Дома Инспирација Инспиративната приказна на Гере Трипков: Дигиталната трансформација ни овозможи да создадеме бренд...

Инспиративната приказна на Гере Трипков: Дигиталната трансформација ни овозможи да создадеме бренд за лицата со попреченост

Гере Трипков е основачот на ЗЕН, првата бренд линија наменета за лицата со попреченост. Тој со нас ја сподели својата инспиративна приказна.

„Зен“ настана од една можеби не толку наивна моја идеја и проект кој секогаш сум сакал да го остварам. Во поново време како што гледаме, малку светот се движи напред, ние некако тапкаме. Она што сакав да го направам е за лицата со попреченост да имаат поддршка од некој што ете можеби ќе им биде инспирација, а од друга страна на општеството да им ги отвориме видиците и чакрите за тоа дека средината во којашто живееме од една страна е убава за сите нас, меѓутоа мора едни со други да се поддржуваме. Така настана „Зен“ раскажува Гере.

„Зен“ првобитно беше бренд на производи, претежно маички и алки кои ние ги продававме, а потоа средствата ги означувавме за донации или за помош на лица со попреченост. Со тек на времето, како што ни се приклучуваа сè повеќе луѓе, ја добивме широко општествената поддршка и од јавните лица, па некако сфативме дека имаме потреба за уште еден чекор понапред, а тоа е да создадеме бренд кој ќе служи токму на оваа заедница и да создадеме парчиња на облека кои ќе им користат на нив, бидејќи различни се функционалноста и намената.

Имаме луѓе во Македонија и во светот коишто се соочуваат со тоа дека има недостиг на облека од таков вид. Во моментов сме во фаза на прибирање и комплетирање на проектот, инвестициски влегуваме во фаза на истражување, а потоа и посериозно да се занимаваме со оваа тема, раскажува Трипков за Приказна.

Во денешно време колку и да сакаме да функционираме без дигиталните технологии тоа е невозможно. Сметавме дека технологијата може да биде во наша корист. Денес, следиме трендови коишто малку задираат во нашата природа на социјализација, блискост итн., што и се потврди преку пандемијата, кога сè што ни остана беше телевизорот, интернетот и телефонот. Преку овие алатки сакаме да допреме до што поголема нова публика и да создадеме една технологија што ќе им помогне на овие лица да ги искористат своите можности, да ги дефинираат своите потреби преку фазата на истражување, а од друга страна да создадеме можности самите модуларно да ги склопуваат овие парчиња облека, и тоа ќе ни биде втор чекор кој го проектираме и планираме. Се надевам дека ќе се случи и ќе биде од корист.

Едно е да имате парче кое физички може да ја погледнете и пробате. Лицата со попреченост ја немаат таа можност, па мора да имаат еден вид на проекција за тоа што би го носеле, да го видат како стои, како прилега, дали е соодветно на нив, на нивната состојба, на нивната физичка подготвеност и спремност. За тоа ќе ни послужат технологиите.

Документарен магазин Приказна на тема дигитална трансформација

Алатките се тука да ни помогнат во функционирањето, но ние сме навикнати на некој начин да се обесхрабриме. Несомнено тоа е дел од нашето постоење. Современото живеење е комплементарно на дигиталните технологии и се поклопува едно со друго. Би било многу наивно да не ги искористите придобивките од дигиталните технологии. Ние би сакале да ги искористиме максимално. Дали овие 3Д технологии се корисни? Дефинитивно се. Како што гледаме и движењето со овие очила презентираат 3Д слика кои креира нова средина и нов универзум, може само да ни помогне реално, бидејќи технологијата во последните 70 години покажала дека може да биде романтична алатка, да ни го разубави животот, но од друга страна да ни помогне во функционирањето и да се развиваме како општество и планета со побрзи чекори од било кога, вели Гере Трипков.

За Приказна

Ване Маркоски

Exit mobile version