Дома Вести Изложбата „И јас сум тука“ против дискриминација на лицата со попреченост

Изложбата „И јас сум тука“ против дискриминација на лицата со попреченост

Фестивалот за литература и илустрација за деца „Литера“ ја најавува изложбата на фотопортрети „И јас сум тука“, која ќе биде отворена утревечер (2 ноември) во 19 часот во холот на Кинотеката. Во изложбата се вклучени 20 лица со посебни потреби од повеќе градови од Македонија на различна возраст, а портретите се придружени и од приказни посветени на нив. Автор на фотографиите е Тоше Огњанов, а на приказните – Сребра Ѓорѓијевска.

„И јас сум тука“ е дел од проектот „Децата не се раѓаат со предрасуди“, чиј иницијатор е театарот „Глада Худик“ од Худиксвал, Шведска, со поддршка на Шведскиот институт. Ова е проект кој во Шведска од 2014 година дал одлични резултати во борбата против предрасудите, а во Македонија се спроведува од 2020 година. Здружението „Солем“ преку разни активности се вклучи во проектот за што повеќе деца во земјава да бидат опфатени.

„И јас сум тука“ е едно големо патување и за нас. Се роди од потребата да зборуваме гласно за луѓето што се меѓу нас, а кои понекогаш се правиме дека не ги гледаме, ниту сакаме да ги слушнеме. Да зборуваме гласно и без грутка во грлото за луѓето што само сакаат да бидат поздравени, почитувани, сакани, да бидат дел од целото. „И јас сум тука“ е можеби многу поважно патување за сите нас да се свртиме кон себе и кон другиот, да го погледнеме другиот и да му ја почувствуваме душата, која многу често е повредувана. Предрасудите лесно се создаваат, а тешко се надминуваат“ – велат авторите.

Целта на проектот „Децата не се раѓаат со предрасуди“ е да се смени стереотипното однесување кон луѓето со попреченост, да се намалат стигмите и да се крене свесноста за интелектуалната попреченост, вели Ануки Стуруа, проект-менаџер на „Децата не се раѓаат со предрасуди“.

– Македонија има направено чекори кон оваа насока, но има уште многу работа да се заврши кога станува збор за интеграцијата на лицата со посебни потреби во општеството. Веруваме дека овие видови средби и активности можат да промовираат поинклузивна средина и да придонесат да имаме отворено и толерантно општество. Многу сме среќни и ни претставува чест да работиме со нашите македонски партнери, кои се фантастични луѓе што придвижуваат работи. Веруваме дека заедно можеме да ги рашириме идеите за човековите права, еднаквите вредности, правата на лицата со попреченост да бидат видени, слушнати, да стојат во средиште и да блеснат – вели Стуруа.

Основач на проектот е театарскиот режисер, продуцент, сценарист Пер Јохансон.

– Горди сме на тоа што го направиме досега, но пред нас сè уште многу предизвици – вели тој.

По отворањето на изложбата ќе биде прикажан документарниот филм „Модна ревија: Од ’Глада Худик‘ до Њујорк“ во режија на Јохан Ског. Станува збор за популарен филм во Шведска во кој учествуваат актерите од театарот „Глада Худик“, на кои им се остварува животниот сон да учествуваат на модна ревија во Њујорк. Сценариото е на Терезе Брингхолм, Лиа Сидерштром, Јохан Ског. Улогите ги толкуваат: Ема Ертлунд, Никлас Хилберт, Пер Јохансон, Ида Јохансон, Аника Гранлунд Јонсон и др.

На 3 ноември, во 19 часот, во Кинотеката ќе биде промовирана и книгата „И јас сум тука“. Гостинка на настанот ќе биде Ануки Стуруа, проект менаџер на „Децата не се раѓаат со предрасуди“, а модератор на промоцијата ќе биде Александра Јуруковска.

На настанот ќе биде промовиран и македонскиот превод на „Не престанувајте да се гушкате“ од Оса Емрот, книга со цитати на актерите од театарот „Глада Худик“ од Шведска.

Изложбата ќе биде отворена три недели, а филмот ќе биде прикажан на 3, 18 и 19 ноември во Кинотеката.

Exit mobile version