20.8 C
Skopje
Friday, May 17, 2024
spot_img

Проф. др. Александра Грозданова: Нашите баби биле вакцинирани, тие се сведоци на ефикасноста на вакцинацијата

Првата вакцина новороденчето ја прима веднаш по раѓањето. СЗО препорачува национален календар на вакцинација. Колку вакцини има кај нас, вклучително од првата до крајот на животот?

Грозданова Нашиот календар за имунизација е комплетно хармонизиран со европскиот и светскиот. Немате ммногу флексибилност. Тој е јасно дефиниран. Вакцинираме против 13 болести. Првите 2 вакцини се примаат во породилиште. Потоа на 2,4, 6 месеци. Порано децата повеќе се боцкаа. Сега ги имаме поливалентни вакцини каде што во 0,5 мл имате 6 антигени вирусни и бактериски честички кои со едно боцкање заштитувате од 6 болести. Имаме од 2019 година нови вакцини пневмококната и рота вакцината, ХПВ вакцината. Многу болести се искоренети.

Австралија е многу напредната во делот на превентивата. До 2030 година они очекуваат дека нема повеќе да го гледаат канцерот на грлото на матката. Кај нас тој карцином е втор веднаш по карциномот на градите и тоа кај популацијата од 15-45 години. Ние имаме вакцина од 2008 година. Да не ја користите таа, а потоа да треба да поминувате низ одредени медицински интервенции кои сериозно можат да го оштетат и вашето здравје и да го доведат во прашање потомството едноставно нема логика. Многу треба да се говори и да бидеме активни. Да ги гледаме позитивните примери од земјите барем во делот на превенција.

Колкава е стапката на девојки кои ја примиле ХПВ вакцината и од која најниска граница треба да се прими а кога најдоцна?

Грозданова Оваа вакцина во нашиот календар е воведена од 2008 година. Таа е ставена во календарот во 12 години, но за родителите е премногу рано. Тие сè уште не прифаќаат дека ризикот постои. Ние сакаме соработка и ја зголемивме возрасната граница. Сека девојките до 19 години може да ја примат. Одзивот се зголемува. Стануваат свесни и ме радува што изборот за заштита на сопственото здравје е индивидуален.

Во 2023 година имавме одличен одзив. Сега дадовме препорака и момчињата да се вакцинираат за да нема трансмисија. Во САД возрасната граница се спомна да е до 45 години. Она што е тренд е дека нема да биде возрасно ограничена. Ризикот од појава на ХПВ заразата која е директен предизвикувач не е дека се намалува со возраста, поради тоа прагот се зголемува.

На кој начин функционираат вакцините?

Грозданова Вакцините се една посебна категорија на лекови кои влегуваат во биолошката категорија на лекови. Тие се лекови кои се користат со цел да не дојде до болест. За разлика од другите лекови, кои ги примаме кога веќе имаме некое заболување, вакцините се користат за да не дојде до разболување.

Во својот состав содржат делови од истите микроорганизми кои предизвикуваат болест. Кога се примаат вакцините се внесуваат делови од бактеријата или микроорганизмот со цел да создадат имунитет, но да не се разболиме. Обработената честичка од вирусот се внесува во организмот, стимулира одбранбени антитела и кога евентуално ќе бидеме изложени на тој патоген, микроорганизам ние всушност имаме одбрана.

Имаме и нови типови вакцини како што беше мРНА вакцина каде ја користиме јадрената содржина, било да станува збор за ДНК молекулата или за РНК молекулата. Целта е внесени во огранизмот да создадат имунитет, заштита кон болеста којашто евентуално доколку дојдеме до контакт со тој микроорганизам би ја предизвикале, но не предизвикуваат болест.

Децении наназад се покажало дека вакцинацијата е најстара медицинска интервенција. Пред откривањето на антибиотиците, концептот на вакцинација и внесување на микроорганизми за да обезбедите заштита уште тогаш се практикува. Вакцинацијата е универзален механизам кој секаде се применува. Се вакцинира во Европа, Америка, во високо развиените и ниско развиените земји.

Од фармацевтско технолошки аспект, не постои категорија на лекови кои се по научно докажани и современи препарати. Последните концепти на вакцини се т.н канцер вакцини односно терапевтски вакцини со цел да спречуваат развој на канцерот. Тоа ќе биде една револуција на лекувањето и на тој тип на заболување, но принципот е ист, да се внесе она што ја предизвикува болеста, а сепак да создадеме имунитет кон истото.

Паралелно со развојот на вакцините, се развива и недовербата во нив. Социјалните мрежи дополнително го нагласија овој момент. Како да ја описмениме јавноста со цел да укажеме дека не постои друг начин освен оној кој е научно потврден?

Грозданова Во науката треба да верувате, но има и психолошки елементи зошто. Многу е поедноставно луѓето да веруваат во нештото што го гледаат и чувствуваат. Вие кога немате мака, треба да верувате во науката. Кога имате главоболка, пиете аналгетик, ја снемува главоболката и вие сметате дека аналгетикот делува.

Во овој случај имаме обратна психологија, треба да веруваме во науката и принципот на вакцинација, да ја примиме таа вакцина со цел никогаш да не се разболиме. Тоа понекогаш е тешко да се објасни. Нашите баби биле вакцинирани, тие се сведоци на ефикасноста на вакцинацијата. Сериозен број на болести не ги гледаме, поради тоа што имаме успешна вакцинација. Бордела пертусис е болест која постои. Ние го спречуваме ширењето на болеста.

Научната јавност е предизвикана од социјалните мрежи во секој сегмент. Но, здравствените авторитети мораат да се држат до науката и медицината базирана на науката. Здравството е деликатно. Болеста и здравството се многу интимни работи.

Социјалните мрежи ја развија скепсата која постои и ја има. Имаше научни трудови со несакани ситуации, контроверзни со цел добивање афирмација. Таков беше трудот за поврзаноста на ММР вакцината и аутизмот. Науката се огради, се повлече трудот. Последната студија беше во Данска каде 645 илјади деца беа следени во период од 11 години, со цел да се докаже дека не постои поврзаност на децата кои се вакцинирани и оние кои развиле аутизам.

Стапката на аутизам е повисока кај оние кои се невакцинирани.

Како да ја едуцираме јавноста да веруваат во науката која се темели исклучиво на факти?

Грозданова Ние со фактите мора да разговараме, но тие треба да бидат достапни, транспарентни. Транспарентноста почнувајќи од тоа што се вакцините, како се набавуваат, што е нивниот состав, треба да биде на располагање на секој за да може да ги прочита. Направивме неколку проекти и сфативме дека родителите имаат огромен број на прашања. Тие имаат право да имаат одговор. Сите регистрирани вакцини во нашата земја се поставени на веб страна, да може да се прочитаат. Сепак ова е сегмент за експертско познавање.

Јас како мајка сакам да знам што има во секоја од намирниците што моите деца ги јадат, но верувам на тие контролни механизми дека секој еден производ кој ќе се најде на пазарот треба во одредена мера да е контролиран. Алуминиумот и солите ги внесуваме многу повеќе преку сите козметички препарати и преку конзервираните производи отколку од составот на вакцините. Технологијата на добивање на вакцини е апсолутно најсовремена. Тука нема простор за компромис. Милијарди деца се вакцинираат додека ние разговараме.

Ги повикувам родителите да поставуваат прашања. Секој одговорен родител му сака најдобро на своето дете и сака да знае. Направивме апликации со кои родителот може на својот телефон да го следи редоследот на вакцините, да го гледа составот и кој е производител. Долго време на нашите простори, процесот на набавка на лекови беше со одредена скепса. Живееме во време на малку изместени вредности и верувам дека секој граѓанин се прашува колку навистина нештото е безбедно и квалитетно. Токму таа транспарентност е првото нешто кое го совладавме.

Здравствените работници мора да бидат погласни во промоција на вакцините и трпеливи во одговарање на секое прашање од родителите. Родителот доаѓа, носи новороденче и првата одлука е дали ќе го вакцинира или не. Здравствените работници поминаа неколку циклуси на комуникациски вештини. Живееме во опкружување на нови родители, тие поинаку комуницираат. Оној страв на здравствен авторитет со годините го снема, па затоа мора да ги научиме и новите начини на комуникација и дигиталната комуникација.

Дел од здравствените работници влијаеа на таа недоверба со презентирање на нивните ставови и изразување на скепса. Кога ќе ви каже доктор дека не верува во тоа, вие како родител уште повеќе се плашите.

Грозданова Тука е најголемата болка, кога ја немате поддршката од своите. Тоа не можам да го објаснам, затоа што секој оној кој им завршено медицина, знае што значи медицината. Верувам дека и тие советувања од лекарите се со добра желба, но повеќе во тоа да не влезат во една конфронтација со родителите, да не излезат од таа своја комфор зона.

Лекарот мора да знае што е најдобро за детето. Се надевам дека тука ќе се врати здравствениот авторитет и нивото на здравствените работници. Се променија родителите и најверојатно како одговор на тоа се променија и здравствените авторитети. Образовниот процес низ кој минуваме сите некако се олабави и треба да најдеме соодветен начин како да ги решаваме проблемите.

Често ме прашуваат зошто во нашата држава е задолжителна вакцинацијата, а во добар дел од западно европските земји не е задолжителна. Во ниедна западно европска земја, дете не можете да запишете во градинка или училиште ако не е вакцинирано. Прв документ кој ќе ви го побараат е вакциналниот картон. Нашите граѓани мислат дека тоа е поголема демократија кога законски не е предвидено, но системот е така организиран што вие немате друга можност.

Кај нас често се зборуваше и за казните. Јас лично мислам дека не треба да се казнува, но ако другите мерки не функционираат, најверојатно и тоа ќе биде. Ние една многу непопуларна мерка, а тоа е неодење во градинка ја спроведувавме и кога имавме епидемија со морбили и еве сега. Тоа не треба да биде начин. Ги разбирам родителите кои немаат друга можност, но од друга страна треба да знаат дека тој систем, не постои само така. Треба да се разговара и отворено да се кажуваат овие работи.

Многу наши граѓани живеат во странство и гледаат дека и таму ги добиваат истите вакцини како тука. Идентичната вакцина ја добивате тука, во Италија, Шведска. Немањето доверба во поширока смисла, во државата, институциите, здравството, рефлектира дека родителите немаат доверба и во овој сегмент. Здравствената едукација е нешто кое треба да се инсистира како и медиумска писменост.

САД своевремено имале процес на недоверба во полио вакцината па го искористиме Елвис Присли јавно да се вакцинира со цел да ја врати довербата.

Грозданова Можеби ќе ни треба некој инфлуенсер во делот на вакцинација. Моите две деца се вакцинирани во поликлиниката Железничар кај др. Стефка. Како здравствен работник, го сакам најдоброто за моето дете и не поставував прашања. Таа беше со таков авторитет, па немав никаква скепса. Без размислување сум ги вакцинирала децата.

Потребни ни се промотори во позитивна смисла кои и веруваат ама се и дел од системот. Најлошо е кога луѓето кои се во системот, се повлекуваат. Факт е дека влијанието на јавните личности со кои младите се поистоветуваат, може ќе им даде една друга доверба дека навистина е правилно она што го говориме и ние.

Документарен магазин Приказна

Кога детето е болно дали е можно да се помести вакцинирањето или мора да се прими согласно календарот?

Грозданова Акутна болест значи дека детето е моментално болно. Тогаш не вакцинираме. И да отидете да го однесете детето на вакцинација, пред вакцинирање детето се прегледува. Треба да биде во општа добра здравствена состојба. Мало дете без да му тече нос тешко дека ќе до додржите во текот на една година. Течењето на нос, минлива настинка не значи одложување на вакцинација. Затоа се тука лекарите од вакциналните пунктови, консултирајте се, прашајте го вашиот матичен лекар. Не постои правило дека мора да се прави крвна слика.

Рота вакцината е со ригиден календар и треба да е врзана со одредена динамика на дози, но сите други во разговор со доктор ќе ве советува. Одложувањето на вакцинацијата поради изговор да прооди, да прозбори, ММР наместо на една година ја давате на 3, оставате детето незаштитено. Сега во соседството имаме епидемија со морбили во Белград и верувам дека не им е пријатно на оние мајки кои решиле да не го вакцинираат детето.

Одложување на вакцина оправдано да, но повеќе од недела две нема никакво оправдување. ММР и аутизмот покрај трудот кој го спомнав, постојат бројни студии кои не утврдија на што се должи појавата на аутизмот. Ние велиме дека се присутни тие состојби, но ММР вакцината се користи децении наназад. Таа е истата. Зголемувањето на бројот на аутистични деца се зголемува. Многу други фактори во овој период многу се сменија отколку вакцинацијата. Родителите се свесни дека постои одредена промена кај нивното дете. Но човечки е да барате одговор зошто се случило тоа. И кога го нема одговорот, наоѓа нешто за кое може да се „фати“ и да каже да најверојатно тоа е. Мислам дека тој мит набрзо ќе го снема. Не треба да дозволиме во 21 да имаме смртни случаи, епидемии, болести кои може да ги превенираме.

Вики Чадиковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,388FansLike
2,983FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ