Добро е да имаш резилиентност, отпорност, жилавост, а не да побегнеш на првата кривина и да компензираш со дисфункционалност. Дури и начинот на кој размислуваш може да те потоне или да ти помогне да испливаш, па дури и да полеташ особено ако си научил, искусил дека успехот и неуспехот не се спротивни, дека неуспехот е всушност дел од успехот. Им се случува на сите луѓе на планетата земја. Токму затоа родителите, треба што повеќе да им дадат простор за да развиваат самоконтрола, наспроти онаа контрола. Да престанат да им се мешаат, да им го расчистуваат патот, едноставно да пријдат кога нешто е сериозно или опасно. Родителите треба да им дадат доверба на децата за да развијат самодоверба, да станат самостојни, да искусат, изберат, за да пораснат, да растат и да се развиваат, инаку ќе бидат зависни од нив, истакнува Елизабета Петровиќ за Приказна
Може ли училиштето да влијае на развој на социјалната интелигенција кај децата? Може ли да поттикне нешто повеќе од оној примарен, приоритетен процес на усвојување знаења?
Елизабета Петровиќ Може, секако дека може. Семејството во домот, паралелката во училиштето, тоа се навистина ресурси кои овозможуваат развој меѓу другото и на социјалната интелигенција. Паралелката е моќен микро систем кој постојано на децата им дава можност да градат социјален однос, емоционална писменост, да умеат меѓусебно да се разбираат, да комуницираат, да градат социјални компетенции и низ секојдневните искуства, одлуки и релации, избори што ги прават, тие социјални компетенции да се зајакнуваат, вежбаат, усовршуваат. Ова овозможува децата да успеваат да се челичат. Да градат резилиентност и на тој начин да можат во иднина да се справуваат со надворешните стресови и предизвици.
Можам да кажам еден едноставен пример, во паралелката наставникот може да гради толерантност и самоконтрола низ оние постојани, континуирани, самостојни и заеднички активности. Во домот, родителите додека детето е бебе, како што тие постојано бдеат над него, контролата е максимална, па потоа се повлекуваат за да остават простор на самоконтролата, да дадат личен простор. Истото го прави и наставникот. Во прво одделение контролата е поголема, а потоа таа контрола ја заменува со самоконтрола, па доаѓа толеранцијата, самостојноста, самодовербата која е важна за развојот на децата.
Начинот, моделот на кој се гради позитивната клима на паралелката всушност соодветствува со начинот на кој се градат емоционалните, социјалните компетенции. Тоа е едно безбедно опкружување, процес во кој децата се учат на почитување, соработка, решавање на проблеми. Наставникот постојано е фокусиран на системот и на паралелката и на ученикот. Ги запознава сите негови силни и слаби страни. Тоа е всушност можност кај тоа дете да се градат знаења, умеења, ставови, но исто така и социјални компетенции и индивидуална резилиентност. Сите тие работи, се во еден пакет.
Знаењата не се пресудни, не се некогаш најбитни и всушност знаеме многу примери во животот каде многу луѓе со многу знаење, професионално можеби и не се толку исполнети и среќни во животот, затоа што можеби не развиле некакви социјални вештини, затоа што можеби не успеваат да соработуваат со колегите, или не успеваат да се справат со некаков неуспех.
Интересно е да се додаде размислувањето за вештачката интелигенција, која мислам дека ќе ги забрза промените во училиштата. Ние одамна сме свесни дека првачињата полни со знаења, поточно со информации, ништо нема да постигнат ако не научат како до вистински знаења, како да истражуваат, да гледаат на нештата, како да се биде самостоен, како да бидат исправени пред сите предизвици со кои ќе се соочат во тој континуиран процес на доживотно самообразование.
Што ги советувате родителите, која е вашата порака до нив, но насока на развој на социјалната интелигенција кај децата? Имаат ли родителите некаква привилегија во тој развој?
Елизабета Петровиќ Да, за родителите и сите оние кои ја имаат таа привилегија да се во светот на децата. Едноставно да научиме да престанеме да го преземаме тоа т.н академско знаење. Добро е да си паметен, но добро е да имаш и социјална интелигенција. Велат да имаш срце и карактер.
Добро е да имаш резилиентност, отпорност, жилавост, а не да побегнеш на првата кривина и да компензираш со дисфункционалност. Дури и начинот на кој размислуваш може да те потоне или да ти помогне да испливаш, па дури и да полеташ особено ако си научил, искусил дека успехот и неуспехот не се спротивни, дека неуспехот е всушност дел од успехот. Им се случува на сите луѓе на планетата земја.
Токму затоа родителите, треба што повеќе да им дадат простор за да развиваат самоконтрола, наспроти онаа контрола. Да престанат да им се мешаат, да им го расчистуваат патот, едноставно да пријдат кога нешто е сериозно или опасно. Родителите треба да им дадат доверба на децата за да развијат самодоверба, да станат самостојни, да искусат, изберат, за да пораснат, да растат и да се развиваат, инаку ќе бидат зависни од нив.
Родителите треба да престанат да се плашат од тоа дека нивните деца ќе бидат исфрустрирани, туку да разберат дека без некои фрустрации, нема некој раст, нема созревање. Како родители треба да знаеме дека детето е многу повеќе од неговиот училиштен успех. Па исто како што се радуваме кога првачето ќе научи стихотворба, детето од 7 одделение ќе прочита некоја огромна лектира, ќе разберат некоја тешка лекција, ќе одат на некој натпревар, мислам дека исто така да научиме да бидеме среќни и горди кога децата ќе пропуштат некој стих од песната.
Можеби нема да ја дочитаат лектирата, но ќе умеат искрено да разговараат за тоа со родителот, со наставникот, кога нема да се срамат да побараат помош, кога ќе се засрамат од некоја своја недолична постапка, ќе се смират со другарчето со кое се скарале пред некој ден, самостојно ќе напишат домашна чиј ракопис не е краснопис, ама е подобар од вчерашниот. Кога ќе седнат до детето кое е само во паркот, кога ќе се снаоѓаат во оние секојдневни училишни, маалски лудории, кога ќе имаат памет, срце и карактер и ќе им дозволиме да бидат изградени од цврст материјал.
Вики Чадиковска