Јас сум среќна дека имам стабилни деца, многу разумни, за нивни години многу артикулирани и многу свесни. Деца растени во хармонична средина. Не се деструктивни. Не бараат нешто што е надвор од нашите можности и надвор од рационалното. Син ми има 16 ипол години, ќерка ми 12 ипол.
Двајцата се со многу голема емпатија кон нас, како родители кои се доста ангажирани, имаат чувство дека треба да помагаат дома, да се ангажираат, да пазарат, да фрлат ѓубре, да измијат садови, да си ги наместат креветите … Презадоволна сум во однос на тоа што очекував. Затоа што јас се подготвив со тешка артилерија дека ќе имам тинејџери и којзнае што ќе ми се случи, ја пренесува својата родителска приказна, Зорица Црношија – маркетинг-менаџер.
Дали затворената врата од детската соба значи дека доаѓа бурната фаза од животот наречена адолесценција?
Зорица Црношија Почна така со затворена врата. Сметам дека децата во тоа време бараат простор да бидат сами, да не им бидеме интрудери во нивниот простор и време. Не е многу страшно ако тропнам и побарам да оставам пеглани алишта. Ќе ми се даде пристап до просторијата. Меѓутоа, генерално децата се поизолирани и позатворени.
Сметам дека е во ред да си осознаат што сакаат да прават во сопственото време. Да не сум јас таа којашто нешто аранжира или спроведува. Би сакала да бидат самостојни и автентични, да имаат простор и време за да се осмислат себеси. Да читаат, да истражуваат, да бидат сами со себе малку.
Вие имате и ќерка и син во пубертет, дали врската татко – ќерка и мајка – син е посебна или сте врзани по родова основа?
Зорица Црношија Децата се многу врзани за нас двајцата, генерално ние сме едно семејство како црева. Мора да признаам дека со мене се поврзани во однос на сервисирање, во однос на сето она што им треба во текот на денот, сите нивни потреби и секирации. Дебатите, истражувањата, размислувањата, тешките дилеми се со мојот сопруг. Јас сум менаџер за набавки.
Како изгледа животот на еден тинејџер?
Зорица Црношија Јас сум среќна дека имам стабилни деца, многу разумни, за нивни години многу артикулирани и многу свесни. Деца растени во хармонична средина. Не се деструктивни. Не бараат нешто што е надвор од нашите можности и надвор од рационалното. Син ми има 16 ипол години, ќерка ми 12 ипол.
Двајцата се со многу голема емпатија кон нас, како родители кои се доста ангажирани, имаат чувство дека треба да помагаат дома, да се ангажираат, да пазарат, да фрлат ѓубре, да измијат садови, да си ги наместат креветите … Презадоволна сум во однос на тоа што очекував. Затоа што јас се подготвив со тешка артилерија дека ќе имам тинејџери и којзнае што ќе ми се случи. Вака сум навистина задоволна за годините што ги имаат. Тоа се веќе деца „во години“, а не деца на три-четири годишна возраст. Меѓутоа пак се со многу зелени мозоци. Во таа смисла сум задоволна како се разбирам со нив, колку ги разбираат нештата и светот што нè опкружува.
Сепак, адолесценцијата е транзиција од дете кон возрасна личност. Сигурно не е лесно.
Зорица Црношија Не е лесно, меѓутоа уживам во тоа да ги гледам и да го следам процесот како растат. Ме фасцинираат нивните размисли, согледувањата како го перципираат светот околу нив, што осознаваат, што ми пренесуваат како искуства. Не е лесно, ама е забавно.
Сигурно има предизвици со кои се справувате како родител?
Зорица Црношија Немам предизвици во поглед дека децата бараат нешто што не можат да добијат. Имам доста свесни деца кои со двете нозе цврсто газат на земја, без разлика што се тинејџери. Имам недоразбирања во поглед на тоа колку тие нешто сметаат за приоритет, колку уважуваат некои работи, колку памтат, колку се организирани и колку некои нешта ги сфаќаат сериозно: обврски, тајмлајн, дедлајн за некои работи што треба да се извршат, како тежина на домашни задачи … Во тој поглед можеби имаме поголеми недоразбирања и дебати, дека нешто треба да се испорача на време, одреден квалитет треба да се даде, не може работите да се замачкаат и туку-така само да ги претрчаме како обврска или како одговорност.
Имам разумни деца. Сепак можам да најдам нешто да се пожалам, ама ќе биде неблагодарно и треба многу да се потрудам.
Дали разговарате за емоциите, тие се најбитни во овој период?
Зорица Црношија Син ми е доста затворен и не сака да дискутира на таа тема, за емоции кон потенцијални партнерки. Меѓутоа, разговараме за емоции коишто ни предизвикале одредени ситуации, места и доживувања што сме ги имале заедно или посебно. Често разговараме за тоа како ние го гледаме светот што нè опкружува, што мислиме за работите.
Гледам дека се доста приземни деца опкружени со луд свет, не велам дека моите деца се исклучок, туку сакам да кажам дека се деца што растат во лудо време, а се нормални.
Во овој период родителите се чувствуваат запоставено, како да не е битен нивниот став, туку поважни се другарите т.е. друштвото. Дали имате ваков впечаток?
Зорица Црношија Да, го имам секојдневно тој впечаток. Не ме оптоварува тоа. Син ми пред некој ден изјави: „Мамо, ти ништо не знаеш.“ Јас сум свесна дека во неговите очи ништо не знам. Во ред, ќе се смени тоа мислење за некое време.
Јасно ми е дека децата растат и јас како родител не сум најрелевантниот фактор за градење на нивното мислење и не сум референтна вредност за нив во моментов. Драго ми е за тоа зашто за човек да осознае нешто, да порасне и да стане свесен треба да има мислења и разноликост околу себе. Така ќе дознае што е правилно.
Сакам да имаат опкружување од коешто ќе учат, деца со кои ќе се мерат, ќе се мерат и со себеси, но сметам дека е во ред да е така. Во ред е јас да сум на страна, а другар(к)ите да се приоритет.
Како ги решавате конфликтните ситуации, знаејќи го револтот кај тинејџерите?
Зорица Црношија Син ми не е дете коешто го крева гласот, ќерка ми исто не е, ама знае да ми се налути, без разлика дали сум виновна или не. Во тој момент е нервозна и така смета. Знае да се раздразни брзо. Јас сум потрпелива од сопругот, тој е поинпулсивен. Ќе се развикаме десетина минути и тоа брзо се смирува, и после си кажуваме дека се сакаме и туку завршуваме.
Сакате ли да го знаете друштвото на вашите деца?
Зорица Црношија Сакам да знам со кои деца е, каде е излезен, до колку саат, дали има батерија на мобилниот, кога ќе се врати. Светот е изместен денес и ми е важно дали е безбеден, како се чувствува и дали може да се врати дома и дали можам јас нешто да помогнам во тој момент.
Дали имаат „полициски час“ или спонтано си излегуваат во зависност од тоа како ќе им се допадне вечерта?
Зорица Црношија Имаме рестрикции тука. Немаше само околу Нова година затоа што роден е на Нова година славеше до подоцна, ама подоцна беше два, а не пет. Ќерка ми сè уште не е во фаза да излегува. Меѓутоа има време во коешто се прибираат и околу тоа време доаѓаат дома. Не е растегливо, или отсечка, туку тоа е фиксно време без разлика дали е викенд или работен ден.
Наташа Јанкулоска Торевска