Дома Најнови Бојан Богдановски: Неопходна е поголема свесност за да им се помогне на...

Бојан Богдановски: Неопходна е поголема свесност за да им се помогне на лицата со афазија и нивните семејства

За афазија и предизвиците кои ги носи за лицата со афазија и семејството, разговараме со Бојан Богдановски,  клинички логопед – специјалист

Се чини дека со информацијата за афазијата кај Брус Вилис се крена повеќе светско внимание. До претходно не се знаеше за оваа состојба. Што е афазија?

Бојан Богдановски Тоа е честа состојба која најчесто настанува после мозочен удар, односно по некоја дефиниција може да кажеме дека тоа е губење или нарушување на говорот и јазикот предизвикано по повреда на самиот мозок.

Повредата на мозокот не мора да биде само мозочен удар, тоа може да биде некој тумур, зараза, друг вид повреда на глава на пример сообраќајна несреќа, дегенеративен процес како што е деменцијата итн. Може да кажеме дека е комплексна состојба, синдром од повеќе тешкотии коишто не го зафаќаат само говорот, туку и целата личност.

Што значи таа состојба за лицето со афазија?

Бојан Богдановски Можеме да кажеме дека претставува рушење на целиот негов свет, се’ она што тој достигнал. Генерално ние ставаме фокус на говорот и јазикот, односно дека лицето не се изразува добро, има тешкотии во комуникацијата, разбирањето во зависност од видот на афазијата. Но, тоа не е само тоа. Се работи за синдром на попреченост во секојдневното функционирање на личноста. Настанува промена на функционалноста на самото семејство, се појавуваат голем дел на психолошки тешкотии.

Кои се сигналите кои укажуваат дека едно лице има афазија?

Бојан Богдановски Пред сè најчеста причина е мозочниот удар. Сите познаваме некој што имал мозочен удар. После тоа има пареза на едната страна односно десната рака, ногата итн. но никогаш не се става фокус на самиот говор.

Афазијата со себе носи симптоми односно клиничка слика. Лцето во зависност од видот на афазија може да не нè разбира што зборуваме. Да користи зборови кои немаат никакво значење, да разбира што зборуваме, но не може да изнајде збор да направи една граматички правилна реченица. Да го пронајде зборот, па почнува да се нервира, фрустрира затоа што околината не го разбира. На оваа состојба не се става силен фокус бидејќи самите пациенти се посветуваат на тоа дека треба да се рехабилитира од самата состојба, да не се појави нов мозочен удар.

Дали ова е временски трае до крајот на животот или може да се надмине како состојба?

Бојан Богдановски Сè зависи од видот на афазијата, каде е настанато оштетувањето на мозокот. Има одредени афазии кои со одредена рехабилитација ќе се надминат, но кај голем број од пациентите тоа е состојба која ги следи цел живот. Лошо е кога таа не е третирана од страна на логопед, бидејќи она што не се стимулира закржлавува, се губи таа функција.

Дијагностиката е мултидисциплинарна. Никогаш не треба да кажеме дека тоа го прави едно лице. Секој пациент треба да побара второ мислење, кога се работи за свое здравје. Во однос на самата дијагностика, неа ја прави невролог, се прави невролошки преглед, да се направи компјутерска томографија, да се направи магнетна резонанца и некои други испитувања. Се преминува на логопед, да се утврди видот на афазија согласно комуникацијата со невролог. Да се направи процена на говорот и јазикот, да се премине кај невропсихолог на тестирање. Најважно, да се вклучи семејството како поддршка, да им се понуди психолошки третман и логопедска едукација, односно што понатаму со нивниот член во семејството.

Колку сите и да велиме дека за некој наш сосед, пријател ни е жал, нема да почувствуваме колкава е таа болка, сè додека не му се случи тоа на некој член од нашето семејство или пак на нас.

Семејството кое ќе се соочи со таква болка каде што нивно блиско лице пати, тогаш семејството прво доживува шок. Не знае што да прави. Потоа се јавува чувство на бес, лутина, дека можеби има грешка во дијагностиката. Честопати пациентите велат каков грев сме направиле за ова на нас да ни се случува. Потоа се појавува еден вид на разочарување, бидејќи не знаат каде да се обратат.

Затоа семејствата треба да добијат поддршка. Неврологот да им објасни состојбата и за што станува збор. Логопедот кога ќе го третира пациентот треба да направи еден вид едукација односно обучување на семејството односно како тие да постапуваат со нивниот член на семејството и на крај психологот кој ќе дава семејна терапија.

Документарен магазин Приказна

Постои ли законска регулатива за третманот на лицата?

Бојан Богдановски На светско ниво, колку државата е поразвиена, за афазија има подобар третман. Кај нас сè уште постои една бариера за дефектолог, логопед, психијатар итн. Па така честопати овие лица одат само кај невролог и тука завршува цела приказна.

Постојат лица кои се повеќе едуцирани, информирани за тоа каков е третманот на афазијата. Треба да се крене свеста за афазијата за самите пациенти и нивните семејства да знаат дека постои протокол којшто може да го побараат, со цел да се направи максималното добро за самиот пациент.

Дали кога ќе се влоши состојбата е потребна и друга помош освен поддршката на семејството и стручниот тим?

Бојан Богдановски Самата состојба секогаш може да се влоши. Доколку настане нова повреда, доколку настане нов мозочен удар, може да направиме еден вид на превенција. Превенцијата ќе се направи со тоа што лицето ќе биде медицински следено, на тој начин што семејството и самиот пациент се придржуваат до одредени правила.

Доколку едно лице има повреда на мозокот тоа лице не треба да пуши, не треба да биде алкохоличар итн. Треба да се едуцираме за што понатаму може да се јави. Сите треба да знаеме дека самото лице покрај тоа што ќе има говорни и јазични тешкотии, тоа ќе развие и одредени психолошки тешкотии. Пациентите со афазија будат фрустрација, бес, лутина, паѓаат во депресија, губат желба за третман, сметаат дека тоа нема да има подобрување.

Постои ли некоја препорака за вежби кои може да влијаат позитивно?

Бојан Богдановски Мојот дедо има деменција, моментално се бори со неа. Јас работам логопедски со него бидејќи поминува низ говорно јазична тешкотија која е предизвикана од дегенеративен процес на мозокот. Тука можеме да кажеме дека тие вежби кои се применуваат не треба да бидат вежби прочитани од интернет, гледани од емисии. Тоа треба да биде медицински, логопедски, рехабилитациски план и програма, за да се даде едно добро. Како вежби најчесто се користат вежбите за именување, повторување, одредени вежби за стимулација на говорот, вежби за именување на поими. Често пати наместо маса, може да кажат стол и тука се појавува нервирањето. Треба да се има разбирање за овие пациенти и да им се даде малку повеќе простор за да може да се искажат.

Се знае ли колкава е бројката на лица со афазија?

Бојан Богдановски Таква бројка немаме, но некои здруженија водат некоја бројка која не може да кажеме дека е официјална. Праксата покажува дека сè повеќе има лица со афазија. До пред 10-тина години се сметаше дека тоа се возрасни лица на +50 години. За жал, се’ повеќе млади лица денес имаат афазија и доживуваат мозочни удари. За жал, сè повеќе се јавува и детска афазија. Во глобала, афазијата се појавува подеднакво и кај мажи и кај жени.

Покрај дијагностиката, треба да се направи стручен третман. За жал, се’ помалку има логопеди, стручни лица кои се занимаваат со оваа состојба бидејќи како сама состојба е комплицирана и бара еден долгогодишен третман. Лицето не треба да се изложува на стрес и штетни фактори.

Семејството и околината треба да му даваат поддршка и разбирање. Споделувањето за која било состојба е ограничено бидејќи се грижиме што ќе кажат луѓето. Ги охрабрувам сите пациенти дека треба јавно да зборуваат затоа што можеби има макар еден ист како нас со таков проблем. Доколку се поврземе и меѓусебно комуницираме, би нашле едно решение кое би служело на идните генерации.

Вики Чадиковска

Exit mobile version