Дома Став Интервју Ана Попризова: Младите се изложени на социјален притисок од страна на врсниците...

Ана Попризова: Младите се изложени на социјален притисок од страна на врсниците за консумирање наркотици

Доколку во друштвото се наметнува тренд за да се проба и консумира наркотик, тогаш младите се изложени на социјален притисок од страна на врсниците и често се случува за да се биде во групата и за прифатеност да се експериментира. Потребна е голема будност, многу разговарање, следење на состојбата на децата. Многу е битно и учениците да ги афирмираат своите интереси, да се занимаваат со воннаставни активности и хобија бидејќи на тој начин овозможуваме превенција. Марихуаната е доста застапена, меѓутоа последниве години и посериозните психоактивни супстанции се присутни кај младите. За жал морам да нагласам и дека не постои отворена дебата во општеството за ова прашање, вели за Приказна, Ана Попризова – училиштен психолог во СУГС Орце Николов.

На кој начин ги едуцирате средношколците, како да се заштитат од злоупотреба на дрогата?

Попризова – Можам да кажам дека имаме едно поле од активностите кое се однесува на зголемување на свесноста кај учениците од опасностите од користење психоактивни супстанции. Иако, морам да бидам искрена дека последнава година и посткорона периодот повеќе со други теми се занимаваме: менталното здравје беше приоритет зашто такви беа потребите на учениците, имаа потреба повеќе работилници да се прават од тој тип.

Во минатото сме изготвувале и наши работилници или информативни активности на класните часови, а сме канеле и експерти од областа кои зборувале за зависности, за превенција и за интервенција во случај на постоење зависност.

Како ги запознавате учениците со несаканите ефекти од злоупотребата на дрога?

Попризова – Ги информираме за последиците, зборуваме за тоа што значи социјален притисок, бидејќи многу често заради возраста имаат потреба да експериментираат и да бидат прифатени во друштво.

Доколку во друштвото се наметнува тренд за да се проба и консумира наркотик, тогаш младите се изложени на социјален притисок од страна на врсниците и често се случува за да се биде во групата и за прифатеност да се експериментира.

Како да си помогнат себеси, да се заштитат, да одолеат на тоа искушение, постојат ли техники за да ги одбијат врсниците кои им нудат дрога?

Попризова – Навистина е комплексно прашањето затоа што сега е период кога страда менталното здравје. Резултатите од истражувањата кај нашата популација се загрижувачки.

Еден од начините за справување со анксиозност, панични напади и депресивност е навлегување во ризично однесување т.е. консумирање алкохол и психоактивни супстанции. Заради тоа се очекува реално да се зголеми злоупотребата и на алкохол и на психоактивни супстанции. Притисокот што го чувствуваат децата, немањето стратегија за справување како најдостапен и најлесен начин е посегнувањето по пороци. Многу е важно во периодот на адолесценција, уште во пубертетот, границата е спуштена. Ако порано имаа искуство со наркотици околу 17. година, сега веќе со 15 години почнуваат да пробуваат дрога.

Потребна е голема будност, многу разговарање, следење на состојбата на децата. Многу е битно и учениците да ги афирмираат своите интереси, да се занимаваат со воннаставни активности и хобија бидејќи на тој начин овозможуваме превенција.

Исто така постојат и техники како да се каже НЕ и како да се справат со врсничката група. Но, во воспитно образовниот систем ова прашање не е системски покриено.

Порано имавме соработка и со Центарот за јавно здравје и доаѓаа стручни лица и држеа обуки, а сега тоа е во стагнација. Реалноста е дека ни се повеќе од потребни програми за превенција и заштита, центри каде што ќе можеме да ги упатуваме учениците што веќе имаат проблем или забележуваме дека имаат некаков проблем.

Дали во Вашата долгогодишна пракса сте се соочиле со овој проблем во училиштето?

Попризова – Да, во овие многу години работен стаж сум имала неколку искуства. Ние како стручна служба сме дале насоки, сме соработувале и сме биле поддршка на тие ученици. Можам да кажам дека тоа успешно сме го покриле и децата продолжиле да бидат функционални и успешни луѓе во општеството.

Каква е процедурата кога ќе забележите ученик кој злоупотребува дрога?

Попризова – Во случај кога забележуваме промени во однесувањето, во соработка со наставниот кадар, ги вклучуваме родителите како систем и морам да го пофалам советувалиштето „Сакам да знам“ каде што има стручна помош. Многу често во вакви случаи се повикуваме и соработуваме со стручните лица од таму кои ни даваат насоки како да постапиме.

Според мене во секоја општина треба да има некој центар или катче каде што ние како стручни служби би се обратиле и би соработувале.

Дали со тек на годините се зголемува бројот на зависници, кога е полот во прашање кој е поранлива група, дали марихуаната е најчесто злоупотребена дрога и дали постои успешен случај на излекуван млад човек?

Попризова – Во пракса сум имала случаи кои биле со дадена поддршка и успешно завршиле учениците. Она што е значајно кога е род или пол во прашање, не можам да кажам дека постои значајна разлика. Сепак немам ни релевантни податоци. Ова е мој впечаток.

Марихуаната е доста застапена, меѓутоа последниве години и посериозните психоактивни супстанции се присутни кај младите. За жал, морам да нагласам и дека не постои отворена дебата во општеството за ова прашање.

Не постојат податоци, ниту програми кои се занимаваат со ова. Така што сметам дека темата што ја отворате е исклучително значајна и навистина полето на кое треба во иднина да работиме е токму ова прашање.

Документарен магазин Приказна

Кој е вашиот совет за родителите и средношколците?

Попризова – Главен совет за родители кои имаат деца што се во пубертет и адолесценција е да го одржат контактот, да комуницираат, да поминуваат време заедно, да ги следат, но не во смисла на контрола, затоа што контролата е најнесоодветна за возраста, туку напротив да ги охрабрат децата во насока на нивна самодоверба и градење однос родител-дете кој би бил исполнет со прифаќање на состојбата со доверба.

Сè може да се случи како искуство, но многу е битно учениците да знаат дека може да им се обратат на своите родители, можат да споделат што се случува затоа што само така можат да добијат и соодветна помош, но и поддршка.

Наташа Јанкулоска Торевска

Exit mobile version