12.8 C
Skopje
Saturday, September 21, 2024
spot_img

Ида Протуѓер Вељковиќ: Наша е одлука за тоа дали во битката за среќа, ќе бидеме активни или пасивни

Ние се раѓаме сами, но биолошки сме преодредени на комуникација со другите луѓе, бидејќи не можеме да опстанеме сами. Постојано сме во конфликт на две фундаментални потреби: потребата за автентичност и за самостојност и потребата за припадност, вели Ида Протуѓер Вељковиќ, психолог, тренер системски семеен и бизнис тренер за Приказна.

Приказна Што е среќа?

Протуѓер Вељковиќ Среќата за мене е кога ќе го почувствувам локусот на контрола внатре, односно кога јас можам да управувам со сопствениот живот. Среќата има разни форми и ликови. Има ликови колку што има луѓе на Земјата. Мојата професионална база во работата се хуманистичката и позитивната психологија.

Хуманистичката се фокусира на позитивниот човечки потенцијал, а позитивната психологија како централен концепт го има концептот на благосостојба кој е повисок квалитет на среќа. Ние можеме да доживееме моменти на среќа во текот на денот но ако нашето секојдневие е исполнето со стрес, ние нема да го оцениме нашиот живот како задоволителен. Исто така може да доживееме моменти на среќа во една врска, релација, но исто така може да кажеме дека нема генерално позитивно влијание врз нас како личности. Така што среќата во овој концепт на позитивната психологија, концептот на благосостојба, се фокусира на пронаоѓање на сопствена смисла во животот.

Дали самореализацијата е отворен пат кон среќата?

Протуѓер Вељковиќ Генерално, она што го дефинираме како проблем е всушност неисполнето очекување или нереализирана потреба. Ние некогаш не сме научени како на вистински начин да ги адресираме потребите. Ние се раѓаме сами, но биолошки сме преодредени на комуникација со другите луѓе, бидејќи не можеме да опстанеме сами. Постојано сме во конфликт на две фундаментални потреби: потребата за автентичност и за самостојност и потребата за припадност.

Дилемата е колку сме спремни да се откажеме од нешто свое за да припаѓаме или колку да задржиме нешто свое, а сепак да бидеме прифатени од заедницата. Нашите родители нè учат како да се однесуваме, поради нивната намера да бидеме прифатени во заедницата, а помалку се фокусирале на тоа како ние се чувствуваме и кои се нашите потреби, и оттука ние не знаеме на правилен начин да ги адресираме. Друг услов каде што имаме избор за да бидеме среќни е дали сме активни или пасивни учесници во нашиот живот, дали мислиме дека околностите ни го одредуваат животот или како ние се поставуваме кон околностите.

Луѓето многу често мислат дека околностите ќе се сменат кон нивните потреби, другите луѓе треба да се променат поради нивните очекувања, а тоа не оди така. Ние најчесто не можеме да ги промениме околностите во кои живееме. Но можеме да одредиме наш одговор кон тие околности. Јас се профилирам како тренер кој ја подобрува и поддржува резилиентноста кај луѓето, бидејќи сметам дека тоа е нешто што најмногу им треба во денешно време, поради големите стрес фактори кои ги носат дигиталната и технолошката револуција. Резилиентноста е отпорност, односно позитивна адаптација кон тие промени и полесно справување со стресот и тие животни околности и транзиции. Целта е да се дојде до благосостојба.

Приказна Како да стигнеме до благосостојба на умот? Дали благосостојбата е различна од среќата?

Протуѓер Вељковиќ Мојата работа ја темелам на неколку столбови, што тоа би го поддржале, би ја спремиле личноста полесно да дојде до благосостојба, вели Ида. Тоа е фокусирање на силните страни на личноста и контекстот каде може да ги употреби за нејзино добро. во нејзини цели. Следно е релацијата со себе, односно себеприфаќање, бидејќи човек ако нема добра релација со самиот себе, нема да може да воспостави здрави релации ни со другите луѓе. Потоа, луѓето и релации што нè поддржуваат како личности, ефективната комуникација, односно ефикасна комуникација на потребите и целите, за да се разбереме. Последниот столб е себеизразување. Ние сме на некој начин јавни личности, присутни сме на социјалните медиуми, себеизразувањето е во насока на комуницирање на нашата автентичност и нашите вредности како луѓе.

Резултатот од едно истражување на американската терапевтка Соња Љубомирски, која ја анализирала и истражувала среќата, покажало дека 50% од среќата се должи на генетскиот фактор, 40% на самосвесни одлуки и 10% на околностите во кој некој живее. Јас често на моите клиенти им кажувам дека би имале 4.000 недели ако доживеат 80 години. Тие 4.000 недели како човекот ќе си ги искористи е негово право. Дали ќе ги искористи на креација или на фрустрација. Тој е автор, толку е времето дадено. Дали ќе живееме во минатото и ќе се занимаваме да со тоа кој ни направил неправда или во иднината и да се фокусираме на стравовите и тоа што носи иднината, или пак ќе живееме сега и тука и ќе знаеме како да препознаеме што ни прави добро, како тоа да го комуницираме. Со еден збор, мојата максима е да бидеме автори, не актери во нашиот живот.

Приказна Дали позитивната психологија влијае врз среќата?

Протуѓер Вељковиќ Позитивната психологија влијае врз среќата на начин што треба да се освести нашата активна улога во сопствениот живот, односно да се насочиме кон ресурсите наместо кон дефицитите. Има еден пример со еден австриски психотерапевт Виктор Франкл кој бил затворен во логорите на смртта. Потоа, тој развива еден психотераписки правец и пишува книга „Потрагата на човекот по сопствената смисла“. Читајќи го неговото искуство, вели Ида, вие сфаќате дека тој човек бил угледен, богат, имал сè, и оддеднаш преку ноќ, тоа го губи. Се наоѓа во еден логор, буквално гол, го крие докторатот под својот мантил, но му го земаат. За среќа преживува, ја пишува оваа книга и го развива својот психотераписки правец. Тој е тој фокус и концепт. Некој може да каже јас имав големи планови во животот, но ете ме затворија, не можам понатаму во животот поради разни причини, или пак ќе речете јас сум среќен што го пребродив ова и сега го имам мојот живот на располагање, како сакам да го живеам. Тоа е клучот на тоа како ќе се поставиме во животот и тоа е позитивната психологија, да го поттикне кон сопствена благосостојба преку активна улога во сопствениот живот.

За Приказна,

Вики Чадиковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,659FansLike
3,337FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ