3.8 C
Skopje
Thursday, November 21, 2024
spot_img

Интервју Софијанова:Вакцината е едно од најголемите достигнувања во медицината

 Вакцината е едно од најголемите достигнувања во медицината и тоа е факт кој не може да се побие. Децата или пациентите кои се вакцинирани од ДиТеПер имаат кросмеч, односно се позаштитени, имаат подобар имунолошки одговор, дури и подобро реагираат на Ковид 19, доколку се разболат. Сакам да кажам дека клетките во организмот имаат моќ да паметат, па така вакцината им овозможува да бидат подготвени со имунолошки одговор кој организмот го дава. “- вели за Приказна,  професор доктор Аспазија Софијанова, директор на Универзитетската клиника за детски болести

Сознанијата досега, говорат дека децата поминуваат полесно во поглед на пандемијата, за разлика од возрасните. Досега се изземени од стратегиите за вакцинација. Каков е Вашиот став, дали треба да бидат вакцинирани?

Софијанова Децата се клучен момент за здравјето. Ако дадеме добро здравје на децата, даваме добро здравје и на возрасните. Вие знаете дека секое дете кога ќе се роди, првата работа што се прави е вакцинацијата со класичната бесеже вакцина и хепатит б, а потоа тоа продолжува.

Нашата држава е меѓу првите која го застапи и применува европскиот календар за имунизација, поради што сме многу горди. Јас на овој начин влегов во групата која е дел од европската група за вакцинирање и имунизација. Сигурно е тоа дека децата се тие кои први започнуваат со процесот на имунизација. Е сега, што се случува со оваа нова пандемија? Децата во овој случај се ставени последни во групата за вакцинирање, тоа сè уште се разгледува, особено децата под 16 години, бројка која е стандардна под која засега нема вакцинирање. Во моментов е прецизно кој во која вакцинална група припаѓа. Точно е дека децата полесно го пребродуваат вирусот. Но, овој факт беше констатиран на самиот почеток на пандемијата. Ние веќе година дена се бориме со неа, поминувајќи низ различни етапи. Сега сме во етапа во која приказната со децата не е веќе таква, како што беше на почетокот на пандемијата. Ова секако се случува и со целокупната клиничка слика и кај возрасните. Имено, тие почнуваат со една лесна асимптоматска слика која може да кажеме дека не е толку страшна, некои поминуваат со благи симптоми на температура, евентуално кашлица, многу ретко болки по мускули, што може да биде ставено во категоријата на обичен грип. Кај овие симптоми, некако завршуваше приказната. Но, во последно време, сè почесто забележуваме сосема различни клинички слики кои се манифестираат токму кај децата. Ние како педијатри, споделуваме искуства од целиот свет, некаде во април добивме информација за т.н. Кавасаки лаик синдром кој се јави кај децата прв.

Што значи овој синдром?

Софијанова Тоа се промени кои се јавуваат во кожата и кои го предизвикуваат одредени вируси и кој професор педијатар од Јапонија-Кавасаки, кој почина минатата година на 95 годишна возраст, го опиша во литературата кај деца на таа возраст од две до девет години.

Дали процесот на вакцинација ќе придонесе тие симптоми да се намалат или да се спречи ширењето? Дали самата вакцина ќе придонесе, особено кај ранливите групи да се спасат од заразата со овој вирус?

Софијанова  Во стратегијата за вакцинација, ја разгледувавме опцијата и за хроничните болни во кои ќе влезат одредена категорија на децата, меѓутоа под строго прецизирани критериуми и протоколи. Кај децата досега не се направени испитувања, ниту пак експериментални истражувања како новите вакцини ќе влијаат врз децата. Затоа и јас и моите колеги, да бидам искрена, не би сакале да избрзуваме со вметнување на децата во категориите за вакцинирање. Сепак би сакале да го почекаме испитувањето и реакцијата кај децата.

Здравствените работници во сите стратегии за вакцинација се во првите линии за вакцинирање. Како е кај нас, какво е расположението на клиниката кај Вас? Дали сите колеги ќе се вакцинираат?

Софијанова Ние веќе се подготвуваме за процесот на вакцинирање. На интернет често пати се пренесуваат секакви информации, но ние мора да бидеме претпазливи што следиме. Целта на процесот на вакцинирање е да се создаде колективен имунитет или процент на заболени кои ќе бидат со многу помала можност да заразуваат други, односно оние кои ќе заболат да не можат толку брзо да го заразуваат останатиот дел од населението, бидејќи ќе се создаде имунитет. Значи сè се врти околу персонализираната медицина, околу сопствениот имунитет, околу подигањето на имунолошкиот систем, односно моќта на организмот да се справи со оваа болест. Ние како тим од детска клиника, стоиме на ставот дека сме за вакцинирање. Но, во однос на децата, дискутираме на таа тема, ќе гледаме тоа да бидат деца кои ќе бидат малку во повозрасна група, тоа значи тие до 16 години, кои навистина имаат сериозни компликации од претходно нарушен имунолошки или имуно примиран систем и слични хронични болести од раѓање. Евентуално треба да видиме и што ќе се случи со дечињата кои имаат ран дијабет, бидејќи знаеме дека дијабетичарите и во повозрасната група се доста ризична група. Но, сето ова, секако ќе биде во склоп со регулативите кои ги налага европското тело, кое е задолжено за регулација. И секако ова не е случај само на ниво на Европа, еве слично е и во САД, на пример кога се во прашање децата. Вакцинирањето на децата ќе следи, многу веројатно, откако ќе бидат покажани првичните резултати од процесот на вакцинација, кој ќе се одвива во две фази т.н бустер доза, каде втората доза се прима по 21 дена од првата. Ова значи дека ќе мора да постои едно подготвување претходно, за да може да следи вакцинирањето. Јас секогаш нагласувам дека вакцинирањето не е само дента кога се прима вакцината, но мора да се знае претходната лична карта на пациентот.

Површината на Западен Балкан се покажа како многу подложно на дезинформации и теории на заговор против вакцините кои влијаат врз одлуката за вакцинирање. Како ќе се убеди населението, како вие како стручно лице ќе ги убедите да веруваат во вакцината и да се вакцинираат?

Софијанова Најдобриот начин против дезинформациите е да допре гласот на стручниот тим до јавноста, стручниот и медицински глас, кој е најважен. Дезинформациите многу лесно допираат до јавноста. Знаете како, понекогаш се дозволени шеги. Но, кога разговараме за сериозни теми, ние мора да го правиме тоа сериозно. Западден Балкан и претходно се борел со теориите на заговор, кога се во прашање вакцините, ДиТеПер вакцините беа дел од тоа, особено вакцината за ММР за која се пронесе теоријата дека предизвикува аутизам, што со тек на време се покажа дека е неточно. Знаете како, понекогаш е многу тешко кога ќе се противстават две  страни, од кои кај едната имате лица со такво родителско искуство, тие се убедени и тешко е да ги разубедите од тоа верување дека можеби таа состојба во нивниот случај, не е можеби последица на вакцината. Едноставно, во тие случаи, мора да се најде виновникот.

Вакцината е едно од најголемите достигнувања во медицината и тоа е факт кој не може да се побие. Децата или пациентите кои се вакцинирани од ДиТеПер имаат кросмеч, односно се позаштитени, имаат подобар имунолошки одговор, дури и подобро реагираат на Ковид 19, доколку се разболат. Сакам да кажам дека клетките во организмот имаат моќ да паметат, па така вакцината им овозможува да бидат подготвени со имунолошки одговор кој организмот го дава.

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,724FansLike
3,383FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ