Умешноста едно обично парче сребро, го претвориш во жица и од тоа изработиш едно мало уметничко дело,коешто ќе стане безвременско, се нарекува филигранство. Филигранството е занает кој отсекогаш бил инспирација и за помладите. Таква е инспиративната приказна за Александра Атанасовска која е една од најмладите занаетчии во старата скопска чаршија.
Александра Атанасовска за Приказна раскажува: На патот низ моите студии налетав на еден краток курс за филиграни, не можев да се задржам себеси да не се пријавам, бидејќи филигранството ме восхитувало уште од раните години, кога сум се шетала низ старата чаршија со моите родители, и со восхит сме ги гледале овие парчиња. Така што, инстантно се вљубив во самата техника и можностите кои ги нуди среброто како метал. Чест ми е што сум тука денес. Веќе година и половина сум тука во старата чаршија, и морам да признаам дека таа е еден чувар на старите занаети и јас сум горда што можам да бидам денес тука, додава Атанасовска.
Убаво е да се знае дека се повеќе млади луѓе, пројавуваат интерес за учење на овој занает, но и луѓе кои сакаат да купуваат филигран.
„Во моментот според мене, филигранството доаѓа повторно да е модерно на сцената, и се повеќе млади луѓе има заинтересирани да го носат и да почнат со негова изработка.“-додава Атанасовска.
Таа додава: Најголем дел од моите клиенти се девојки на возраст од 20 до 30 години, тоа е практично и мојата таргет група. Целта е да го приближам филигранството до помладите генерации односно да ги изработувам моите дизајни како да треба да ги носам јас. Мислам дека поголем дел се како за подарок, но секако сега доаѓа лето, се враќаат свадбените прослави, и многу млади невести сакаат да бидат уникатни, да изгледаат поразлично и се одлучуваат за филигрански накит да носат на својата свадба.
Убавината на овој занает, но и на сите останати е тоа што секојдневно учите нови и нови работи, кои уште повеќе ве инспирираат, а самиот процес на преточување на една идеја во готов производ е предизвик.
Ова е мојата 6-та година како се занимавам со филигранството. До ден денес оваа техника ми покажува некои нови лица. Не е професија која може да се совлада во неколку месеци или години. Напротив, треба многу време и учење, секојдневно грешење и играње со огнот, вели Александра за Приказна.
Имаме пример на занает кој сè уште живее и за кој младите пројавуваат интерес, но како да го заштитиме и оставиме во аманет на идните генерации?
Сметам дека проблемот започнува од помали нозе, односно занаетчиството не вклучено во образовниот процес, смета Александра. Не постои соодветно училиште, односно академија каде што младите би можеле да се насочат и да добијат желба и поттик да продолжат со работа во занаетчиството. За разлика од останатите земји како што е Италија, златарството е посебна професија којашто се изучува на академии и они го гледаат ова како сериозна професија што не е случај кај нас. Другата точка е поддршката од државата. Ние сме земени како професија која се смета како мал бизнис или микро претпријатие и сме самостојни ракотворци, додава Атанасовска.
Автор Ване Маркоски