9.8 C
Skopje
Wednesday, December 18, 2024
spot_img

Интервју Горјан Јовановски: загадувачите на воздухот треба да плаќаат поголеми казни

Казните се прениски. Кога ќе нè „удри“ некој по џеб е подруго, тоа е вистината. Што можеме да правиме сега?! Помладите можеме да ги едуцираме, а постарите можеби треба да се соочат со поголеми санкции и казни, особено за ониешто се дрзнуваат да ја загадуваат животната средина, вели за Приказна Горјан Јовановски од граѓанска иницијатива „Зелен хуман град“.

Приказна Дали загадениот воздух е опасен?

Јовановски Загадениот воздух е критичен. Критичен е во Скопје, критичен е на Балканот, па дури и низ целиот свет. Девет од десет луѓе во светот се изложени на аерозагадување и нема безбедни лимити – како што ги нарекуваат, дека до одредено ниво е дозволено ПМ честички, нив не смее воопшто да ги има во воздухот. Колку повеќе зборуваме за тоа, толку повеќе се крева и свеста кај луѓето, па почнуваат да бараат од институциите коишто сè уште, за жал, не се функционални на таа тема, да почнат да преземаат сериозни чекори кон решавање на загадувањето на воздухот. Без апликацијата „Мој воздух“ која беше направена со цел да ги информира луѓето и тие да почнат да зборуваат, ние можеби сè уште ќе гледавме и ќе коментиравме, да загадено е, но никому ништо, додека не ги видовме конкретните бројки и видовме колку вистински е голем проблемот.

Приказна Може ли повисоки казни да стимулираат поголема одговорност?

Јовановски Казните се прениски. Кога ќе нè „удри“ некој по џеб е подруго, тоа е вистината. Што можеме да правиме сега?! Помладите можеме да ги едуцираме, а постарите можеби треба да се соочат со поголеми санкции и казни, особено за ониешто се дрзнуваат да ја загадуваат животната средина. Не може, да речеме една фирма, која има дозвола да испушта гасови во воздухот, кои не ги мери цело време, можеби и ги мерат, но не ги кажуваат бројките – казната којашто би ја напишале инспекторите да биде неколкупати помала од цената на еден филтер што би се поставил. Според економската логика, секој би помислил дека тоа не е исплатливо, подобро е да се плати казната и да се продолжи, одошто да се вложува во филтер. Но, ниту етички, ниту морално, тоа не е правилно. Прво, казните мора да се екстремно високи, за сите правни субјекти, па дури и за физичките лица коишто се обидуваат да ја загадуваат животната средина. Секој треба да се подразмисли, што ако ме фатат кога го правам ова, половина од тоа што сум го заштедил, ќе ми отиде.

Приказна Што го причинува загадувањето? Зошто не може да најдеме решение за загадувањето?

Јовановски Можеби во Берово се користи огрев на дрва кој придонесува до таквата ситуација, за Скопје знаеме дека индустријата има голем удел, во другите градови можеби се домаќинствата. Значи, од секаде има придонес кон загадувањето. Зошто сè уште не сме горешиле загадувањето?! Затоа што имаме една карпа којашто треба да ја влечеме, треба да влечеме со десет јажиња, симболично кажано, две ги влечеме едно наваму – друго натаму, а други осуммина што треба да влечат седат на страна и гледаат.

Кога имаме нефункционални институции, кои треба да седнат заедно и да соработуваат и да направат план, малите индивидуални напори нема да дадат ефект. Таа заедничка координација мора да прекине да биде блокатор, односно политичките партии да бидат блокатор. Не може ако градоначалникот е од една партија, а министерот од друга, тие да не соработуваат. Годишно од загадувањето умираат по 3.500 лица, мора да престане инаетењето и да почне да се соработува.

Приказна Кои се можните алтернативи кои можат да влијаат врз намалување на загадувањето?

Јовановски Еден од чекорите кој ние го предлагавме и драго ми е што влезе како амандман во Буџетот за 2022 година на Град Скопје е започнување на поставување хипер мрежа на нискобуџетни сензори низ Скопје. Пример, во источниот дел од градот ќе имаме неколку сензори кои цело време кажуваат дека загаденоста на воздухот цело време е висока преку зимските месеци, но тие се само три сензори и не знаеме точно од каде доаѓа загадувањето, дали се од фабриките, дали доаѓа од домаќинствата.

Кога ќе поставиме многу сензори ќе можеме многу и детално да видиме од каде доаѓа загадувањето и со тие информации инспекторите веднаш да излегуваат на терен. Инспекторот би ги гледал тие информации, ќе ја има апликацијата, ќе бидат објавени на веб-страницата на Град Скопје. Може и други работи да се направат на повисоко ниво, да се направи градот да не биде автоцентричен, да се фокусираме повеќе на велосипедизмот. Може да се направи зелен катастар на Скопје, каде што секое дрво ќе добие бројче и нема да може на некој да му текне да го исече дрвото, дури и во сопствениот двор. Сите дишеме чист воздух од тоа дрво. Да има градски компостари за биоотпад, бидејќи 60 отсто од отпадот што го фрламе по контејнерите е био, па потоа тој да се користи во земјоделието. Драго ми е што дел од нашите вкупно 33 поднесени амандмани како „Зелен хуман град“ беа прифатени и очекуваме со ребалансот што треба да се случи во март да се прифатат и останатите бидејќи тие се сериозни чекори за решавање на загадувањето и на другите критични проблеми со кои се соочува Скопје.

Документарен магазин Приказна на тема Загадување

За Приказна

Бранка Чочковска

Ване Маркоски

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,753FansLike
3,387FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ