2.8 C
Skopje
Friday, April 19, 2024
spot_img

Драгана Батиќ: Книгата „Децата и разводот“ ја обработува психологијата на разводот од перспектива на децата

Какво е влијанието на разводот на родителите и на семејната структура врз менталното здравје на децата и на адолесцентите? Како да се надмине оваа стресна ситуација и да се продолжи со нормален живот? Овие и уште многу значајни прашања за психолошката состојба на потомците при пропаѓањето на еден брак ги одговара универзитетската професорка Драгана Батиќ во својата книга „Децата и разводот: Психологија на разводот од перспектива на децата“, која беше промовирана нанедела, 8 мај на Саемот на книгата. Овој научен труд, кој е адаптирана и дополнета верзија на докторската дисертација на професорката, е во издание на „Арс Ламина“. Модераторка на промоцијата беше уредничката на изданието – Бисера Бендевска, а промоторка беше психологот и психотерапевт проф. д-р Димитринка Јорданова-Пешевска.

Бендевска истакна дека проф. д-р Батиќ во оваа книга прави детален преглед на разводот како стресоген животен настан и на карактеристиките на семејствата што настануваат по разводот.
– Од истражувањата што ги спроведува професорката во рамките на својата работна практика, но и од истражувањата на цитираните автори кои се занимаваат со истата тема, може да се заклучи дека менталното здравје на децата и на адолесцентите на разведени родители не е изложено на ризик, односно дека за менталното здравје на децата и на адолесцентите поважни фактори се функционалноста на новоформираните семејства и кооперативниот однос помеѓу родителите, отколку структурата на семејствата.

Заклучокот што го извлекува авторката Батиќ, заснован на истражувања извршени во земјава и истражувања и податоци од релевантни автори на кои таа реферира во својот труд е дека, генерално, децата и адолесцентите на разведени родители не се под поголем ризик по однос на менталното здравје во споредба со своите врсници од неразведени родители. Степенот на невротичност и самопочитта на децата не зависат од структурата на семејството, туку од меѓусебниот родителски однос и од функционалноста на семејството.

Кога луѓето се во некаков стрес, каков што е разводот, потребна им е стручна поддршка. Кога поминуваме низ некоја криза мислиме дека сме сами и дека самостојно треба да поминуваме низ тој процес, но кога имате ваква книга гледате дека не сте сами, дека истражувањата покажуваат дека луѓето ја надминуваат оваа криза. Дека и непријатните емоции се дел од разводот. Искуството ни покажува дека децата некако немаат шанса да зборуваат за своите емоции. Се случувало често деца на школска возраст да не споделуваат, дури ни со своите најблиски другарчиња или браќа/сестри. Но, кога ќе се најдат во група, каде што има и други деца на разведени родители тогаш почнуваат да разговараат. Гледаат дека не се сами. Мислам дека државата мора да им даде шанса на овие превентивни програми – рече авторката Драгана Батиќ.
Таа подвлече дека: „оваа книга е замислена како ’буквар‘ за разводи со оглед на тоа што се занимава со појави и процеси што се поврзани со разводот“.

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,277FansLike
2,912FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ