Дома Вести „Ало Бушавко“ – телефонот за деца и млади регистрирал повеќе проблеми

„Ало Бушавко“ – телефонот за деца и млади регистрирал повеќе проблеми

Менталното здравје е најзастапениот проблем со кој биле засегнати децата и младите, укажуваат наодите од работата на имот на „Ало Бушавко“ телефонот за деца и млади и главните причини за јавувања во текот на минатата година.

Во 2022 на телефонскиот број Ало Бушавко, заклучно со 27 декември, добиени се вкупно 357 дојави, со кои дополнително се остварени 619 разговори. Вкупниот број на деца и млади кои се опфатени со дојавите изнесува 450. Според возрасната група, најмногу од дојавите се однесувале на деца на возраст од 7 до 9 години. Менталното здравје е најзастапениот проблем со кој биле засегнати децата и младите.

„Најчеста причина за јавување е проблем што се однесува на ментално здравје (35% од сите забележани проблеми), потоа повреда (25%), семејни односи (17%), па пристапност (12%). Со помала застапеност учествуваат и категориите на проблеми поврзани со училиштето (7%) и дискриминација и ексклузија (3%)“, посочуваат од детската амбасада „Меѓаши“.

Четири теми се наведуваат како најзастапени причини за кои реагирале децата.

„Во однос на причините заради кои ни се обратиле на ’Ало Бушавко‘, забележуваме дека застапени се сите четири теми – ментално здравје, повреда, семејни односи и пристапност, а во поретки дојави има и други причини за дојава.

Во однос на менталното здравје, најголем дел од дојавите се однесуваат на емоционална вознемиреност – проблеми со гнев, страв и вознемиреност, проблеми со расположение кои се јавуваат како последица од другите категории на проблеми пријавени на Ало Бушавко“, нагласуваат од „Меѓаши“.

Во рамките на втората тема поголем дел од јавувањата се однесуваат на проблеми од категоријата на ментално/емоционално насилство, физичко насилство и занемарување (негрижа). 218 деца биле регистрирани во оваа категорија и подкатегориите во неа како жртви на повреда во најразличен облик. Во вкупниот број забележани проблеми оваа категорија учествува со 25 %. Овие дојави се однесуваат на повеќе видови повреда:

-Меѓуврсничко насилство – 25

-Физичко насилство – 32

-Ментално/емоционално насилство – 43

-Сексуално насилство – 5

-Занемарување (негрижа) – 24

-Економска експлоатација – злоупотреба на детски труд – 11

-Друго/Неодредено – 78

Претседател на Меѓаши, Драги Змијанац информираше дека меѓуврсничкото насилство било присутно во толку голема мера, што некои родители размислувале да се отселат во друга држава.

За третата тема – семејните односи, јавувањата се однесуваат на проблеми и прекршување на правата поврзани со семејните односи.

Во рамки на четвртата тема – пристапност, опфатени се повеќе категории проблеми и тоа: пристап до образование, основни (суштински) потреби што не им се достапни на децата и проблеми со пристап до здравствена заштита, неможноста да се добие потребната медицинска помош и неопходна здравствена заштита.

Според претседател на Меѓаши, Драги Змијанац, пријавувањето на проблемите е добро бидејќи укажува на зголемена храброст да се пријави, но е и показател дека некои работи се повторуваат, поради што е потребна зголемена едукација и советувалишта.

Exit mobile version