5.8 C
Skopje
Thursday, November 21, 2024
spot_img

Економското јакнење на жената е неопходност

Данела Арсова од 2014 е претседател на Сојузот на стопански комори во нашата земја. Со нејзиниот избор, таа стана првата жена на оваа позиција во нашата земја. Пионерската улога ја продложи многу брзо, па така во ноември 2018 стана прв македонски претставник во Светската комора од 1919 година, но и единствен претставник на Западен Балкан. Оваа информација  е многу важна, особено и поради фактот  што глобално, само 4 жени во светот се носители на таа функција.

Своето портфолио неодамна Арсова го надгради со уште една позиција, почесен конзул на Унгарија во нашата земја.  Со Арсова разговаравме за женското претприемништво.

Дали како жена некогаш сте биле дискриминирана за одредена работна позиција?

Арсова Мојот случај е малку специфичен, затоа што Македонија претставува  пионер. Колку што знаеме само три жени има во Европа коишто се носители на национална комора, а во светот тоа се само четиринаесет. Ако ги погледнеме така бројките, можеме да кажеме дека Македонија многу добро стои на тоа поле, меѓутоа за жал, како што покажуваат бројките, во корпоративниот свет, за разлика од она што го имаме во јавната и државна администрација, многу малку жени се застапени на повисоки корпоративни позиции. Од моето лично искуство во таква позиција, најверојатно поради ставот, интегритетот и она што го носам како личност имало влијание, меѓутоа тоа не значи дека голем број на жени низ Македонија не се соочуваат со такви проблеми.

Дали во комуникација со жените имате информации што најчесто претставува проблем со којшто се соочуваат во остварувањето на женското претприемништво?

Арсова Општо, претприемништвото е отпочнување на нешто за да направиш корист, не само за себе и за своето семејство, туку и пошироко за економијата, бидејќи ова се луѓе коишто имаат добри идеи, имале храброст, имале волја да отпочнат нешто самите и да не бидат товар на буџетот на државата, нешто коешто за жал е сè поголема желба кај младите. Ова е исклучително тешко, а во женското претприемништво уште потешко, имајќи го предвид полот. Додека пак, во овој корпоративен дел е навистина многу поизразено, бидејќи таму зависите од тим којшто треба да ви дозволи да стигнете до позицијата што ја заслужувате.

Истражувањата покажуваат дека во 10-те најпрофитабилни компании, во управните одбори, скоро и да нема жени …

Арсова Тежок проблем, но не е само во Македонија така. Меѓутоа, за разлика од останатите земји во Европа и светот, каде што самите компании се обидуваат да покажат дека се за воведување некоја различност во нивниот систем на работење и успеале да ја видат вредноста на жената како носител на иновации и нови идеи, кај нас во Македонија тоа не е случајот, за жал, затоа што корпоративниот свет се смета за нешто коешто исклучиво треба да го носи мажот. Верувам дека проблемот со којшто се соочуваме ние тука е повеќе од аспект дека немаме меритократија во државата. Да, вистина е ова што го кажувате. Тоа го имаме и преку лични примери и од комуникацијата со жените со кои комуницираме. Доколку се има таква можност, да се дозволи да се напредува во кариерата, тоа првенствено му припаѓа на мажот. Значи, жените не само што не се еднакви и немаат еднакви можности, туку немаат и еднакви можности и за напредување и за наградување во сопствената кариера и образование.

Кога веќе го спомнавме образованието, многу земји од мали нозе почнуваат да го поттикнуваат женското претприемништво преку низа образовни програми, на пример Австрија има ден на девојките и мини, едниот наменет за возраст од 10 до 16 години и другиот за девојчиња во градинки, со кој на некој начин се трасира патот во иднина за девојките за да им помогне да биде отскочна штица. Како е кај нас?

Арсова Знаеме дека образовниот систем сè уште има стереотипи, каде жената е најчесто претставена како домаќинка, што пак влијае на перцепцијата подоцна …

Кај младите свесноста се гради уште од основното образование и верувам дека нема само образованието удел, туку и домашното воспитување, каде децата гледаат како се живее кај нив, на кој начин се однесуваат меѓу себе во семејството родителите, па така и децата, во случајов девојчињата почнуваат да се перципираат себеси. Верувам дека треба да се посвети внимание и не само од книгите, туку повеќе и од педагозите и психолозите во училиштата, да ги поттикнат, да им покажат дека во различностите е иднината, но и во прифаќање еден со друг.

Во развиените земји се учи дека татковците се еднакви со мајките. Кај нас има многу предрасуди во овој поглед. Што се прави за да се смени ова како перцепција?

Арсова Во западните земји тоа е прашање на економски параметри. Тие се водат најчесто од тоа кој повеќе придонесува во семејството и се водат од економската логика, практично што помалку би наштетило на семејството, односно кој да остане дома да се грижи за детето, а кој да работи, па така ако жената е носител на поголеми средства во домашниот буџет, тогаш се одлучуваат тоа да е жената. Тие го гледаат практичниот дел на работите, а во Македонија традиционалниот. Тука игра улога свесноста, а само ние може да влијаеме на тоа, разговарајќи за оваа тема. Традиционалното не може да се искорени се до оној момент, додека не дојдеме до силно економско јакнење на жената.

За Приказна, Вики Чадиковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,724FansLike
3,383FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ