Дома Став Интервју Интервју Ивана Хаџиванова: Корона пандемијата е типичен пример за хроничен стрес

Интервју Ивана Хаџиванова: Корона пандемијата е типичен пример за хроничен стрес

Постои листа на стресори кои кај луѓето предизвикуваат најголем стрес. Некаде на врвот се смрт на дете, смрт на брачен партнер или близок член на семејството, тешкотиите со соочување со хронични и здравствени состојби, разводот, несаканите бремености или непосакуван прекин на бременост, разделба помеѓу партнерите, промени во животните фази како што е губење на работата, промена на работна позиција, работно незадоволство, вели во интервју м-р Ивана Хаџиванова, психолог, Гешталт Психотерапевт и Семеен-Системски советник, Основач на НЕОКОРТЕКС-Центар за психотерапија, психодијагностика, тренинг и едукација.

м-р Ивана Хаџиванова, психолог, Гешталт Психотерапевт и Семеен-Системски советник, Основач на НЕОКОРТЕКС-Центар за психотерапија, психодијагностика, тренинг и едукација.

Приказна: Што е стресот и како да го препознаеме?

Ивана: Стресот претставува реакција на организмот на некоја надворешна ситуација која всушност прави промени во телото и во целиот организам на личноста која пред себе има некакво барање или предизвик. Кај многумина честите асоцијации за стрес се: нервоза, напнатост, анксиозност, преголема загриженост, чувство на притисок и сл. Стресот во организмот предизвикува низа промени. Покрај емоционалните, тука се когнитивните и бихевиоралните промени, односно промените во однесувањето.

Приказна: Како да препознаеме кога стресот е позитивен?

Ивана: Позитивниот стрес, односно „еустресот“, убаво е секој да знае да си го препознае кај себеси. Таквиот стрес најчесто се јавува пред испит, појавување во јавност, важен состанок или кога се наоѓате во некоја ситуација каде е потребна брза реакција.

Во суштина кога чувствуваме стрес кај нас се буди еден одбранбен механизам кој уште се нарекува механизам на „бори се или бегај“ кој бил карактеристичен уште во времето на нашите предци. Овој механизам помагал да се слушаат низа физиолошки и биохемиски промени во организмот коишто прават личноста полесно да се адаптира и справи со дадената ситуација.

Приказна: Која е разликата помеѓу хроничен и акутен стрес?

Ивана: Кога станува збор за акутен стрес тој се јавува моментално во некоја конкретна ситуација, било да е некоја мала сообраќајна незгода или пак караница во домот, односно ситуација која нема тенденција да се повторува.

Хроничниот стрес подразбира континуирано повторување и постојано чувство дека сме во тој механизам на „бори се или бегај“ кое долго трае, па дури и со години. Честопати луѓето не можат да ги препознаат симптомите и не се свесни дека се наоѓаат во хроничен стрес сè додека не дојде појава на некаква болест како резултат на долгиот и хроничен стрес. Имено, доаѓа до исцрпување на силите, а како резултат на тоа можна е појава на депресивна симптоматологија. Корона пандемијата може да биде типичен пример за хроничен стрес.

Приказна: Со секојдневните обврски ние практично го согоруваме нашиот организам. Што се случува со организмот во тие ситуации?

Ивана: Професионалниот стрес се јавува кај голем број на луѓе. Некои професии се со повисоко ниво, други со пониско ниво на стрес. Кај професионалниот стрес се јавува еден додаток кој вклучува отпор спрема работата, незадоволство од работата, можна е појава на зголемени отсуства од работа, боледувања, доцнења, конфликтни ситуации со колеги и слично. Овие ситуации се пропратени со симптоми како што се: треперење на телото, вознемиреност, забрзана срцева работа, трпнење на рацете, немир. Тука се и когнитивните тешкотии поради коишто личноста има пад на концентрација и намален фокус, потоа зголемената анксиозност која оди рака под рака со стресот и депресивните симптоми како резултат на долгата исцрпеност.

Приказна: Кои се факторите коишто можат да предизвикаат стрес кај нас луѓето?

Ивана: Постои листа на стресори кои кај луѓето предизвикуваат најголем стрес. Некаде на врвот се смрт на дете, смрт на брачен партнер или близок член на семејството, тешкотиите со соочување со хронични и здравствени состојби, разводот, несаканите бремености или непосакуван прекин на бременост, разделба помеѓу партнерите, промени во животните фази како што е губење на работата, промена на работна позиција, работно незадоволство.

Честопати развојните фази низ кои поминуваме во животот знаат да бидат стресор. Во оваа насока може да ги наброиме: отселување, започнување со студии, преселба во друг град или држава.

Документарен магазин Приказна на тема стрес

Приказна: Како да се најде добра стратегија за справување со стресни ситуации?

Ивана: Добро е секој да знае кога е под стрес и на тој начин да си даде знак дека треба во текот на денот да најде некое растоварување. Во зависност кој е стресорот, можеме да креираме различни стратегии.

Физичката активност, престојот во природа, одморот и релаксационите техники како јогата и водената медитација, техниката на абдоменално дишење која помага при анксиозност и при чувство на стрес, да се регулира забрзаната срцева реакција и да се стимулира делот од мозокот којшто ќе нè смири, но исто така е многу важно да ги негуваме и социјалните контакти.

За Приказна

Вики Чадиковска

Exit mobile version