„Ми велат, премлад си, 30 години имаш, што знаеш ти што е живот, кој си ти да пишуваш книга, сѐ уште не си поминал ништо. Навредуваат, пцујат, без да те запознаат. Но не им се лутам, не би бил „Позитива“ кога би се лутел. И јас бев таков пред да го сменам животот за 360 степени. Прекинав да судам, не му судам никому и не зборам за никој ништо сѐ додека не го запознаам човекот. После ќе процениш дали е добар или лош…“ – со ваква емотивна објава на социјалната мрежа „Инстаграм“, Кристијан Станковски, познат како дечкото со картоните Бомбакис, ја најави својата книга, која беше промовирана вчера.
Зад себе ја има најтешката битка во животот, битка со ракот, а сега, после поминати две години од тогаш, тој ја објави книгата насловена „Живот“.
Приказна: Што беше мотивот да ја напишеш и издадеш книгата?
Станковски: Мотивот ми беше пресвртот во мојот живот кој неодамна се случи, од тогаш почнав да имам друг поглед на животот и да ги ценам сите други работи повеќе. Затоа што тенка е линијата меѓу животот и смртта.
Приказна: Велиш дека си имал и коментари дека рано е за книга насловена „Живот“? Што може да се прочита внатре?
Станковски: Во книгата кога ќе се чита може да се забележи дека секогаш сум имал “тахикардии” во животот и тоа екстремни, горе, па скроз доле и цело време така, немало некоја блага линија. Мислам дека е интересна за читање и лесна со тоа што барем еден читател ако извлече поука, би бил задоволен и среќен.
Приказна: Колку интернет просторот е место каде реалните животни приказни може да допрат до луѓето или повеќе се ценат некои други работи што луѓето ги прават и објавуваат?
Станковски: Се’ зависи од човекот и како тој ги перцепира работите. Така да, можеш да се поврзеш на нет со некого, сигурен сум во тоа од искуство и да те спојат животни приказни. Затоа мислам дека се’ зависи од луѓето и нивното гледиште на работите.
За Приказна,
Ване Маркоски