Дома Став Интервју ДРАГИЦА НАЈЧЕСКА: ДИСКРИМИНАЦИЈАТА ВО ЛИТЕРАТУРАТА, НЕ ЈА ПРАВАТ ЧИТАТЕЛИТЕ, ТУКУ НЕУСПЕШНИТЕ ПИСАТЕЛИ

ДРАГИЦА НАЈЧЕСКА: ДИСКРИМИНАЦИЈАТА ВО ЛИТЕРАТУРАТА, НЕ ЈА ПРАВАТ ЧИТАТЕЛИТЕ, ТУКУ НЕУСПЕШНИТЕ ПИСАТЕЛИ

„Пеперуга со натопени крилја“ од писателката Драгица Најческа, објавен во 1969 година е прв роман во Македонија напишан од жена, а нашата соговорничка прва жена романописец во Македонија. Денес во ДПМ, таа ќе го прослави својот 90 роденден.

Вие сте автор на првиот роман напишан од жена кај нас. Како на тоа реагираше јавноста, но и колегите во тоа време?

Најческа Мене лично ништо не ми значеше дали сум прва жена што објавила роман. Најважно ми беше дали тоа што го пишувам е таков квалитет, за да може да допре до читателите и да ги освои. Писателот што го праќа како порака од душата, свои сознанија, нешто што видел и разбрал повеќе од она што обилниот човек го видел и разбира, дали тоа е такво нешто што ќе допре до читателите и тоа ќе се пренесе во неговата душа и тој ќе има некое позитивно влијание од моите хумани позитивни пораки. Тоа ми беше мотото отсекогаш.

Кога почнав со пишувањето само тоа да ми е важно, а не дали сум прва, втора или петта. Последните години се врати таа тема во јавноста, откако познатата писателка Кица Колбе во својата колумна, пишувајќи за тоа дека жените не треба да се нарекуваат жени писатели, туку писателки, да си имаат свое ниво исто како да се мажите. Нема зошто да има двоење. Тука таа го истакна тоа дека јас сум жена писател којашто прва напишала на македонски јазик и го објавила. Таа гледа во тоа еден чекор во отворање на патот и на другите жени писателки, посебно романописателки.

Романот настанува која Најческа е на постдипломски студии во Белград, почнувајќи со идеја да напише расказ, кој подоцна се развива во роман. Заминувањето во Белград одиграло голема улога во нејзиното литературно творештво. За романот добива позитивни критики од писателите Душан Костиќ и Бранко Ќопиќ, а објавен е со препорака од Блаже Конески.

Како настана романот?

Најческа Јас пред да го напишам романот имав објавено многу раскази и песни низ сите весници и списанија во Македонија, а дури и во сите републики на поранешна Југославија.

Кога бев на постдипломски студии во Белград, 1963/64 година, бев сместена во апартман, сама и тогаш се чувствував буквално сама со моите книги и пишувањето на моите дела. Тоа ми беше еден неограничен простор како ќе го распределам тоа време и што ќе почнам да пишувам. Тогаш овој текст кој стана роман, го почнав како расказ во Белград. Колку повеќе се навраќав на него, се развиваше во еден подолг текст од обичен расказ како новела и пак не го гледав дека е завршен туку уште работев на тој текст. Постепено сфатив дека стана голем, темата се разви. Го споделив со еден судија Македонец, кој ми предаваше како професор на правниот факултет во Скопје, и којшто знаеше за моето литературно творештво, го следеше и поддржуваше. Кога нему му го кажав ова, тој ми предложи дактилограф од судот, кој после работното време ќе доаѓа и јас да одам секој ден да му го диктирам мојот текст. По неколку дена откако почнавме со работа, тој ме пречека со зборовите: Едвај чекам да дојдете, толку ме заинтересира вашиот роман, немав трпение да ве дочекам.

Јас навистина бев пресреќна затоа што тој беше мој прв читател на романот и самиот како да го крсти роман. Откако го завршивме работењето на текстот, случајно сретнав еден од многу познатите писатели, Душан Костиќ. Му кажав за оваа работа. Тој ми рече дали би сакала да ми го дадеш да го прочитам. Тогаш заминував за Скопје, почнуваше распустот. Душан ми рече дека ќе летувал заедно со Бранко Чупиќ и двајцата ќе го прочитаат и ќе ми испратат мислење на домашна адреса.

Кога дојде писмото, пишуваше дека романот е интересен и искрено пишуван, современо актуелен, има топли лирски пасажи и не се испушта од рака. Не знам како можам да го опишам тоа мое чувство, кога од двајца најдобри писатели во Југославија, го добив тоа мислење. Откако добив позитивна оценка и од мојот брат Димче Најчески, кој беше универзитетски професор по литература и многу строг кон моето пишување, се охрабрив и го однесов текстот за да се печати во една издавачка куќа.

Кога влегов кај главниот уредник на издавачката куќа „Мисла“, тој ме пречека со зборовите: „Ти роман? Од каде ти роман?“, јас не ни знаев што сака тој да каже. Ме праша дали сакам да го пратиме кај Блаже Конески, му реков може. Тој беше убеден дека Блаже Конески нема да даде позитивно мислење или нема ни да го прочита.

Јас бев премногу возбудена очекувајќи го мислењето на нашиот еминентен поет, писател. Поминаа два месеци, немав никаков одговор, па си помислив дека можеби уредникот имаше право. По неколку месеци, добив една информација од младите поети, вработени во издавачката куќа, дека имам прекрасна рецензија од Блаже Конески и таа е заклучена во фиоката на бирото на уредникот. Тогаш се обратив до издавачкиот совет составен од надворешни лица. Тие откако ја прочитаа рецензијата, едногласно одлучија да се печати романот.

По педесет години од нејзиното прво издание „Пеперуга со натопени крилја“ во 2020 година се врати во живот со трето самостојно издание, бидејќи секогаш ќе биде актуелна проблематиката што се обработува во тој роман, посебно за младите, додава Најчевска. Нејзините книги, без разлика дали се поезија, кратка проза, литература за деца или романи, брзо го наоѓаат патот до читателите.

Дали кај нас постои дискриминација кон женската литература?

Најческа Дискриминацијата во литературата воопшто во однос на сите автори, не само на жените, не ја прават читателите. Дискриминацијата доаѓа најмногу од луѓето писатели, неуспешни, кои би сакале да ги елиминираат еден голем дел од авторите, па дури најлесно им беше жените автори. Требаше многу напори, борба, неоткажување, да се пробие во тие писателски кругови, бидејќи тие решаваа дали некој од понудените дела за печатење ќе се печати или не.

Затоа викаме дека имаше најмногу дискриминација на жените автори, затоа што најмалку отпорот доаѓаше од жените писателки.

Колку жените ви беа поддршка во кариерата?

Најческа Отсекогаш жената писател би очекувала поддршка од жена критичар, ако веќе мажите те игнорираат како автор.

За жал, во целиот тој период на моето творештво, постоеше само маж критичар, еден единствен којшто главно беше ангажиран во позитивно оценување на делата на многу експонираните писатели мажи. Кога во јавноста се појавија жени критичарки, неколку, јас се разбира очекував некоја поголема поддршка во таа смисла, но баш напротив се случи од тие жени критичарки, ние еден збор за моето творештво. Бев убедена дека не го познаваат моето творештво, не го прочитале, немаат претстава што сè јас сум напишала, иако сите мои објавени дела, 4 романи, 4 збирки раскази, 4 збирки поезија, па дури и избрани дела шест томно издание, не се потрудија што било од тие мои дела да прочитаат а камо ли да напишат нешто за нив.

Беше тој еден период во кој јас се почувствував многу повредена како автор, дека токму жените критичарки ме прескокнаа. Во последните неколку години, за среќа познатата писателка, Оливера Ќорвезиоска, се запозна со моето творештво, со многу натписи придонесе за афирмација на моето литературно творештво.

Жената по ослободувањето доби многу можности да се образува, да се еманципира, да работи и твори, о за жал бидејќи мажите во класичните бракови и понатаму се поставуваа кон жената како мајка, домаќинка, сопруга па дури и вработена. На жената не и остануваше слободно време за остарување на своите амбиции како работник, научник и единствено можеше да твори во полноќните часови кога и таа самата беше уморна од своите обврски. Објективно и од таа гледна точка, жените многу помалку успеваа да се афирмираат како писатели.

Документарен магазин Приказна

Која е вашата порака до идните девојки, како да ги поттикнеме да го менуваат родовиот јаз во литературата?

Најческа Би им препорачала во секој поглед да се борат за објавување на песните, романите, расказите, а претходно ако веќе ги дале на читање и да добијат позитивно мислење и да сфатат дека и за нив е тоа важно што е напишано во нивните дела и заслужува да биде отпечатено. Не би требало да се разочаруваат од првите неуспеси, уште повеќе ако третманот кон нив е негативен како жени писателки.

Ване Маркоски

Exit mobile version