасна личност. Eдинствено, потребно e да го приспособиме начинот на кој им зборуваме на децата. Тоа се деца коишто не го разбираат говорот и можеме да ги збуниме. Мораме да внимаваме во колкав обем им се обраќаме. Тоа да биде со мал фонд на зборови, едноставно, полека, за да детето може да не сфати. Од најрана возраст не треба да им се обраќаме со сложени зборови, вели во интервју за „Приказна“, М-р Соња Јорданова Цацаноска – дефектолог.

Приказна: Како и од која возраст се стекнува интернет зависност кај децата?

М-р Соња Јорданова Цацаноска: Денешниот современ живот не може да се замисли без интернет. Децата гледајќи ги родителите, несвесно се навлекуваат на интернет. Кога се движиме надвор гледаме се поголем број деца, како гледаат во телефоните, наместо да си играат.

Постои сугестија од страна на родителот, да се намали користењето на интернетот, меѓутоа таа зависност се постигнува уште од најмала возраст, кога родителот му дозволува на детето да користи интернет, наметнувајќи му го иницијално како играчка. Во прво време тоа е нешто што е интересно за детето. Потоа секојдневно, користејќи го интернетот, детето се навлекува се повеќе и повеќе на екранот.

Денес имаме и деца кои постојано го користат интернетот, па со своите мобилни телефони се и кога јадат, се облекуваат и слично. Таа зависност кај најмалите деца се формира уште во првите месеци кога децата е потребно да се движат во тој ран развој, кога е потребно да ги извршуваат најважните моторни активности, бидејќи моториката е важна не само за говорот, туку и за останатите развојни компоненти.

Кога велиме развојни компоненти, мислиме на еден комплетен развој, односно емоционалниот, моторниот, интелектуалниот развој. За жал децата кои своето време го поминуваат на интернет се лишени од сите овие рани развојни сегменти. Гледајќи на интернет детето е лишено од движењата, истражувањата на околината и домот. Во домот користејќи ја моториката, кај детето се јавува иницијатива за движење, да лази, да дојде до играчка, да ја гледа, фрли, да оди во кујна, да гледа во фиоки, да учи букви, но за жал „пасивното“ дете гледајќи во телефонот, не може да ги исполни сите тие нешта. Подоцна, после една година, кога е потребно кога детето да го формира говорот, да формира кратка реченица, тоа е оставено со телефонот, само со себе, а родителот брзајќи да заврши нешто, не го прашува детето, нема контакт, слабо разговара со детето, заборава и емотивно да го награди со бакнеж, пофалба …

Овие деца најчесто имаат ладен израз на лицето, не употребуваат гестови, не сакаат да имаат комуникација со околината, единствено е што бараат е телефонот. Во подоцнежна возраст, да кажеме во третата или четвртата година, кога говорот е потребен како едно средство за да детето воспостави комуникација со средината, детето е спречено, бидејќи нема доволен фонд на зборови на својот мајчин јазик. Децата тогаш повеќе го зборуваат јазикот кој е доминантен на содржините кои ги гледаат, на пример англискиот јазик. Родителите во овој случај се горди дека нивното дете може да научи многу јазици и тоа што му даваат многу време да поминува на интернет е своевидна награда за тоа што знае друг јазик освен мајчиниот. За жал, тоа е една патологија каде што е потребно навремено да се реагира и да му се помогне на детето. Зошто? Ако тоа го игнорираме дома или надвор и велиме дека има време да научи се, кога детето ќе се соочи со првата установа, еве примарно да кажеме градинка, не може да воспостави контакт со своите другарчиња, не може да ги разбере, па така секундарно се јавува повлеченост и агресивност.

Родителите како проблем најчесто го посочуваат моментот дека нивното дете не зборува, иако ако се навратиме наназад, не се свесни дека кај тоа дете и останатите развојни компоненти не се одвиваат во еден добар хронолошки развој.

Приказна: Кога се буди свесноста кај родителите?

М-р Соња Јорданова Цацаноска: Најчесто свесноста кај родителите се буди во моментот кога добиваат препорака од околината, учителките во градинка, дека нивното дете тешко воспоставува комуникација. Тоа најчесто се случува на една подоцнежна возраст, кога и прогресот од самата работа би одел со помал напредок, за разлика од тоа доколку се реагира на време и на време се почне со работа од страна на професионалците кои треба да се вклучат во тој развоен третман.

Приказна: Препораки до родителите?

М-р Соња Јорданова Цацаноска: Родителите се многу важни за да го стимулираме развојот на детето. Родителот е оној кој примарно е најдобриот учител на своето дете. Тој ги гради темелите на личноста кај детето.

Многу е важно уште од најрана возраст родителот да му се обраќа на детето, да му кажува како се игра, како е потребно детето да ги прави нештата. Секогаш кон детето треба да се однесуваме со почит како да е возрасна личност. Со тоа што единствено е потребно да го приспособиме начинот на кој им зборуваме на децата. Тоа се деца коишто не го разбираат говорот и можеме да ги збуниме. Мораме да внимаваме во колкав обем им се обраќаме. Тоа да биде со мал фонд на зборови, едноставно, полека, за да детето може да не сфати. Од најрана возраст не треба да им се обраќаме со сложени зборови.

Треба да ги поставиме границите. Кога ќе дојдат во поголема возраст, да им кажеме која е позитивната страна, а која негативна страна на интернетот. Пример тука како позитивна страна е учењето. Ако зборуваме за дете од помала возраст, тогаш позитивно е гледање едукативна содржина, во присуство на родителот, да се коментира содржината, да се истакнат позитивните страни од она што се гледа.

За Приказна,

Ване Маркоски

Приказна ЕП.33 – Тема: Интернет зависност
Exit mobile version