5.8 C
Skopje
Thursday, November 21, 2024
spot_img

Интервју со проф. д-р Елизабета Ѓеоргиевска: Ни требаат повеќе жени лидери во сите области

Затоа е исклучително важно, во иднина да имаме што поголем број жени во политиката, политичарки, коишто ќе ја водат државата, ќе имаме поголем број амбасадорки кои ќе ја претставуваат државата надвор, поголем број научнички кои ќе се борат за подобар свет, лекарките кои ќе лекуваат најкомплицирани болести, едноставно сите тие девојки и жени да бидат свесни дека имаат еднакви можности и едноставно имаат не само законски туку и ќе бидат еднакво испочитувани и од страна на околината и ќе им се овозможи еднаков пристап до сите услуги, здравствени, социјални и сите други услуги кои ќе обезбедат родова еднаквост во вистинска смисла на зборот, вели во интервју за Приказна проф. д-р Елизабета Ѓеоргиевска.

Приказна: Зошто е важна телесната автономија и како девојките и жените да научат да управуваат со нивното тело?

Елизабета: Телесната автономија е неразделна со телесниот интегритет. Всушност тоа претставува основа на човековите права. Секоја девојка или жена има право да одлучува за сопственото тело. Телесната автономија е всушност нераскинлив дел на родовите политики, и затоа ако се стремиме да создадеме општество во кое жените ќе бидат еднакви, како во граѓанскиот, општествениот сектор, економски, во политиката, секогаш овие прашања треба да бидат дел од правењето на политики.

Сексуалните, репродуктивните права на девојките и жените всушност исто така се нераскинлив дел од родовите политики. Тие треба да бидат основа сите девојки и жени да имаат примарен пристап до здравствената заштита, која понатаму ќе обезбедува и соодветна родова еднаквост. Практично, примарната здравствена заштита на девојките и жените е обврска на секое општество, и на таков начин ќе се обезбеди родовата еднаквост. Во тој правец може да го споменам ангажманот на Фондот за население на ОН, кој последните години во соработка со нашите институции, направија огромен исчекор, не само во легислативата, бидејќи последните години навистина сме во чекор со сите држави во светот во смисла на донесување на закони кои ја тангираат родовата еднаквост, туку и во партнерства и политики.

На пример, последните неколку месеци функционира проектот за мобилните гинеколошки амбуланти каде што се дава примарна здравствена заштита на жените кои немаат секојдневен пристап до гинеколози, на таков начин се обезбедува сексуална заштита на сексуалното и репродуктивното здравје, преку навремени прегледи, превентива и третман. Сите аспекти на телесната автономија и на сексуалното и репродуктивно здравје се исклучително важни во креирањето на родовите политики.

Нема достапен опис
проф. д-р Елизабета Ѓеоргиевска

Приказна: Како да ги разбиеме табуата кои се поврзани со сексуалното и репродуктивно здравје?

Елизабета: Кај нас имаме заложби кои беа презентирани на генерацискиот форум за еднаквост, и станаа дел од глобалните заложби и на таков начин сме обврзани за конкретни активности коишто се дефинираат според одредени показатели, а таков начин имаме мерливост на тоа што сме го направиле. Тоа се огромен број на закони и законски акти, конкретно во Уставот стои родовата еднаквост имаме закони за превенција на сексуално и родово базирано насилство, семејно насилство, потписници сме на Истанбулската конвенција во борба против родово базираното и семејното насилство. Меѓутоа ништо нема да направиме ако тоа не се трансферира кон пошироката јавност.

Ако пошироката јавност не стане свесна, и овие предизвици не влезат во колективната свест дека навистина треба да постои еднаквост на девојките и жените, во смисла на образование, на напредок на кариера, на поделба на вредности, во смисла на справување со проблемите, дали да се однесува на кариерата или да се посвети на семејството. Исто така не треба да се фокусираме само на пошироката јавност. Треба да се влијае на медицинските лица, на социјалните работници, на лицата коишто пружаат психолошка помош, оние коишто се први коишто пружаат помош на жените кога се наоѓаат проблем. Така што треба доста да се работи и кај нас. Во секое општество постојат стереотипи, табуа, проблеми. Но, ако не се зборува отворено за нив, и ако не се работи на промена на свеста тогаш без разлика колку закони да имаме, ако тие не се применуваат, нема да постигнеме вистински напредок.

Приказна: Колку сеопфатното сексуално образование може да биде од корист во поглед на унапредување на овие права и слободи?

Елизабета: Образованието секогаш е клучно во развојот на општеството. Јас како човек кој работи во образованието долги години, свесна сум дека благовременото, правилно, сеопфатно образование овозможува правилно развивање и на таков начин ако се пристапи кон објаснување на работите сообразно со возраста и културолошката заднина на оние коишто треба тоа да го прифатат, тогаш ќе може да се постигнат огромни резултати.

Вложувањето во образованието може да доведе до намалена смртност на мајките, превенција на сексуално преносливите болести како што е ХИВ-СИДА и ХПВ, развојот на карциноми. Понатаму, можеме да влијаеме на планирањето на бременоста, временскиот распон помеѓу бременостите и дали воопшто сакаат да планираат бременост. Но, исто така треба да се обрне внимание на штетните навики, детските бракови, но и родовото базираното насилство и неговата превенција.

Нема достапен опис

Приказна: Кои се предизвиците со кои треба да се соочиме да ги искорениме овие ситуации, и колку дигиталните мрежи може да ни бидат од корист?

Елизабета: Жигосувањето, табуата, предрасуди секаде постојат во светот. Тоа се случува и кај нас. Но, мора активно да се работи на нивно сузбивање, во тоа секако можат да помогнат дигиталните медиуми. Сè додека немаме еднаква искористеност и на девојките и жените, знаеме дека претставуваат половина од вкупниот број на жители, ќе имаме огромен неискористен потенцијал.

Затоа е исклучително важно, во иднина да имаме што поголем број жени во политиката, политичарки, коишто ќе ја водат државата, ќе имаме поголем број амбасадорки кои ќе ја претставуваат државата надвор, поголем број научнички кои ќе се борат за подобар свет, лекарките кои ќе лекуваат најкомплицирани болести, едноставно сите тие девојки и жени да бидат свесни дека имаат еднакви можности и едноставно имаат не само законски туку и ќе бидат еднакво испочитувани и од страна на околината и ќе им се овозможи еднаков пристап до сите услуги, здравствени, социјални и сите други услуги кои ќе обезбедат родова еднаквост во вистинска смисла на зборот.

Ако ние во сегашноста вложуваме во развојот на свеста за родовата еднаквост, ќе оставиме подобро општество за идните генерации, каде ќе има помала шанса за стигма и предрасуди, и на таков начин ќе се обезбеди во вистинска смисла општество на еднакви можности за учество на сите подеднакво.

Приказна Ние важиме за земја лидер во поглед на бројот на жени во СТЕМ областите. Како да го искористиме ова како потенцијал во иднина?

Елизабета Она што е интересно кај нас, за среќа, ние сме една од водечките земји во учество на жените во науката. Минатата година имавме неколку настани, податоците укажуваа дека некаде околу 52% до 53% од научниците се жени. Но, станува збор за почетните фази на кариерата.

Секојпат жените прво и основно треба да имаат можност да балансираат помеѓу кариерата и семејството, а во вториот дел да им биде овозможено од страна на нивните колеги, еднаква партиципација во лидерските позиции. Кога имате маж и жена на иста позиција, жената е секогаш помалку платена. Кога имаме можност за унапредување, секојпат полесно избиваат мажите на површина. Така што, самото тоа што имаме голем број на жени научнички, покажува капацитет којшто може да се искористи, и навистина би било штета тој да не биде искористен.

Нема достапен опис

Приказна Сметате ли дека кога би ги истакнале примерите на татковци кои користеле трудничко боледување, ќе се поттикне партнерството во семејството, со цел да им се овозможи на жените да ја градат својата кариера?

Елизабета Апсолутно. Во последниот период една од моите заложби е да се обезбеди можност и татковците да бидат дел од боледувањата во болниците, бидејќи во моментот не е дозволено, освен мајките никој да остане во болница.

Приказна Менторството е многу важно за вмрежување и поддршка на женскиот кариерен развој. Како да го поттикнеме тоа кај нас?

Елизабета Скоро имавме настан заедно со мрежа на жени од кај нас и жени од Грција за стимулирање на претприемништвото кај жените. Навистина имаше огромен интерес како да се спроведуваат менторски програми.

Гледам позитивен процес на промени во овој поглед, и верувам дека има голем број на жени кои сакаат да успеат во кариерата и да влијаат на подобрување односите во смисла на промовирање на родовата еднаквост.

Документарен магазин Приказна натема телесна автономија

Приказна За крај, да ја споменеме економската независност. Колку таа е важна во поглед на родово базираното насилство?

Елизабета Основен проблем за родово базирано насилство, една од причините поради кои жените не се решаваат да го напуштат семејството во коешто се жртви на насилство е веројатно и економската зависност.

Пред 2 години за време на карантинот, заедно со Министерството за внатрешни работи и Министерството за труд и социјална политика, имавме проект да ги стимулираме жените да пријавуваат родово базирано насилство бидејќи во тој период имаше повисок процент на жени, деца, и во помал процент мажи кои беа жртви. Заклучокот до кој дојдовме беше дека имаше огромен број на пријавени случаи на насилство, но за жал многу малку се охрабруваат да ја напуштат таа средина на насилство, така што ние имаме легислатива и волја да помогнеме, меѓутоа треба да се промени начинот на размислување, треба да се охрабрат девојките и жените за да имаме во вистинска смисла родова еднаквост.

Автор Вики Чадиковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,724FansLike
3,383FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ