3.8 C
Skopje
Thursday, November 21, 2024
spot_img

Д-р Павлина Коруноска: И во менопауза, жените треба да прават гинеколошки прегледи

Што е менопауза и кога започнува?

Д-р Павлина Коруноска Менопауза се дели на три дела. Имаме период на предменопауза или перименопауза, познат меѓу жените како период на климакс, менопауза и постменупаузален период. Климаксот обично трае неколку години пред менопаузата. Тој води до намалување на функцијата на јајниците, намалено лачење на естрогените хормони и до промени во менструалниот циклус и конечно до загуба на менструалните крвавења.

Менопаузата во превод значи губење на менструалниот циклус. Таа се одредува ретроградно односно ако една година односно 12 месеци жената нема менструални крвавења, доаѓаме до дијагноза дека жената е во менопауза.

Постменопаузалниот период е период по менопаузата и трае до крајот на животот на жената. За постменопаузата има интересен податок дека животниот век се продолжува на жената, но периодот на постменопаузата останува ист, односно може да трае околу 30 години, а тоа е околу 1/3 од животот на жената каде таа останува без хормоните од јајниците. Во тој период е изложена на повеќе заболувања. Поради тоа особено внимание се обрнува на постменопаузалниот период.

Како да препознаат жените дека влегуваат во тој период?

Д-р Павлина Коруноска Најчест симптом поради кој доаѓаат жените на гинеколошки преглед се промените во менструалниот циклус. Почнуваат менструациите да им доаѓаат подоцна или да дојде циклусот порано, да има пообилни крвавења и поради тоа пациентката доаѓа на гинеколошки преглед. Тој симптом не значи дека жената е во менопауза, туку дека тој процес почнал, односно јајниците почнале послабо да лачат естрогени хормони. Во тој период доаѓа до создавање на фоликулински цисти коишто лачат многу естрогени хормони, па организмот на жената е изложен на дејството на вишок естрогени хормони, а потоа пад на естрогените хормони. Тие симптоми пациентката ги чувствува и поради тоа се јавува на гинеколошки преглед.

Друг чест симптом, се топлите бранови, ноќните потења кај пациентките. Некаде околу 75% од жените се жалат на тие симптоми. Несониците, мигрените, вагиналната сувост, сексуална дисфункција, сувата кожа, уринарната инкотиненција, промените во мокрењето, анксиозноста и депресија, се чести симптоми. Во овие периоди на климакс, менопауза и постменопаузален период, пациентките потребно е да доаѓаат на преглед, за да можеме да дадеме точна дијагноза и терапија, доколку е потребна.

Што е рана менопауза?

Д-р Павлина Коруноска За жал, менопауза може да се јави кај многу помлади пациентки односно како дефиниција за рана менопауза се смета менопауза која настанува кај пациентки пред 40 година. Пациентките го губат менструалниот циклус и тоа се случува кај еден процент од жените.

Причини за појавување на раната менопауза се многубројни. Може да се појави поради автоимуни заболувања, може да се јави поради хромозомски абнормалности, пример кај Тарнер синдром, се појавува поради хемотерапии, односно токсични фактори кои влијаеле на јајниците. Исто така може да биде предизвикана и атрогено односно заради болести на јајниците, односно да треба тие да се отстранат и по операција жената е во менопауза.

Кај пациентките кои се во рана менопауза, најдобро би било да се даде терапија доколку нема контраиндикации. Многу е рано женскиот организам да остане без хормони коишто понатаму си носат многу ризик фактори и влијаат на многу органи на женскиот организам и доведуваат до различни заболувања. Би било убаво, пациентката која е во рана менопауза да ја прегледаме, да утврдиме дали има некои контраиндикации и да и дадеме хормон.

Колку е значајно да знаеме кои се вистинските информации и да се обратиме на правото место?

Д-р Павлина Коруноска Јајниците после 35 година почнуваат намалено да ги лачат хормоните. Тоа е генетски предодредено и заради тоа им објаснуваме на жените дека јајникот почнува да ја намалува својата функција и во таа фаза во предменопаузата, доаѓа до циклуси без овулации каде што фоликулите во кои ги има тие јајцеклетки не прскаат, преминуваат во цисти и лачат многу вишок на естрогени хормони. Под влијание на тие хормони жената може да има обилни крвавења, може да има интерменструални крвавења и заради тоа треба да дојде на преглед, за ние да дадеме терапија. Во тој период треба да даваме во втората фаза од циклусот прогестеронска терапија бидејќи не доаѓа до прскање на фоликулот и не се создава жолто тело кое го создава тој прогестерон.

Со таа терапија, организмот на жената ќе биде изложен на минимална доза на хормон кој му е потребен на организмот. Ако ги оставиме без терапија, може да доведе до заболувања. Прогестеронот е хормон кој го неутрализира дејството на естрогените хормони кои доколку се лачат во вишок, се многу штетни и влијаат на одредени таргет органи. Повеќето органи имаат рецептори за тие естрогени хормони, особено на дојките и ендометриумот односно внатрешната слузница на матката. Доколку се вишок, тие се врзуваат на нив и заради тоа во овој период од животот може да дојде до болести на таргет органите. Потребно е да се дијагностицира таа состојба и да им дадеме на пациентките хормонална терапија. Во овој случај само прогестеронски препарат, кој не предизвикува никакви проблеми кај жената. Не треба да се плаши жената да го пие ако е препишан од доктор, бидејќи препаратор се дава со цел да се неутрализира дејството на вишок естрогени хормони и да не дојде до болести на матката и дојките.

Кои други здравствени проблеми може да се јават откако жената ќе влезе во менопауза?

Д-р Павлина Коруноска Најчесто се јавуваат кардиоваскуларни заболувања. Во тој период на животот, жените не се движат толку, имаат покачен притисок, се појавува покачен холестерол поради ниското ниво на естрогенот, но и поради намалена физичка активност во тој период. Сето тоа доведува до кардиоваскуларни заболувања. Може да дојде до срцев и мозочен удар. Поради тоа треба да се преземаат одредени мерки на превенција за да не дојде до некоја болест.

Се појавува уринарна инконтиненција бидејќи ниското ниво на естрогени хормони влијае и на слузницата на уринарниот тракт, на мочниот меур и жените во тој период имаат и сувост на вагината и имаат проблеми со зачестено мокрење или неможност за задржување на мочката.

Несоници, главоболки, многу често се појавува остеопороза. Во менопауза се смета дека се губи до 25% од коскената маса кај жените и поради тоа понатаму како компликација може да дојде до скршеници на коските, бутната коска, рачниот зглоб. Во овој период им кажуваме на жените да пијат витамин Д и калциум. Тоа се дозира врз основа на испитување на коскената маса.

Депресијата и анксиозноста исто така се симптоми, бидејќи жената во тој период знае дека завршува репродуктивната функција и се чувствува подепресивно, не може многу да се движи како претходно, почнува качување на телесна маса. Секоја жена во тој период има зголемување на телесната маса и тоа ја води до депресивни симптоми. Доколку се премногу изразени, ја советуваме да посети психолог или психијатар. Со здрав начин на исхрана, физичка активност, вежби како јога, движење, може да се намали влијанието на сите овие симптоми.

Може ли жената која е во менопауза, повторно да има циклус?

Д-р Павлина Коруноска Доколку жената е во менопауза, не е во оној период на климакс, значи нема 12 месеци циклус, по тие 12 месеци, не смее да има крвавење. Доколку има крвавење треба да дојде на преглед.

Со гинеколошки преглед утврдуваме дали кај таа пациентка треба да се прават понатамошни испитувања. Тоа крвавење по менопауза може да укажува на различни заболувања. Упатувам апел до сите жени да се обратат на гинеколошки преглед доколу имаат крвавење после една година од завршувањето на циклусот. Тоа не е нормално и не треба да се случи.

Колки зголемувањето на физички активности, различниот начин на исхрана може да бидат од корист на жените кои се веќе во менопауза?

Д-р Павлина Коруноска Да, секако. Пациентките кои се во менопауза треба да имаат здрав начин на исхрана. Има намирници кои се богати со фитоестрогени, тие се природни естрогени. Во тој период ние имаме ниско ниво на естрогени, па може на природен начин да ги надополнат.

Жените треба да знаат дека откако се во менопауза, не треба да не доаѓаат на гинеколог. Треба да доаѓаат задолжително, еднаш во годината за ПАП тест, за ултразвучен преглед и за одредени испитувања доколку има потреба. Жените, подобро е да си дојдат на гинеколог, да си добијат информација наместо да читаат на интернет.

Вики Чадиковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,724FansLike
3,383FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ