Дома Инспирација Габриела Стојановска: секој момент ќе ме исфрлат од домот, а јас немам...

Габриела Стојановска: секој момент ќе ме исфрлат од домот, а јас немам пари ни за лекови!

Некогаш мудроста доаѓа со годините, понекогаш со искуството. Повеќето од нас, најубавите работи ги учат од семејствата. За жал, секогаш лишена од внимание и љубов, од раѓање отфрлена од семејството и целиот живот препуштена сама на себе, е Габриела Стојановска од Куманово. Таа има четириесет и три години. На првите години од животот не се сеќава, но и тоа како добро се сеќава кога мајка и ја родила најмалата сестра. Тогаш мајка и се разболела од менингитис и останала закована за постела. Бебето се родило со срцева мана. Таа ситуација ќе стави печат врз животот на Габриела или пак ќе го покаже вистинското лице на татко и. Тој и во таква состојба ќе ја исфрли мајка и на улица со бебето, а тој ќе се прежени со друга жена.

Габи од самиот почеток живеела со татко и, но, секогаш плански наоѓала начин да се искраде од дома и да ја посети мајка и. Уживала да и го раскаже денот, да и каже како маќеата се однесува со неа. И држела палци, татко и да не дознае дека била кај неа, зашто скапо ја плаќала таа недозволена посета.

– Едвај чекав да дојде моментот за да можам да се искрадам и да заминам кај мама. Ќе и раскажев се, како ми поминал денот, што ни дала маќеата за јадење, дали сме гладни, како се однесуваат со нас … А, пред крај на посетата кај мајка ми се молев на Господ тато да не е вратен за да не добијам ќотек. Не ми дозволуваше да одам кај неа-плачејќи раскажува Габриела, присетувајќи се на нејзините најрани години од животот.

Еден ден кога татко и ја остава и маќеата и заминува во Германија кај друга жена, Габи со сестрите оди кај мајка, одлука што ќе го разлути нејзиниот татко и. Но, пред смртта на таткото на Габриела нејзиниот чичко, братот од татко, го наговара да ги врати дома затоа што биле буквално на улица. Пред самиот крај, пред самата негова смрт, таткото барал прошка од Габи зашто конечно, пред неговото последно зајдисонце дознал какви чесни ќерки има и дека треба да се гордее со нив.

– Кога татко ми ја остави и маќеата и замина во Германија, јас со сестрите веднаш се преселивме кај мама. Чинам тие беа најубавите години од мојот живот. Но, не траеа долго. Мајка ми почина и роднините не избркаа од таа куќа. Седевме извесно време кај една сосетка, но, таа имаше син кој одеше по „лош пат“, и ние преплашени со сестрите останавме на улица. За среќа, чичко ми разговарал со татко ми, па, пред неговата смрт тој не врати назад во домот каде некогаш живеевме со маќеата. Дури пред да почине сфати колку добри деца имал, и побара прошка од нас-додава Габи.

Габи денес живее со едвај пет илјади денари месечен приход. Премногу е болна. Речиси нема болест која и се нема закачено. Има два стента на срце, но поради тоа што нема пари да си ги земе отпусните-листи, не може да оди на задолжителната трета операција, а со тоа си го ризикува животот. Поради разочарувањата која вели ја следат од мала, таа на неколку пати одлучила и да си го одземе животот.

– Може ли некој денес да преживее со пет илјади денари. Задолжена сум секаде. Немам за храна. Немам за лекови. Од домот во кој живеам секој момент може да ме исфрлат на улица зашто не е мој, на мојот полубрат е. Немам пари за да ги платам отпусните-листи што лежев во болница и сега не можам да одам на трета операција. Сè ми оди наопаку во животот. Колку пати сакам да ме нема, пијам апчиња за да си ги скратам маките, но, пак останувам жива. Ми се кочи целото тело. Рацете, прстите, ништо не чувствувам. Пред некој ден бев во тоалет, останав со часови. Немав сила ниту да станам, ниту да викнам. Дојдоа од Брза помош ми ставија инекција, и ми рекоа дека повеќе нема да доаѓаат зашто многу често ги викам. Немам пари да платам болничко лекување. Сè додека не ги подмирам долговите од претходните операции, не смеам ниту да помислам да влезам во болница-вели Габи.

Порано Габи била заљубена, но и разочарана од љубовта. Зарем ќе ме сака некој волку болна и неспособна да исчистам и да направам ручек. Била и вредна, па се снаоѓала изработувајќи нокти само за да може да го помине денот. Но, денес таа мисли дека спас за неа и нејзиниот несреќен живот нема и не може да има.

– Работев неколку години дома. Правев нокти. За двесте-триста денари поевтино од сите останати само да го купам денот. Да преживеам. Но, сега вака болна не можам ниту да работам. Опстојувам преку донирана храна од хумани луѓе и минимална храна што ми даваат од црква.

– Имам две братучетки, па еднаш-два пати годишно знаат да ми испратат по илјада денари. Но, што можеш да купиш со тие пари. Парите не стигнуваат само за лекови. Каде е сè останато-без да престане да плаче, ја раскажува Габи својата тажна судбина.

Габи е разочарана. Од најблиските, од подалечните, од светот … Кога имав вели им помагав на сите, а сега јас немам, и нема никој. Не е фер волку болна жена да биде оставена на милост и немилост. Помош мора да има. Рака за спас мора да и дадеме, а најважно од се’ да и обезбедиме редовно да ги пие лековите, да има доволно дрва и да има храна за да на навлече уште некоја болест.

Доколку сакате да им помогнете на Габриела Стојановска од Куманово, тоа можете да го направите на телефонскиот број 072/311 625 или на следната жиро-сметка 320 500008933972

Автор

Оливера Петрушевска

Exit mobile version