Мунира е четириесет и петгодишна жена од Дебар. Пред 15 години не ни претпоставувала дека животот од нормален, ќе и се претвори во кошмар. Се мажи со Баудин и добиваат син, Фазлија. Детето кое требаше да донесе радост во семејството, поради висока температура на шестмесечна возраст добива детска парализа, а Мунира мора да му се посвети комплетно.
Првите шест години од тој миг, ги минува речиси во агонија, со надеж дека ќе се подобри ситуацијата на детето. Да биде судбината посурова, и вториот син се раѓа со истата болест. И малиот Кемал има слична состојба како братот. Кај него состојбата е влошена, тој добива и епилепсија, па неколку пати во денот има грчеви и го проголтува јазикот. Ваквиот тежок живот ја натера Мунира да се пријави во емисијата „Срце на дланка“ и да ја отвори душата пред јавноста.
Очите полни со солзи и ги забележавме уште на влегување, како едвај да сакаше да ни го раскаже проблемот.
Не ми е лесно,вели Мунира. Грев е да ги гледаш, додава таа.
Оваа напатена жена барала помош и под дрво и под камен. Но, досега никој немал слух за нејзиниот проблем. Собрала сили и нашла начин, па, поголемото дете го однела на вежби во Италија. Таму проодело, па сега со помош од родителите, може малку да се движи. Но, за второто дете нема начин и средства да го однесе.
Барем едниот да беше здрав-вели Мунира. Ќе му беше поддршка на другото дете. Секој ден и минува во плачење. Денот во целост и е резервиран за децата кои се зависни од неа, па, домашните обврски ги извршува ноќе. И додека сите спијат, таа не може да заспие. Го чува помалото дете да не добие грчеви, и плаче. Така ја празни душата. Си го смирува срцето. Зашто ова не е живот-ќе каже оваа напатена мајка.
Таа, како и секоја мајка од очите ги чита нивните желби, па, кога големиот син сака да јаде, со рака и покажува, а малиот син не може воопшто да покаже,. Нејзината мајчинска интуиција препознава кога и како треба да го смири.
Поголемиот син може со нејзина помош да оди до бањата, таа таму му помага за одржување на личната хигиена, а помалото за жал, девет години не знае што е топла вода и шампон. Најчесто само го пребришува со влажни марамчиња или со крпа со вода го одмива дел по дел.
После секоја реченица, Мунира кажуваше дека и е претешко.
Таа вели: И, леб и сол ќе јадам до крајот на животот, само на децата барем малку да им помогнам, да им ја олеснам состојбата.
Мунира е благодарна на селаните од село Скудриње, кои знаејќи како живее ова семејство и за проблемот што го имаат, се обединиле и ѝ помогнале да ја направи куќата. Во спротивно, ќе немале ни дом. Сопругот на Мунира зема минимална инвалидска пензија, која стасува само за пелени и лекови за децата.
Петнаесет години, оваа жена не знае што е дружба со пријатели, соседи, роднини.
Таа вели: „Не смеам да ги оставам ни минута сами. Големиот син е поагресивен, а помалиот знае често во денот да добие грчеви и да си го голтне јазикот. Па, морам да бидам постојано со нив и покрај нив. Дење-ноќе сум будна-вели таа. Будна со солзи во очите. Зашто никој не вика тато, мамо викаат. Мене ме бараат“.
„За децата да можам срцето би го откинала“-додава низ солзи Мунира. Само барем малку да знам дека ќе им ја олеснам ситуацијата.
„Многу ми е тешко кога ги гледам другите деца како одат на училиште, зборуваат, се дружат, играат. Моите се осудени во четири ѕида и не знаат што е век“ – низ солзи раскажува Мунира.
Ветив дека ќе ја пренесам нејзината единствена желба. Да и помогнеме да собере средства и најде начин да ги однесе децата на вежби и рехабилитација, само барем малку да им се подобри ситуацијата и да видат дека постои и ден.
Сите што сакате да и помогнете на Мунира,
тоа може да го сторите на телефонскиот број 077/534552 или
на трансакциска сметка 290500019162376
Автор,
Оливера Петрушевска