Некои велат дека времето ги лекува сите рани. Но, не кажуваат колку точно време. Дали за тоа е потребно повеќе од еден живот? Зашто некои рани со тек на времето како да болат повеќе.
Многумина ќе речат не е важно местото додека во тоа место владее слога, љубов и хармонија. Јас велам и тоа како е важно и местото, и раатот и условите во кои се гради таа хармонија. Зашто жив човек со тек на времето се уморува од сè. Ако уште двапати да ти се повтори историјата, и животот и семејството секој ден да го градиш во десет метри квадратни е навистина и болно, и жално и клаустофобично. Таков е животот на 43 годишната Сузана Глинџурска од село Двориште, Беровско.
Сузана потекнува од Свети Николе. Претходно била мажена во Струмица. Но, по смртта на првиот сопруг била истерана на улица со двете деца, бидејќи свекрвата сакала да ги даде во дом. Маката ја присилува да оди под кирија, да работи и да ги чува децата. По кратко време и да се премажи во село Двориште, Беровско. Но, и овојпат среќата нема да биде наклонета на нејзина страна.
Оваа несреќна жена боледува од деменција. При породување со една од ќерките, докторите и заборавиле газа.
– Свекрвата во Струмица ме исфрли со две деца на улица. Морав да работам и да се грижам сама за нив, за да не ги изгубам. Ми се закани дека ќе ги даде во дом. Ми беше тежок животот и тогаш, тежок ми беше и претходно во немаштија, а, сега проблемите ми се капак. Понекогаш ми доаѓа да си пресудам, не сакам повеќе да се мачам, но што ќе прават овие мали деца сами без мене. Тоа ме враќа назад во борба со животот. За нив живеам!-низ солзи раскажува Сузана.
Можеби да не доживеал несреќа и вториот сопруг, јавноста немаше никогаш да го запознае ова семејство. Но, тој сакајќи да заработи повеќе пари за да ја прати сопругата на операција, се повредува, а вештачката коска во раката го спречува да го прехранува своето семејство.
– До пред три години некако живеевме. Маж ми многу работеше. Дури и дополнително кога требаше. Но, еден ден за да обезбеди пари за операција за мене дрво му ја скрши раката и останавме за никаде. Раката му загнои, му ставија вештачка коска и никако да зарасне. Децата од што го жалат, сами одат по дрва само тој да не си ја искомплицира состојбата. Некогаш не може да издржи и работи и со повредената рака, не сака да му гладуваат децата-вели Сузе.
Можеби да не се повредел сопругот, да не починале свекорот и едниот девер, досега ова семејство ќе имаше поголема комоција од овие 15 м2 … Но, несреќи се нижат во оваа куќа последнава деценија, а тоа полека сите ги разболува, ги прави несреќни. Сузана од немоќ, понекогаш посакува да посегне по својот живот.
– За малку ќе умрев од сепса. Еден доктор од мајка роден, ме спаси. Сега живеам со вештачки црева. Три месеци бев во кома. Можеби тогаш да умрев немаше сега волку да се мачам-вели Сузана.
Тешко е родител да плаче пред децата. Така и нив ги повредува дополнително. . Живеам за нив. Можеби немаат луксуз и комоција, но без парче леб ги немам досега оставено. Детски соби како што имаат другарчињата, гледаат само во соништата … Во меѓувреме себеси и другарчињата ги залажуваат дека единствената соба во која живеат им е детска соба само за да не ги исмејуваат во училиште, тажно констатира Сузана.
– Децата не избегнуваат бидејќи сме сиромашни. Другарчињата не сакаат да ни дојдат на гости зашто во една соба живееме цело семејство. Па, ние некогаш од срам на ливче ќе напишеме дека ова ни е детска соба, а не целиот наш свет-срамежливо раскажува Вецка, ќерката на Сузана.
И Тамара најмалата ќерка на Сузана, вели дека не сака ништо, ниту играчки, ниту торта за роденден.
– Само мама и тато да се живи и здрави. Задоволни сме и со една наполитанка. Не мора како сите деца да дуваме свеќички. Не сакаме да ги трошиме мама и тато – скромно вели таа.
– Во оваа соба правиме сè. Јадеме на чаршаф на земја, пиеме, учиме, спиеме, … Некој на кревети, некој на земја. Децата пишуваат домашна работа на кревет. Тука готвам, тука во 1о м2 ни поминува животот, мој и на децата.
Во оваа куќа, само една соба припаѓа на ова семејство, а петте девери на Сузана, имаат по една соба. Никој нема комоција. Ниту приватност. Тоа е причината поради која Сузана ќе ја изгуби ќерката од првиот брак. Таа не можејќи да го издржи притисокот од ваквиот живот, непријатноста да треба да ја дели приватноста со браќата на очувот, еден ден одлучува да ја напушти оваа куќа и веќе не сака да слушне за никој.
Сузана знае како е да се израсне дете без пари, а сега да остане без тоа дете е навистина тажно, поради што и е многу тешко.
И синот на Сузана од првиот брак веќе има петнаесет години. Учи во средно училиште. Морал да замине од собата во која живеел со семејството, зашто тука нема услови да учи. Заминал да учи угостителско во Берово, но, нема пари ниту за кирија, ни за храна. Сузана се моли по социјалните мрежи за да му обезбеди патики и облека за да детето не се срами пред другарчињата.
– Немав да му дадам двесте денари за да си купи геврече или баничка, како неговите другарчиња. Му праќам некое јајце, макарони, компири. Сам мора да готви за да се прехрани. Душава ме боли и за него, но што да правам кога немам да му дадам. И кирија немам платено за него за три месеци, по празнициве може да заврши и на улица.
– Не барам многу, само сакам децата да имаат каде да спијат и учат. Една просторија. Една соба. Малку поголема комоција. Вака немаме каде да се свртиме, вели Сузана.
Сите кои сакате да помогнете на ова семејство тоа можете да го направите на следнава жиро-сметка 200003772841182 или на телефонскиот број 070/236987
Автор Оливера Петрушевска