23.8 C
Skopje
Sunday, September 8, 2024
spot_img

Емица Барнет: Битката со лимфом ме научи да се борам

Емица Барнет со нас ја сподели својата лична приказна за справувањето со лимфом. Во животот сè доаѓа и треба да се надмине, да не се прифаќа дека е болест и дека тука завршува животот. Мора да се бориме. Тие здрави навики мора да продолжат, без здрави навики, овошје, зеленчук, не може да се надмине ова. Би сакала да апелирам, да се обрати поголемо внимание на симптомите, кои често се поистоветуваат со друго, па се доцни со дијагностицирањето, укажува Емица. 

Како откривте дека имате лимфом?

Емица Барнет Првично моето искуство беше со најобична кашлица. Отидов на контролен преглед, меѓутоа кашлицата не престануваше. Се лекував со неколку видови антибиотици, подзапре малку, ЦРП-то беше високо, но кашлицата остана уште некое време. На моја иницијатива, отидов во инфективна клиника и таму веќе се откри дека и крвта е малку послаба и потоа веднаш бев препратена на хематолог. Хематологот ги откри жлездите и на тој начин веќе се сомневавме во оваа болест лимфом.

Како реагиравте и вие и вашите блиски, кога дознавте дека имате лимфом?

Емица Барнет Јас првично ги негирав сите симптоми, тоа беше обилното потење бидејќи сум во таа возраст сметав дека е менопауза, перименопауза. Тие симптоми беа неиздржливи со доста чести напади навечер, не само на треска, туку да не можам да се смирам воопшто. Мајка ми најмногу ме поддржуваше, ми помагаше. Татко ми малку потешко го прифати тоа, но најголема поддршка имав од сестра ми. Седна свесно, ги подучи родителите што и како е болеста.

Од моето семејство, ќерка ми најтешко го прими тоа, но со тек на време се приспособи и успеа да ми помогне во психолошката поткрепа. Самите терапии се тешки, треба да се лежат во болница, но тоа е тој агресивен начин кој треба да се помине низ целата терапија, за побрзо да се излечи.

Колку долго трае самиот процес на дијагностицирање?

Емица Барнет Кај мене започна некаде во август месец и првично се сомневав, бидејќи патував доста во Србија, па оттаму сум фатила некој вирус. Во септември се појави жлездата и веќе почна целиот процес на откривање на болеста.

Честопати се чини дека ни матичните не ги препознаваат симптомите.

Емица Барнет Да, кај мене беше случај со тоа што имав и цисти на јајниците и тука беше поврзано дека можеби е од тоа кашлањето. Бев препратена и на гинекологија. Таму добив уште еден пар антибиотици, Сумамед. Сепак жлездите не се повлекуваа што веќе упати на друга индикација.

Имавте ли некој симптом во прегледите кој укажуваше дека има некој сигнал?

Емица Барнет Можеби пнеумослајдот ги даде резултатите дека се појавил респираторен вирус. Тоа најчесто ги напаѓа децата од 4 до 6 години и бил чест во 2022 година. Јас во тој период немав никаква поврзаност со деца на таа возраст. Можеби тој вирус укажува на нешто имунолошки, па можеби и оттука се појави симптомот кој алудира на оваа болест. Другите параметри беа сосема во ред.

Каков е процесот на терапијата?

Емица Барнет Од хематологија докторот ме препрати на компјутерска томографија, на биопсија на онкологија да се направи. Таа биопсија даде лажни резултати, па оттука бев препратена на пластична хирургија, каде се извади целата жлезда за да може да се види конкретно на патологија, да се открие што е. Лимфомот како таков има повеќе типови поттипови. Поради тоа мора на патологија да се открие конкретно кој тип е. Болеста е Хочкин или Нехочкин, два типа се, а поттиповите се различни. Кај мене беше измешани келии.

Колку долго траеше терапијата кај вас?

Емица Барнет Таа терапија е 4 циклуси. Една терапија трае приближно 3 дена. Понатаму последиците, во смисла паѓаат леукоцитите, другите вредности и тука треба да се следат во период од 10-14 дена, па и затоа првиот пат бев 14 дена во болница, па понатаму како доаѓаат терапиите, се примаат на 21 ден. Следно е контролен петскен, за да се види до каде е ситуацијата и да се продолжи со терапиите.

Побаравте ли психолошка поддршка?

Емица Барнет Не побарав. Првично социјалниот работник во болницата ми го објасни процесот како оди. Бидејќи ја имав поддршката од семејството и сметав дека ако кажам, некој непознат нема да ми помогне, сепак ова е борба на самиот со себе.

Разговаравте ли со пациенти кои имаат слична проблематика и какви се нивните искуства?

Емица Барнет Нормално. Во болница бев со неколку девојчиња кои беа доста помлади од мене. Тоа ми беше и иницијалниот мотив за сето ова. Гледав дека има доста млади, па дури и кај деца се јавува. Слични симптоми, слично барање, 6 месеци по клиники, долг е процесот на откривање.

Апелот ми е да може да се укаже на овие симптоми како еден вид превентива, не мора да значи дека во секој случај ќе биде оваа болест, но да има превентива, за да може навремено да се открие и да се почне целиот процес. Процесот е тој, клиниката за хематологија успешно го спроведува тоа, но доколку е навремено откриено мислам дека многу полесно ќе оди, особено кај младите многу повеќе психички делува.

Недостасува тоа дијагностицирање да биде ставено во некој протокол или чисто да се има повеќе свесност за сето ова и да се разговара. Не е само да се препрати до гинекологија и да се заврши процесот. Можеби треба да се оди подлабоко во анализата. Додека не се појави жлездата, крвната слика кај мене покажуваше добри резултати. Многу е специфично.

Колку го променивте вашиот начин на живот по сознанието дека имате лимфом?

Емица Барнет Можеби сум посвесна за животот и дека не треба толку сериозно се’ да се сфаќа и да се ужива во животот. Во врска со здравствените и животните навики, можам да кажам дека цело време бев на здрава храна, доста вежбав, возев велосипед, но нема правила. Во животот се’ доаѓа и треба да се надмине, да не се прифаќа дека е болест и дека тука завршува животот. Мора да се бориме. Тие здрави навики мора да продолжат, без здрави навики, овошје, зеленчук не може да се надмине ова. Морам да кажам дека мене ми помогна матичниот млеч. Тој ми беше помош со сите други лекарства.

Вики Чадиковска

 

 

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,630FansLike
3,305FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ