Мисијата на здружението „Ајнштајн“ е подигање на јавната свест за дислексија и други тешкотии во учењето преку информирање и едукација, но и соработка со образовните институции. Една од најзначајните активности која произлегува од соработката на „Ајнштајн“ со општествено одговорните компании е едицијата „Лесно читливи лектири“, лектирите за основно образование со фонт за дислексија.
Долгорочна мисија на издавачката куќа „Арс Ламина“ е да ги направи книгите подостапни за сите читатели, бидејќи сметаме дека читањето не треба да биде привилегија, туку право. Поаѓајќи од ова ја направивме едицијата „Лесно читлици лектири. Станува збор за книги изработени според стандардите за дискексија и според насоките на здружението за дислексија „Ајнштајн“. Во оваа едиција има 80-тина книги, лектири, читанки на македонски и албански јазик, наменети за деца во почетна фаза на читање, но и за лица со дислексија и се за деца од 2-во до 9-то одделение од листата на лектири, одобрени од министерството за образование и наука, вели за „Приказна“, Ана Несторовска Саздовска – ПР во издавачка куќа „Арс Ламина“
Во изработка на книгите се користат соодветни фонтови за дислексија, со што книгите се подостапни и полесни за читање за децата со дислексија.
Секојдневно добиваме доста позитивни коментари за овој проект, посебно од лицата со дислексија, бидејќи за прв пат во Македонија се употребуваат дислексија “френдли“ фонтови со кои што се олеснува читањето кај нив, меѓутоа би нагласила дека овие книги се лесно читливи и за децата кои допрва почнуваат да читаат, значи станува збор за еден поширок проект кој што ги прави книги подостапни за сите, додава Несторовска Саздовска.
Минатата година беше објавена и првата сликовница со кирилскиот фонт DyslexicFZF, „Тито и Дино“.
Со употребата на фонд за дисклексија се олеснува читањето кај децата со дислексија и кај децата кои што допрва учат да читаат и оваа книга само ни го покажа патот како треба да се прават сликовниците, односно книгите за децата кои што се во рано училишна возраст. Книгата е одобрена од здружението „Ајнштајн“ и е направена според стандардите за дислексија. Станува збор за топла и пријателска приказна за едно дете и еден диносаурус кои што по некоја случајност започнуваат да се дружат. Оваа приказна е приказна за пријателството, за надминување на непријатностите од врсничкиот булинг, но и приказна која што дава надеж. Во глобала нашите изданија се трудиме да бидат со поголеми пораки, не само содржински, туку и начинот на кој што ги преставуваме и објавуваме, сакаме да донесат нова димензија, да се крене свесноста за многу ситуации, но има и голем број на теми кои досега не биле добро третирани во детската литература, додава Несторовска Саздовска.
Во иднина, здружението „Ајнштајн“ заедно со своите соработници ќе продолжат со истото темпо да работат на подигнување на јавната свест за дислексијата, но и трасирање на патот Македонија да стане држава која е подготвена да ги прифати потребите на лицата со дислексија и за нив да создаде еднакви можности, можности како што презентиравме и во оваа инспиративна приказна, која значи многу за децата кои се соочуваат со дислексија.
За Приказна,
Ване Маркоски