3.8 C
Skopje
Thursday, November 21, 2024
spot_img

Бомбите нѐ разнесуваат и без експлозија

Бомбите станаа секојдневие кое тешко се управува. Носиш дете во училиште и тргнуваш на работа. Денот почнува. За кратко време добиваш повик дека мора да си го земеш детето, има дојава за бомба. Еден ден ок, се справуваш, дома разговараш … Втор ден исто. Трет ден веќе почнува напнатост. Четвртиот ден веќе тешко е да се бара разбирање на работа, затоа што си родител и мораш пак да излезеш.

Ова со бомбите во училиште е повеќеслоен проблем. Прво за децата, сакале или не, влијае на нивното ментално здравје, ги погодува нивните емоции и социјален развој. Без разлика на возраст. Кај некои е полесно, кај некои потешко справувањето со вакво секојдневие. Каков континуитет имаат во нивното образование? Никаков. Тргни, застани. Па и емоционално најинтелигентниот човек ќе има проблем со вакви ситуации, а не деца кои се оформуваат. Овие деца се исправени пред бројни предизвици, пандемија, т.н. онлајн настава. Фалеа само уште бомбите.

Како родители, мора да покажеме силно разбирање. Прво на нивното здравје и емоционално-социјален развој. На тоа мора да се посвети силно внимание. Образованието не знам веќе на што личи. Овие деца се генерација која расте на различен начин од нас и никако не можеме да ја споредуваме со нас, тоа е толку погрешно од повеќе аспекти. И токму поради тоа, не можам да разберам како не покажеме силна одговорност кон политики кои сериозно ќе бидат показател дека знаеме да работиме со овие деца. Учебниците се СТАРИ, ЗАСТАРЕНИ. Не се соодветни за овие генерации. Недостасува мултимедијалност прифатлива за децата. Ова мора итно да го разбереме пред да стане доцна, а веќе е. Затоа да ги сфатиме бомбите како предизвик.

Како родители вработени, кој нас да не разбере? Може ли секој ден да излезеш со објаснување дека ќе го земеш детето, има бомба. Кога станува секојдневие, и разбирањето и толеранцијата на ваквите оправдување на работа се судруваат со граничност. Ова дополнително, станува напор и за здравјето на родителите.

Не мора онлајн настава по секоја цена. Излезете надвор, наставата нека биде практична. Еве врне дожд. Ајде да научиме што се случува во природата. Како може да се справуваме кога врне. Климатските промени го сменија времето. Дрвјата се расцутени уште во февруари. Што значи тоа? Објаснете им што се случува, помогнете им да разберат, затоа што во иднина со тоа ќе живеат.

Размислете добро кога ќе кажеме во наше време, дали тоа е баш соодветно. Во наше време, имавме други насоки. На училиште не учеа како да се справиме со елементарни непогоди, иако тогаш не се случуваа. Сега се случуваат, но никој не ги подготвува децата како да се снајдат ако со тоа се соочат.

Учебниците се многу теорија и бројни, брзо менливи податоци, кои сега се лесно достапни само на клик. Е токму тоа треба да се зборува. Како да ги најдат, но и како да проверат дали се точни. Треба да разговараме со децата, наместо да им наметнуваме. Децата не треба да ги ловиме во незнаење, туку напротив, треба да ги мотивираме да истражуваат, да анализираат, да размислуваат за да дознаат. И да, нека погрешат, за да научат. И од грешките се учи. Тие се можеби и најдобрата лекција.

Затоа инстант решенијата, за жал, не се добра практика веќе. Особено по сè што се случи, од пандемија до бомби.

Извинете, но за некои работи, не може да се премолчува веќе. За децата се работи. За нив, мора да се потрудиме повеќе. Ова веќе зависи од секој од нас поединечно, а и заедно.

Вики Чадиковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,724FansLike
3,383FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ