Сите треба да имаме една доза на резерва кон сите информации кои стигнуваат до нас од различни извори. Ние сме изложени на огромен број на информации и дезинформации во текот на денот од различни извори. Не треба да ги читаме само насловите, да не ги гледаме само фотографиите, треба да се прочита информацијата, веста до крај. Ако можеме да ја споредиме со други извори и други информации на истата тема, за да може да донесеме точен заклучок за тоа што се случило, вели во интервју за Приказна, Весна Никодиновска, раководител на програми, МИМ
Каква штета предизвикуваат дезинформациите?
Никодиновска Изминатите години, дезинформациите се создаваат со многу голем интензитет на глобално ниво и за тоа придонесува развојот на социјалните мрежи. Едно истражување покажало дека лагите се пренесуваат многу подалеку и многу побрзо, отколку вистината. 70% е поверојатно една лажна содржина да биде споделувана, отколку една вистинита содржина.
Во однос на штетата која може да ја предизвикаат дезинформациите, станува збор за повеќеслојни штети. Сите ситражувања покажуваат повеќе различни последици кои ги предизвикуваат дезинформациите.
Поларизацијата на општеството е еден пример. Дезинформациите имаат потенцијал да ја поттикнат поларизацијата на општеството. Од друга страна пак овозможуваат навлегување на надворешни влијанија во внатрешната политика на државите. Не сите дезинформации имаат цел да убедат. Понекогаш тие имаат цел да ги поттикнат несогласувањата и тензиите во едно општество. На тој начин ја нарушуваат кохезијата, вредностите кои го држат општеството заедно. Друг проблем кој го предизвикуваат дезинформациите е нарушувањето на довербата, не само на институциите туку и во демократските и општествените процеси.
Главната цел на дезинформациите е да внесат конфузија, да манипулираат со мислењето на граѓаните. Дезинформациите ги нарушуваат и човековите права, социјалните и економските права. Дезинформациите може да поттикнат и порадикални процеси, како што е онлајн насилството, со кое се нарушува нечиј углед и репутација. Сведоци сме дека изминатите години и глобално и локално, постоеја такви случаи на насилство.
Која е целта во креирањето на дезинформациите?
Никодиновска Мотивот за создавање на дезинформациите може да биде политички, економски, па дури и репутациски. Секој што има пристап на социјалните медиуми може да креира и да шири дезинформации. Изминатиот период во Македонија дезинформациите се создаваат кога има клучни политички моменти или пак во ситуации на криза, како што беше случај со пандемијата. Во ситуации на такви големи суштински политички случувања, се создаваат одредени политичко – идеолошки, етнички наративи, испреплетени со дезинформации и пропаганда, и сето тоа е во насока на тоа да служи на интересите на некои центри на моќ.
Како да научиме да препознаваме дезинформации?
Никодиновска Потребно е на индивидуално ниво да се развиваат компетенциите, вештините, за да можат луѓето даправат разлика помеѓу веродостојна информација, факти и лажна информација, пропаганда. Многу е важно децата да ги стекнат овие вештини уште од најрана возраст и затоа сметаме дека е важно она што го нарекуваме медиумска писменост, која треба да се внесе во формалното образование.
Сите треба да имаме една доза на резерва кон сите информации кои стигнуваат до нас од различни извори. Ние сме изложени на огромен број на информации и дезинформации во текот на денот од различни извори. Не треба да ги читаме само насловите, да не ги гледаме само фотографиите, треба да се прочита информацијата, веста до крај. Ако можеме да ја споредиме со други извори и други информации на истата тема, за да може да донесеме точен заклучок за тоа што се случило.
Кој е поподложен на дезинформации?
Никодиновска Различни истражувања укажуваат дека има некои групи во општеството коишто се поподложни на дезинформации. Лично сметам дека сите сме подложни на дезинформации. Дури и новинари може да бидат подложни на дезинформации. Поради тоа потребно е мала доза на резерва, да не се сфаќа сè здраво за готово, и да не ги примаме информациите како чиста вистина. Треба да се одржува ниво на сомнеж кон информациите кои стигнуваат до нас.
Дали проверката на фактите е тежок процес во ова брзо, дигитално време?
Никодиновска Повеќе би рекла дека тоа е процес кој бара време. Проверката на фактите е основниот постулат на медиумите. Ако зборуваме од аспект на еден граѓанин, не секогаш е во можност да ја провери секоја информација која стигнува до него. Не секогаш можат да ги искористат сите онлајн алатки кои им стојат на располагање, или пак да проверат што пишуваат сервисите за онлајн проверка на факти. Не секогаш имаме време, ниту волја да ги проверуваме информациите. Поради тоа, препорачуваме, доколу не сме сигурни во некоја информација, доколку нешто ни е сомнително, тогаш е најдобро таа информација да не се споделува.
Чија е одговорноста на оние кои ги произведуваат и оние кои ги шират дезинформациите?
Никодиновска Тоа е еден врзан систем. Одговорноста е заедничка. Оние кои ги шират дезинформациите можеби не секогаш се свесни дека се дел од некоја машинерија. Оние кои ги креираат дезинформациите, секогаш имаат некоја цел. Тие имаат на располагање финансиски средства, човечки ресурси, имаат автоматизирана технологија. Тоа се прави со умисла, да се наштети некому, да се создаде некаква штета.
Колку политичката и медиумската култура е важна во справувањето со дезинформациите?
Никодиновска Политичката култура во Македонија не е на многу завидно ниво. Многу истражувања покажуваат дека политичарите се едни од изворите на дезинформациите. Многу често се користи недоличен говор, говор на омраза. Граѓаните тој вокабулар го преземаат и понатаму го шират по социјалните мрежи. Политичарите мора да се свесни за тежината на искажаниот збор. Политичарите треба да имаат етички кодекс на однесување. Медиумската писменост во Македонија е на ниско ниво. Во последните години, граѓански организации работат на различни активности и иницијативи за подигање на нивото на медиумската писменост.
Ване Маркоски
Бранка Чочкова