Бројките од податоците на СЗО, покажуваат дека 60,5% од мажите и 47,8% од жените на возраст над 20 години, имаат зголемена телесна тежина, а околу 20% од возрасните во државава се дебели.
За жал, зголемената телесна тежина и дебелината се проблем и кај децата. Во нашата земја секое трето дете има прекумерна тежина или дебелина – една од највисоките стапки во регионот на СЗО за Европа. Загрижува и фактот дека трендот на прекумерна тежина кај децата на возраст од седум години има тенденција на раст – кај момчињата од 37.9% во 2010 на 39,4% во 2016, а кај девојчињата од 31.5% во 2010 на 32,9% во 2016. Според податоците на Европската иницијатива на СЗО, за следење на дебелината кај децата, од 2016 година, со која биле опфатени 40 земји, Македонија го зазема 10-тото место.
Детската дебелина станува еден од најпрепознатливите и најпредизвикувачките јавно-здравствени проблеми во Македонија. Ситуацијата не е различна од поголем број на европските држави, каде што трендот на детската дебелина низ годините се зголемува. Така е и кај нас. Во споредбената анализа од 2010 до 2019 година, трендот на детска дебелина е растечки, со тоа што поголема е преваленцијата на дебели момчиња во споредба на дебели девојчиња, вели проф. Д-р. Игор Спироски од ИЈЗ.
Според податоците од ИЈЗ во 2016 година 32,9 отсто од женските деца кои одат во второ одделение имале зголемена телесна тежина, во 2017 година – 33,2 процента, а во 2018 година – 33 проценти. Во 2016 година 15,2 отсто од женските деца во второ одделение биле дебели, во 2017 година – 13,1 отсто, а во 2018 година – 14,9 отсто.
Интересен е парадоксот дека во медитеранските држави, трендот на детската дебелина е најголем во цела Европа, а во дел од нордиските држави трендот е опаѓачки и согласно насоките кои се препорачуваат, вели проф. Д-р. Игор Спироски од ИЈЗ.
Изборот на храна од страна на децата често е автоматска реакција на физичката средина во која живеат – нездравите грицки и пијалаци се достапни во училиштата, како и во околните продавници, а недостигаат привлечни здрави алтернативи. Покрај тоа, „традиционалната храна“ често се смета за „здрава храна“ од страна на некои деца без оглед на содржината на калории и хранливиот состав на оваа храна.
Можам да се пофалам дека многу од родителите се обраќаат за да им се изготват план и програми за исхрана на нивните деца со цел да се спречи оваа пандемија од дебелина, со цел да ги вкоренат здравите навики и да имаат балансиран начин на исхрана, каде што ќе се вметнат витамини и минерали, каде што ќе се внесе свежо овошје и зеленчук, вели Емилија Спасовска Мојсовска, нутриционист.
Светските истражувања покажуваат дека не е доволно само да се обезбеди информација за здрава исхрана и мала е веројатноста дека ќе предизвика голема промена во однос на тоа што јадат и пијат луѓето. Поголем успех во промени на однесувањето ќе се постигнат доколку освен информација има и регулатива во врска со тоа каква храна се продава во и околу училиштата. Исто така, потребно е воведување информации на етикетите на производите и справување со погрешното сфаќање за тоа што е нормална тежина.
За Приказна,
Вики Чадиковска, Ване Марковски и Бранка Чочкова